Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Како да не држиш лутина

Како да не држиш лутина

ПРЕДИЗВИК

Брачниот другар ти рекол или направил нешто со што те повредил и тоа никако не ти излегува од глава. Грубите зборови и безобѕирните постапки ти се неизбришливо врежани во сеќавањето. Па сега, наместо љубов, во тебе гори лутина. Ти се чини дека сте заглавени во брак без љубов. Ова е уште една работа за која му се лутиш.

Сепак, работите можат да се подобрат. Но, најпрво да кажеме збор-два за лутината.

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Долготрајната лутина не ви дава да одите напред

Лутината може да го уништи бракот. Зошто? Затоа што ги поткопува темелите на кои би требало да стои бракот — љубовта, довербата и лојалноста. Значи, лутината не е резултат од проблемите во бракот, таа е проблем во бракот. Затоа, Библијата со добра причина советува: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина“ (Ефешаните 4:31).

Кога држиш лутина, си штетиш самиот себеси. Да држиш лутина е исто како да си удриш шлаканица и да очекуваш другиот да го здоболи. „Понекогаш во себе собираш лутина кон некој од семејството, а тој можеби мирно си спие и си продолжува со животот“, вели Марк Зикел во својата книга Мир во семејството (Healing From Family Rifts). Што е поентата? „Лутината ти нанесува поголема штета отколку оној кому си му лут“, вели Зикел.

Да држиш лутина е исто како да си удриш шлаканица и да очекуваш другиот да го здоболи

Лутината е избор. Некои можеби не се согласуваат со ова и велат: ‚Ама тој ме налути‘. * Проблемот е што со ваквото размислување се става акцент на нешто што не е во наша контрола — постапките на другите. Библијата ни дава еден предлог. Таа вели: „Секој нека го испита своето дело“ (Галатите 6:4). Немаме контрола врз зборовите и постапките на другите, но имаме контрола врз тоа како ние ќе реагираме. Значи, лутината не е единствената опција.

 ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Имај на ум дека ти си одговорна за тоа дали ќе се лутиш или не. Точно, полесно е да ја префрлиш вината на другиот. Но, не губи од вид дека лутината е избор. Истото важи и за простувањето. Од тебе зависи дали ќе го послушаш овој библиски совет: „Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“ (Ефешаните 4:26). Кога си спремна да простиш, на брачните проблеми ќе гледаш попозитивно. (Библиско начело: Колошаните 3:13.)

Објективно проанализирај се. Библијата отворено кажува дека некои луѓе се ‚склони кон гнев и се избувливи‘ (Изреки 29:22). Дали овој опис одговара и на тебе? Запрашај се: ‚Дали сум склона да држам лутина? Колку лесно се навредувам? Дали имам обичај да правам голема работа од ситници?‘ Библијата вели дека оној што „постојано зборува за [престапот], ги раздвојува блиските пријатели“ (Изреки 17:9; Проповедник 7:9). Ова може да се случи и во бракот. Затоа, ако си склона да држиш лутина, размисли: ‚Зошто да не пробам да бидам пострплива со маж ми?‘ (Библиско начело: 1. Петрово 4:8.)

Процени што е навистина важно. Библијата вели дека „има време за молчење и време за зборување“ (Проповедник 3:7). Не мора да расчистуваш секојпат кога маж ти ќе каже нешто што ќе те здоболи. Понекогаш е добро ‚да ги задржиш зборовите во своето срце, на својата постела, и да молчиш‘ (Псалм 4:4). А кога некоја работа навистина треба да се расчисти, почекај да ти помине гневот. „Кога се чувствувам повредена“, вели една сопруга по име Беатрис, „прво се трудам да се смирам. Понекогаш, кога ќе помине малку време, сфаќам дека работата и не била толку сериозна и тогаш можам да зборувам со повеќе почит.“ (Библиско начело: Изреки 19:11.)

Имај на ум што навистина значи да простиш. Во Библијата, зборот „простува“ понекогаш е преведен од еден збор на изворниот јазик кој ја пренесува идејата да преминеш преку нешто. Според тоа, да простиш не значи да ја минимизираш навредата или да замижеш пред она што се случило. Да простиш значи едноставно да преминеш преку тоа и да имаш на ум дека навредата не е таа што ќе се одрази лошо врз твоето здравје и врз твојот брак, туку лутината што ја држиш во себе.

^ пас. 9 Заради едноставност, во оваа статија користиме женски род. Меѓутоа, начелата што се разработени овде важат и за мажите.