ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Молитва
Дали некој ги слуша молитвите?
„Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек“ (Псалм 65:2)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:
Многу луѓе сметаат дека молитвата е залудно трошење зборови. Особено оние што трпат некакви страдања не веруваат дека некој ги слуша нивните молитви.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Во Библијата пишува: „Очите на Јехова [Бог] ги гледаат праведниците и ушите негови ги слушаат нивните сесрдни молитви, а лицето на Јехова е против оние што прават зло“ (1. Петрово 3:12). Очигледно, Бог ги слуша молитвите. Но, тој посебно сака да ги слуша молитвите на оние што му се послушни. Во врска со ова, еден друг стих вели: „Во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14). Значи, оние што од срце му се обраќаат на Бог во молитва треба да знаат какви барања се во склад со неговата волја.
Како треба да се молиме?
„Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто“ (Матеј 6:7)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:
Припадниците на многу религии — на пример, будизмот, исламот, католицизмот, православието и хиндуизмот — се поучени дека треба да користат бројаници за да ги бројат молитвите што ги кажуваат.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Молитвите треба да доаѓаат од срцето и да бидат искрени. Не треба да се учат напамет и да се повторуваат механички. Библијата нѐ поттикнува: „Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто, како што прават луѓето од светот, зашто тие мислат дека ќе бидат услишени затоа што користат многу зборови. Затоа не бидете како нив, зашто Бог, вашиот Татко, знае што ви треба уште пред да го замолите“ (Матеј 6:7, 8).
ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА:
Зарем не би било залудно да му се молиме на Бог ако не го правиме тоа онака како што бара тој? Тоа би можело дури и да го навреди. Библијата предупредува дека молитвата на оној што не сака да ја врши Божјата волја му е „одвратна“ на Бог (Изреки 28:9).
Кому треба да му се молиме?
„Барајте го Јехова [Бог] додека може да се најде! Повикувајте го додека е близу“ (Исаија 55:6)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:
Некои верници ѝ се молат на Марија или на други личности, како што се ангели и луѓе што се почитувани како „светци“. На пример, православните верници често ѝ се молат на „света“ Петка, за која се вели дека е заштитничка од разни несреќи. Католиците, пак, му се молат на „свети“ Антонио од Падова, кој наводно се грижи за духовните и световните потреби на луѓето, а му се молат и на „свети“ Јуда, кој се смета за светец-заштитник во безнадежни ситуации. Многу верници им се молат на таквите „светци“ и на ангелите со надеж дека тие ќе посредуваат за нив кај Бог.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Вистинските верници треба да му се молат на ‚нашиот Татко на небесата‘ (Матеј 6:9). Библијата нѐ поттикнува: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Филипјаните 4:6).