Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЗОШТО ДА ЖИВЕЕШ?

Работите се менуваат

Работите се менуваат

„Притиснати сме од сите страни, но не и сосема притеснети; во недоумица сме, но не очајуваме“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 4:8)

За самоубиството се вели дека е „трајно решение за привремен проблем“. Колку и да ти звучи неверојатно, една тешка ситуација — дури и ситуација над која ти се чини дека немаш никаква контрола — исто така може да биде само привремена. Всушност, таа може неочекувано да се смени на подобро. (Види ја рамката  „Нивните околности се смениле“.)

Дури и да не се случи тоа, најдобро е секој ден да се концентрираш само на проблемите за тој ден. Исус рекол: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. На секој ден му е доволно неговото зло“ (Матеј 6:34).

Но, што ако твојата ситуација не може да се промени? Можеби имаш некоја хронична болест или си во очај поради некоја неповратна загуба, како развод или смрт на некој близок.

Дури и во такви ситуации, сепак има нешто што можеш да смениш: твоето гледиште. Ако се помириш со тоа дека некои работи не можеш да ги смениш, веројатно ќе ти биде полесно да имаш попозитивен став (Изреки 15:15). Исто така, веројатно ќе почнеш да бараш начини да се справиш со ситуацијата, наместо да мислиш дека смртта ти е единствениот излез. Ќе има ли некаков резултат од тоа? Полека ќе стекнеш контрола над она што можеби ти се чинело вон контрола (Јов 2:10).

НЕ ЗАБОРАВАЈ: Планина не можеш да искачиш со еден чекор. Но, можеш да ја искачиш чекор по чекор. Истото важи и за повеќето проблеми што ќе ти се испречат на патот, дури и оние што ти изгледаат како планина.

ПРЕДЛОГ: Разговарај со некого за твојата ситуација — можеби со пријател или со член на семејството. Тој би можел да ти помогне пообјективно да гледаш на ситуацијата (Изреки 11:14).