ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Расизам
Од каде потекнуваат човечките раси?
„Адам на својата жена ѝ го даде името Ева, зашто таа требаше да им стане мајка на сите живи“ (1. Мојсеева 3:20)
ШТО ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ:
Во Декларацијата на УНЕСКО (Организација за образование, наука и култура при Обединетите нации) за расата и расните предрасуди од 1978 год., се вели дека „сите луѓе припаѓаат на ист вид и имаат заеднички предок“.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Бог создал еден маж и една жена, Адам и Ева, и им рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мојсеева 1:28). На тој начин, Адам и Ева станале родители на целото човештво. Подоцна, кога во Потопот загинале речиси сите луѓе на Земјата, преживеале четири брачни парови — Ное и жена му и нивните три сина со жените. Библијата кажува дека сите потекнуваме од синовите на Ное (1. Мојсеева 9:18, 19).
Дали некоја раса е подобра од друга?
„Од еден човек [Бог] го направи целиот човечки род за да живее по целото лице на земјата“ (Дела 17:26)
ШТО РЕКЛЕ НЕКОИ:
Во 20 век, многу групи застапувале расистичка идеологија. На пример, нацистите тврделе дека верувањето во супериорноста на една раса над другите има генетска основа. Од друга страна, документот на УНЕСКО што беше цитиран претходно кажува дека „човечкиот род во основа претставува едно семејство, а тоа подразбира дека сите луѓе и сите народи се еднакви“.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Во Дела 10:34, 35 стои: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“. Од таа причина, никој не може со право да тврди дека една раса е подобра од друга.
Исус покажал по кое мерило треба да се водат христијаните кога на своите ученици им рекол: „Сите вие сте браќа“ (Матеј 23:8). Тој се молел неговите следбеници „да бидат совршено обединети“, а не поделени и разединети (Јован 17:20-23; 1. Коринќаните 1:10).
Ќе се стави ли некогаш крај на расизмот?
„Во последните денови, гората на Јеховиниот дом ќе стои цврсто над планинските врвови... и сите народи ќе се слеваат кон неа“ (Исаија 2:2)
ШТО МИСЛАТ НЕКОИ:
Во многу земји, поради раширената расна нетрпеливост луѓето се сомневаат дали општеството воопшто направило исчекор напред во борбата против расизмот. Некои мислат дека никогаш нема да се постигне расна еднаквост.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Бог нема да ја толерира расната омраза во недоглед. Напротив, под власта на неговото Царство, луѓе „од сите народи и племиња и народности и јазици“ ќе му служат обединето и меѓу нив ќе владее искрена љубов (Откровение 7:9). Божјето Царство не е некоја апстрактна замисла. Тоа е вистинска влада чие владеење силно ќе се почувствува на Земјата — домот што Бог го создал за сите луѓе, без разлика на нивната раса. *
^ пас. 15 Нешто повеќе можеш да прочиташ во поглавје 3 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.