Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Дали си во трка со времето?

Дали си во трка со времето?

„Немам време!“ Колку пати досега си го кажал ова? Во однос на времето, сите луѓе се еднакви. Богатите и влијателните немаат повеќе време од сиромашните. Ниту едните ниту другите не можат да заштедат време. Изгубеното време никогаш не се враќа. Затоа, треба мудро да го користиш времето што го имаш. Да разгледаме четири работи што можат да ти помогнат.

1. Биди организиран

Постави си приоритети. Библијата нѐ советува да ‚процениме што е најважно‘ (Филипјаните 1:10). Направи си список со обврски и задачи кои се важни или итни. Притоа имај на ум дека она што е важно не е секогаш итно. На пример, важно е да ја платиш сметката за телефон, но можеби тоа не е толку итно. Од друга страна, можеби она што ти изгледа итно не е секогаш важно. На пример, можеби си мислиш дека е итно да го фатиш почетокот на омилената емисија, но тоа веројатно не е толку важно. *

Планирај однапред. Во Проповедник 10:10 пишува: „Ако отапи железна алатка и ако сечилото не ѝ биде наострено, човек троши повеќе сила. Значи, успехот лежи во примената на мудроста“. Која е поуката? Со тоа што ќе ја наостриш својата железна алатка, односно ќе планираш однапред, најдобро ќе го искористиш времето. Откажи се од неважните работи или одложи ги за подоцна бидејќи тие само ти ги трошат времето и силата. Ако предвреме си завршил сѐ што си планирал, би можел да започнеш со друга важна задача. Како еден мудар работник кој ќе заштеди сила и време со тоа што ќе ја наостри својата алатка, така и ти, ако планираш однапред, ќе завршиш повеќе работи за пократко време.

Поедностави си го животот. Научи да кажеш не на она што е неважно или на она што само ти го краде времето. Ако имаш премногу обврски, тоа ќе те стави под стрес и ќе ти ја одземе радоста.

 2. Не дозволувај ништо да ти го краде времето

Не одложувај и биди одлучен. „Кој внимава на ветрот, никогаш не сее, и кој гледа на облаците, никогаш не жнее“ (Проповедник 11:4). Која е поуката? Одложувањето го краде времето и ја намалува продуктивноста. Ако некој земјоделец ја одложува работата затоа што чека совршени услови, никогаш нема да сее ниту да жнее. Слично и ние, поради тоа што не знаеме што ни носи животот би можеле да станеме неодлучни. Или, би можеле да мислиме дека треба да знаеме сѐ за да донесеме одлука. Се разбира, кога се работи за важна одлука, треба да собереме доволно информации и добро да размислиме. Во Изреки 14:15 пишува: „Паметниот внимава на своите чекори“. Но, факт е дека честопати ќе мора да носиме одлуки иако не знаеме сѐ за одредена работа (Проповедник 11:6).

Немој да бидеш перфекционист. Во Јаков 3:17 пишува дека мудроста од Бог е разумна. Се разбира, за пофалба е тоа што сакаш добро да ги вршиш задачите. Но, понекогаш може да имаш преголеми очекувања од себеси поради што може да се разочараш, па дури и да доживееш неуспех. На пример, некој што учи странски јазик треба да очекува дека ќе прави грешки и треба да биде спремен да учи од нив. Но, оној што е перфекционист не може да ја поднесе помислата дека ќе греши. Поради ова нема да напредува. Колку подобро би било да имаш скромни очекувања! Во Изреки 11:2 пишува: „Мудроста е кај скромните“. Освен тоа, скромните и понизните не се сфаќаат премногу сериозно и знаат да се смеат на сопствените грешки.

„Работите не ги плаќаш со пари, туку со време“ (Извадок од книгата на авторот и психолог Чарлс Спецано)

 3. Биди урамнотежен и имај реална слика

Најди рамнотежа меѓу работата и рекреацијата. „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6). Луѓето што нон-стоп работат немаат можност да се радуваат на резултатите од својот труд затоа што не им останува време и сила. За разлика од нив, оние што се мрзливи повеќе сакаат да се одмораат и така залудно го губат своето скапоцено време. Библијата нѐ поттикнува да бидеме урамнотежени, односно да работиме трудољубиво и да се радуваме на резултатите. „Тоа е дар Божји“ (Проповедник 5:19).

Не си го скратувај сонот. Еден библиски писател рекол: „Во мир ќе легнам и ќе спијам“ (Псалм 4:8). На повеќето возрасни им се потребни околу осум часа сон за да бидат доволно одморени физички, емоционално и умствено. На долги патеки, спиењето не е изгубено време затоа што сонот ги подобрува концентрацијата и помнењето, а со тоа и способноста за учење. Недостатокот на сон ја намалува способноста за учење и придонесува за несреќи, грешки и нервози.

Биди задоволен со она што можеш да го имаш. „Подобро е да гледаш со очите отколку да се поведуваш по желбите на душата“ (Проповедник 6:9). Која е поуката од ова? Оној што е мудар нема да дозволи неговите желби, особено нереалните желби, да го контролираат неговиот живот. Затоа, тој не паѓа под влијание на добро осмислените реклами ниту, пак, многу лесно зема кредит. Наместо тоа, знае како да биде задоволен со она што може да го има.

 4. Одлучи што ти е најважно

Размисли кои се твоите вредности. Вредностите што ги имаш ти помагаат да процениш кои работи се добри, важни и заслужуваат ценење. Ако го споредиме твојот живот со стрела, вредностите се тие што би ѝ дале насока на стрелата. Добрите вредности ти помагаат да си поставиш исправни приоритети во животот и секој ден да го искористиш најдобро што можеш. Од каде можеш да дознаеш кои се тие вредности? Од Библијата. Многу луѓе сфатиле дека таа е книга во која се наоѓа најголемата мудрост (Изреки 2:6, 7).

Нека те води најважната особина — љубовта. Во Колошаните 3:14 пишува: „[Љубовта] совршено ве поврзува“. Не можеме да бидеме вистински среќни и емоционално стабилни ако не покажуваме или не добиваме љубов, особено во семејството. Луѓето кои го отфрлаат овој факт и на кои им се поважни богатството и кариерата не се среќни. Затоа, оваа возвишена особина во Библијата е спомната стотици пати (1. Коринќаните 13:1-3; 1. Јованово 4:8).

Одвој време да го запознаеш Бог. Еден човек по име Џеф имал среќен брак, две деца, блиски пријатели и добра работа. Но, како медицинско лице честопати гледал како луѓето страдаат и умираат. Тој се прашувал: „Ваков ли треба да биде животот?“ По некое време, во публикациите што ги издаваат Јеховините сведоци нашол логични одговори на своите прашања.

Џеф им кажал на жената и на децата што дознал и така и тие се заинтересирале. Сите започнале да ја проучуваат Библијата, а тоа им помогнало да имаат поисполнет живот и помудро да го користат своето време. Библијата им дала надеж за вечен живот во свет во кој ќе нема страдања и во кој времето нема да се троши залудно (Откровение 21:3, 4).

Искуството на Џеф ни покажува колку се вистинити зборовите на Исус Христос: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Дали сакаш да одвоиш малку време за да го запознаеш Бог? Биди уверен дека ништо друго не може да ти помогне мудро да го искористиш секој ден од твојот живот.

^ пас. 5 Види ја статијата „20 начини да добиеш повеќе време“ што излезе во Разбудете се! од април 2010 год.