СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | МЛАДИ
Притисок од врсниците
ПРЕДИЗВИК
„Во основно училиште повеќето деца не ме прифаќаа и тоа ми паѓаше многу тешко. Затоа, кога тргнав во средно, ги сменив имиџот и однесувањето, ама не на подобро. Толку очајно сакав да имам пријатели што попуштив на притисокот од другите само за да им се допаднам“ (Џенифер, 16). *
Дали и ти си под притисок од врсниците? Ако да, оваа статија ќе ти помогне да се справиш со него.
Кога ќе попуштиш на притисокот од врсниците, ти всушност стануваш како робот што другите го контролираат. Зошто да дозволиш такво нешто? (Римјаните 6:16).
ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ
Под притисок од другите и добри луѓе може да направат лоши работи.
„Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33).
„Свесен си дека одредена постапка е погрешна, ама кога ќе се најдеш под притисок, емоциите преовладуваат и правиш сѐ за да им се допаднеш на другите!“ (Дејна).
Притисокот не доаѓа само од врсниците.
„Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Римјаните 7:21).
„Многу често знам сама да се ставам под притисок. На пример, го посакувам она за што зборуваат другите затоа што звучи толку привлечно“ (Дајана).
Треба да се гордееш секогаш кога ќе одолееш на притисокот од врсниците.
„Зачувајте чиста совест“ (1. Петрово 3:16).
„Порано ми беше многу тешко да се борам со притисокот од врсниците, но сега не ми е страв да бидам поинаква и цврсто се држам за своите одлуки. Нема ништо поубаво од тоа навечер да си легнеш со чиста совест“ (Карла).
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ
Кога си под притисок да направиш нешто неисправно, пробај ги следниве предлози:
Размисли за последиците. Прашај се: ‚Што ако попуштам на притисокот и потоа се дознае за тоа? Што ќе мислат за мене моите родители? Какво мислење ќе имам јас за себе?‘ (Библиско начело: Галатите 6:7.)
„Родителите обично ме прашуваат: ‚Ако попуштиш, што би можело да ти се случи?‘ Ми помагаат да сфатам како притисокот од врсниците може да ме наведе на лош пат“ (Оливија).
Држи се за своите ставови. Прашај се: ‚Зошто верувам дека ова ќе има лоши последици или за мене или за другите?‘ (Библиско начело: Евреите 5:14.)
„Кога бев мала, само ќе речев ‚не‘ или ќе кажев нешто кратко, но сега можам добро да објаснам зошто ќе направам или нема да направам нешто. Имам цврсти ставови во однос на тоа што е исправно, а што погрешно. Тоа се мои ставови, а не наметнати“ (Анита).
Размислувај за тоа каков си и каков сакаш да бидеш. Прашај се: ‚Каква личност сакам да бидам?‘ Потоа размисли со каков притисок се соочуваш и прашај се: ‚Што би направила една таква личност во оваа ситуација?‘ (Библиско начело: 2. Коринќаните 13:5.)
„Знам која сум и што сум и задоволна сум со себеси. Што мислат другите за мене си е нивна работа. Освен тоа, повеќето луѓе ме прифаќаат таква каква што сум“ (Алиша).
Не се концентрирај само на сегашноста. Ако сѐ уште си во училиште, за неколку години — или дури и за неколку месеци — истите оние што сега се обидуваш да ги импресионираш можеби никогаш повеќе нема ни да ги видиш.
„Кога гледам слики од школо, не можам ни да се сетам како се викаат некои. Но, кога одев на училиште нивното мислење толку ми значеше што бев спремна да ги погазам своите верувања. Колку неразумно!“ (Дона, сега 22).
Подготви се. Библијата вели: „Да знаете секому да му одговорите како што треба“ (Колошаните 4:6).
„Родителите нѐ поттикнуваа мене и сестра ми да си замислиме некоја ситуација, а потоа да ја одглумиме за да знаеме што да правиме кога навистина ќе се најдеме во таква ситуација“ (Кристин).
^ пас. 4 Некои имиња во оваа статија се сменети.