Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА | ПРОГЛАСОТ

Ултиматум во името на Бог?

Ултиматум во името на Бог?

„Ако не го направите ова... ќе дојдам во името на Бог и ќе ве нападнам од сите страни и на секој можен начин. Ќе ве направам покорни и послушни на Црквата и на неговото Височество; ќе ви ги земам жените и децата и ќе ве направам робови... и ќе ви го земам имотот и ќе ви наштетам на секој можен начин... Но, за жртвите и штетите ќе бидете одговорни самите, а не неговото Височество или ние.“

ВЕРОЈАТНО ова е најбизарниот официјален проглас што некогаш бил издаден. Тој е дел од еден документ познат како Прогласот, или на шпански el Requerimiento. Во текот на 16 век, шпанските конквистадори морале наглас да го читаат овој проглас кога ќе пристигнеле во двете Америки со цел да ја освојат земјата.

Што всушност им читале конквистадорите на локалните жители и зошто?

Присилно преобраќање во католицизам

Кратко откако Колумбо стапнал на американско тло во 1492 год., и Шпанија и Португалија тврделе дека имаат право да владеат со новите територии. Бидејќи и двете земји сметале дека папата е Христов претставник на Земјата, побарале тој да го реши спорот. По налог на папата, црквата им ги поделила новооткриените територии на Шпанија и на Португалија — под услов и двете земји да испратат мисионери што ќе ги преобратат староседелците.

Како што конквистадорите освојувале сѐ повеќе територии, шпанското кралство барало начин некако да ги оправда нивните потфати. Бидејќи Шпанците тврделе дека папата ја спровел Божјата волја кога им ги дал новите територии, конквистадорите имале одврзани раце да прават што сакаат со домородците и со нивните поседи.

Шпанците составиле документ за да го известат локалното население за одлуката на папата. Од домородците се барало да го прифатат христијанството и да станат поданици на кралот на Шпанија. Ако одбиеле, Шпанците сметале дека се должни да водат „праведна“ војна против нив во името на Бог.

„Насилството било допуштено од оправдана причина, барем такво мислење владеело. Затоа, Шпанија морала да смисли оправдани причини“ (Франсис Саливан, језуит и професор по теологија)

„Неправеден, безбожен, скандалозен“

Шпанската круна барала да се чита el Requerimiento за да си ја смири совеста и за да ја оправда колонизацијата. Често се случувало конквистадорите да го читаат прогласот на бродот пред да ја нападнат земјата или на копно пред населението кое не ги разбирало европските јазици. Понекогаш документот се читал пред празните колиби што ги напуштиле преплашените домородци.

Резултатот од ваквиот обид за присилно преобраќање било ужасно крвопролевање. На пример, во една битка во Чиле во 1550 год. биле масакрирани околу 2.000 Арауканци. Во врска со оние што преживеале, конквистадорот Педро де Валдивија му рекол на кралот: „На двесте од нив им беа отсечени рацете и носовите бидејќи не сакаа да ги послушаат наредбите што им ги пратив многу пати како што заповеда Вашето Височество“. a

Со читање на el Requerimiento, освојувачите можеби успевале да си ја смират совеста. Меѓутоа, тоа не помогнало да се рашири религијата на Шпанците. Бартоломеј де Лас Касас, мисионер и свештеник од 16 век, бил сведок на последиците од el Requerimiento. Тој напишал: „Колку неправеден, безбожен, скандалозен, неразумен и апсурден беше тој налог! А да не зборувам колкав срам фрли врз христијанската вера“. Историчарот Гонзало Фернандез де Овиедо изразил жалење дека ѕверствата врз домородното население во двете Америки оставиле многу лош впечаток за христијанството.

Дали Бог е виновен за таквите ѕверства извршени од политичките и црковните власти, наводно во негово име? Библијата вели: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ (Јов 34:10).

a Според некои извори, el Requerimiento бил укинат во 1573 год.