ИНТЕРВЈУ | МАСИМО ТИСТАРЕЛИ
Дизајнер на роботи зборува за својата вера
Професор Масимо Тистарели е научник на Универзитетот во Сасари (Италија). Тој е еден од уредниците на три меѓународни научни списанија и коавтор на преку сто научни трудови. Врши истражувања за тоа како луѓето препознаваат лица и прават навидум едноставни работи како што е фаќањето топка. Потоа дизајнира визуелни системи кај роботи — системи кои го копираат она што ние го правиме. Разбудете се! зборуваше со него за неговата вера и професија.
Во која религија сте роден?
Моите родители беа католици, но не одеа во црква. Како млад, повеќе ме привлекуваше атеизмот. На училиште учевме дека животот настанал по пат на еволуција, и за мене тоа беше факт. Но, иако не верував дека постои Творец што нѐ создал, сметав дека мора да постои некоја виша сила. За да откријам која е таа сила, ги истражував будизмот, хиндуизмот и таоизмот, но не најдов задоволувачки одговор.
Како почнавте да се интересирате за науката?
Уште од дете ме интересираа машини. Имав навика да ги расклопувам и да ги склопувам играчките на батерии. А татко ми, кој работеше во телекомуникации, го бомбардирав со куп прашања за тоа како функционираат радиото и телефонот.
Со што се занимавате како научник?
Студирав електронско инженерство на Универзитетот во Џенова, а потоа изработив докторска дисертација за роботски дизајн. Се посветив на изучување на визуелниот систем кај човекот и на изнаоѓање начини тие сознанија да се применат кај роботите.
Зошто толку Ве интересираше визуелниот систем?
Визуелниот систем кај човекот е неверојатно сложен и вклучува многу повеќе отколку нашите очи — ја вклучува дури и обработката на визуелните информации. На пример,
да размислиме што се случува кога сакаме да фатиме топка. Трчајќи да ја фатиш, леќата на окото ја фокусира сликата од топката врз мрежницата. Оваа слика се движи низ мрежницата на начин што зависи од движењето и на топката и на твоите очи. Се разбира, обично очите ги фокусираш на топката. Нејзината слика се фиксира на твојата мрежница, а сѐ друго „се движи“.Во исто време, твојот визуелен систем ја пресметува брзината и траекторијата на топката. Неверојатно е што овие пресметки почнуваат уште во мрежницата, додека твоето око го пресметува движењето на топката во однос на околината. Потоа, очниот нерв ги испраќа до мозокот импулсите што ги создава мрежницата, а мозокот ги обработува информациите и ти дава наредба да ја фатиш топката. Целиот овој процес е неверојатно сложен.
Што Ве убеди дека постои Творец?
Во 1990 год., бев неколку месеци во Даблин (Ирска), каде што вршев некои истражувања на Тринити Колеџот. На враќање дома, јас и жена ми, Барбара, размислувавме за иднината на нашите деца. Решивме да ја посетиме и сестра ми која беше Јеховин сведок. Таа ми ја даде книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?, издадена од Јеховините сведоци. Бев импресиониран од истражувањето вложено за да се состави оваа публикација. Одеднаш ми стана јасно дека сум ја прифатил еволуцијата без да ја испитам. На пример, мислев дека фосилните остатоци ја потврдуваат еволуцијата. Но, не е така. Всушност, колку повеќе ја испитував еволуцијата, толку поубеден бев дека се темели на неосновани претпоставки, а не на факти.
Размислив за роботите што ги дизајнирав. Чии изуми, всушност, копирав?
Тогаш размислив за роботите што ги дизајнирав. Чии изуми, всушност, копирав? Никогаш не би можел да направам робот што ќе фаќа топка како што фаќаме ние. Точно е дека еден робот може да биде програмиран да фати топка, но само во прецизно контролирани услови. Не би можел да го направи тоа во околности за кои не е програмиран. Ние имаме неспоредливо подобра способност од една машина — па и машините некој ги создал! Ова е само еден од многуте факти што ме наведоа да заклучам дека постои Творец.
Зошто станавте Јеховин сведок?
Делумно затоа што мене и на Барбара ни се допадна тоа што Сведоците многу темелно проучуваат. Посебно бев одушевен колку истражуваат за своите публикации. Ваквиот пристап е многу привлечен за луѓе како мене, кои сакаат да навлезат во детали. На пример, многу се заинтересирав за големиот број пророштва запишани во Библијата. Проучувајќи ги, се уверив дека Библијата навистина е од Бог. Во 1992 год., јас и Барбара се крстивме како Јеховини сведоци.
Дали научните истражувања ја ослабнаа Вашата вера?
Напротив, науката ми ја зајакна верата. Да ја земеме за пример нашата способност да распознаваме лица. Едно бебе ја има оваа способност само неколку часа по раѓањето. Можеме веднаш да препознаеме некој наш познајник, дури и во толпа луѓе. Можеме да препознаеме и во какво расположение е. Она за што можеби не сме свесни е дека, за да препознаеме некого, треба се обработат огромен број информации со неверојатна брзина.
Да, потполно сум убеден дека нашиот визуелен систем е прекрасен дар од Јехова Бог. Неговите дарови, меѓу кои е и Библијата, ме поттикнуваат да му благодарам, а и да им кажувам на другите за него. Чувството за правда ми кажува дека тој заслужува голема фалба за сите негови дела.