Очи в очи со горили
ДЛАБОКО во екваторијалната дождовна шума на Централноафриканската Република се наоѓа национално богатство кое малкумина го имаат видено. Цели 12 часа возевме низ карпести патеки за да стигнеме до националниот парк Ѕанга-Ндоки, резерват со недопрена природа во југозападниот дел од земјата, помеѓу Камерун и Република Конго. Сакавме да го видиме горилата Макумба и неговото семејство.
Водич ни беше една жена по име Бара. Таа ни рече да се движиме во група и да внимаваме на слоновите бидејќи ќе поминеме низ места по кои тие секојдневно се движат барајќи храна. Но слоновите не ни беа единствената грижа. „Ако ве нападне горила“, нѐ предупреди Бара, „стојте мирно и гледајте в земја. Нема да ве повреди. Ќе прави само голема врева. Не гледајте го во очи. Мене лично ми е полесно да замижам.“
Заедно со Бара одевме по еден трагач на диви животни од народот Баака, чии припадници се сметаат за пигмејци врз основа на нивните физички карактеристики и нискиот
раст. Овој домородец со големо искуство во следење траги, само на темел на најмали знаци, миризби и звуци може да го насети присуството дури и на животните до кои е најтешко да се дојде. Над нас летаа роеви досадни пчели. Се мачевме да држиме чекор со трагачот додека тој без никаква мака се пробиваше низ густата вегетација.По кратко време, нашиот трагач нѐ одведе до една недопрена шума каде што ретко стапнала нога на некој од Западот. Потоа одненадеж запре и со рацете покажа кон еден голем дел од шумата близу до патеката по која се движевме. Таму можевме да видиме налегнати грмушки и трева каде што си играле млади горили, како и искршени и соголени гранки — остатоци од нивната ужинка. Со секој наш чекор растеше и нашата возбуда.
Откако поминавме околу 3 километри, трагачот го забави чекорот. За да не ги уплашиме горилите, тој неколкупати направи звук со јазикот. Во близина можевме да чуеме длабоко рикање и кршење на гранки. Нашиот водич ни даде знак да продолжиме. Го стави прстот на устата за да ни покаже дека треба да бидеме многу тивки. Ни рече да клекнеме и ни покажа кон дрвјата. И тогаш го здогледавме — на околу 8 метри од нас стоеше Макумба!
Претходно бучната шума потона во тишина. Единствениот звук беше чукањето на нашите срца. Се разбира, на сите ни прелета мислата ‚А ако се стрча кон нас?‘ Но, Макумба само се сврте, нѐ погледна незаинтересирано и убаво се проѕевна! Не мора ни да кажеме колку ни олесни!
Иако на јазикот ака името Макумба значи „Брзиот“, додека ние бевме таму, Макумба спокојно си седеше и уживаше во утринскиот оброк. Близу до него, две млади горили палаво се бореа и се скокоткаа. Десетмесечниот Сопо, со очи како филџани, си играше во близина на мајка му Мопамби, која нежно ќе го повлечеше кон себе секојпат кога неговата бескрајна љубопитност ќе го одведеше малку подалеку од нејзиниот дофат. Другите од семејството или береа лисја и вадеа срцевина од гранките или правеа разни лудории. Фрлија краток поглед на нас, по што веќе не им бевме интересни и си се вратија на својата игра.
По еден час набљудување, моравме да тргнеме назад. Изгледа дека и на Макумба му здосадивме. Рикна гласно, се подигна на силните и големи раце и си замина во шумата. За неколку секунди, го снема целото семејство. Иако поминавме само кратко време со овие прекрасни животни, споменот ќе ни остане засекогаш.