Дебели деца — има ли решение?
СПОРЕД Министерството за здравство и социјална помош на САД, во периодот 1980-2002, бројот на тинејџери со прекумерна тежина се зголеми трипати, а бројот на помали деца со истиот проблем повеќе од двапати. Долгорочно гледано, дебелината кај децата го зголемува ризикот од некои здравствени проблеми како што се висок крвен притисок, дијабетес, кардиоваскуларни болести и неколку видови рак. a
Дебелината кај децата може да биде предизвикана од повеќе фактори, како што се физичката неактивност, рекламните кампањи чија целна група се младите и евтината и лесно достапна нездрава храна. Од Американскиот центар за контрола и превенција на болести велат: „Дебелината кај децата е резултат на внесување премногу калории и недоволна физичка активност“.
Добро е и децата, и тинејџерите, и возрасните да размислат како се хранат. Со само неколку едноставни чекори, без да се оди во крајности, може да се постигне многу. Да го разгледаме искуството на еден млад човек по име Марк, чие здравје значително се подобрило откако ги сменил навиките на исхрана. „Едно време бев зависник од нездрава храна“, признава тој. Разбудете се! зборуваше со Марк за да дознае што му помогнало да направи промена.
Кога почна твојот проблем со храната?
Кога завршив средно. Отприлика во тоа време почнав многу често да јадам надвор. Во близина каде што работев имаше два ресторана за брза храна, па речиси секој ден јадев во некој од нив. Ми беше многу полесно да одам во ресторан отколку сам да готвам.
Како беше откако се отсели од дома?
Тогаш почнав да се хранам уште понездраво. Не знаев да готвам и немав многу пари, а мојот омилен ресторан за брза храна не беше далеку. Мислев дека наједноставно и најевтино е таму да се хранам. Освен тоа, не само што јадев нездрава храна туку јадев и премногу. Не ми беше доста само стандардна порција брза храна. Нарачував
повеќе помфрит, поголема чаша газиран сок и уште еден хамбургер — сѐ што можев да си дозволам — и тоа од најголемата порција.Што беше пресвртница за тебе?
По 20-тата, почнав посериозно да размислувам за здравјето. Имав премногу килограми. Бев тромав и немав самодоверба. Знаев дека морам да сменам нешто.
Како успеа да се контролираш колку јадеш?
Почнав постепено да правам промени. Прво, ја намалив количината. Си велев: „Ова не ми е последен оброк, пак ќе јадам“. Некогаш дословно морав да станам и да се тргнам од масата. Но после тоа се чувствував добро, како да сум добил некоја награда.
Мораше ли да направиш некои драстични промени?
Од некои работи потполно се откажав. На пример, престанав да пијам газирани пијалаци и пиев само вода. Тоа не беше лесно. Сакав газирани сокови и мразев вода. Прво ќе се напиев чаша вода, а потоа неколку голтки сок, чисто за вкус. По некое време, водата ми стана повкусна.
Што друго направи освен што ја остави нездравата храна?
Ја заменив со нешто подобро. Почнав да јадам овошје — јаболка, банани, јагоди, боровинки, малини и бостан. Исто така, во исхраната внесов и безмасни протеини, како пилешко или туна. Со текот на времето, оваа храна ми стана омилена. Гледав да јадам повеќе зеленчук, а помалку од главниот оброк. Сфатив дека постои помала веројатност да се прејадам ако каснам нешто здраво за ужина меѓу главните оброци. По некое време веќе не ме фаќаше стрв за нездрава храна.
Дали сосема престана да јадеш во ресторани?
Не, понекогаш одам да јадам во ресторан. Но, тогаш внимавам колку јадам. Ако порцијата што сум ја нарачал е многу голема, ја делам на два дела. Пред да почнам да јадам, го замолувам келнерот да ми ја спакува едната половина за носење. Така ќе изедам помалку и нема да ми биде непријатно дека сум оставил нешто во чинијата.
Каква корист имаш од промените што си ги направил?
Ослабев и имам повеќе енергија. Имам поголема самодоверба. А што е најдобро, среќен сум што знам дека кога се грижам за моето здравје, му носам слава на Бог кој ми подарил живот (Псалм 36:9). Порано мислев дека е досадно да водиш здрав живот. Но, сега кога почнав да се хранам здраво, не би го менувал тоа за ништо на светот! b
a Експертите велат дека кај младите со прекумерна тежина има 70 отсто поголеми шанси да имаат прекумерна тежина и како возрасни.
b Разбудете се! не се залага за некој посебен начин на исхрана. Секој треба добро да размисли и да се консултира со лекар пред да избере како ќе се храни. Избегнувај ги популарните диети, кои можат да бидат многу штетни.