Што вели Библијата
Дали ѕвездите влијаат врз твојот живот?
Дали ме сака?
Дали да патувам денес?
Ќе ја добијам ли работата?
ОДГОВОРОТ на вакви и слични прашања многумина го бараат во астрологијата. a Но, дали ѕвездите навистина влијаат врз твојот живот? Можат ли да ти помогнат да дознаеш нешто повеќе за твојата иднина или за себе? Што вели Библијата?
Можат ли ѕвездите да влијаат врз нашата иднина?
Некои луѓе веруваат дека од пишаното не се бега. Тие велат дека иднината ни е веќе пишана и дека ѕвездите можат да ни ја откријат. Но, Библијата ни кажува нешто сосема друго. Во неа пишува дека Бог им дава на луѓето право на избор, што значи дека тие имаат извесна контрола врз она што им се случува во животот. На пример, Бог им рекол на Израелците: „Пред вас ставам живот и смрт, благослов и проклетство. Затоа избери го животот за да останеш жив, ти и твоето потомство“ (5. Мојсеева 30:19).
Со тие зборови, Јехова Бог јасно им дал до знаење дека во голема мера имаат контрола врз својата иднина. Ако ги слушале
неговите заповеди, ќе добиеле благослов од него. Ако не ги слушале, ги чекале неволји.Размисли: Ако иднината на секој Израелец била однапред запишана во ѕвездите, логично ли е Бог да ги поттикне да изберат живот? Дали би било праведно од Бог да ги смета за одговорни за нивните постапки врз кои тие немале никаква контрола?
Поуката од Библијата е јасна: Нашата иднина зависи од одлуките што ги носиме, а не од ѕвездите (Галатите 6:7).
Влијаат ли ѕвездите врз тоа каква личност ќе бидеме?
Повеќето астролози не веруваат во предодреденост. „Ние самите си ја кроиме судбината“, вели еден астролог, но потоа продолжува: „Од друга страна, датумот и времето на нашето раѓање влијаат врз тоа какви личности ќе бидеме.“ И многу други луѓе имаат слични верувања. Тие сметаат дека ако ѕвездите и планетите физички влијаат врз нашата планета, тогаш можно е да влијаат и метафизички. Што покажува Библијата?
Библијата не е научна книга која го објаснува секој детаљ за човечкото тело и универзумот. Сепак, објаснува зошто Јехова ги создал небесните тела. Во 1. Мојсеева 1:14, 15 пишува: „Бог рече: ‚Нека настанат извори на светлина на небесниот свод за да го одделуваат денот од ноќта и да служат како знаци за времињата... нека ја осветлуваат земјата‘“.
Размисли: Ако Бог ги создал ѕвездите за да влијаат врз нашата личност, зарем не би ни го кажал тоа?
Што можеме да заклучиме? Ѕвездите се Божји творби, но тие не влијаат врз нашата личност.
Подобар начин да дознаеш за иднината
Пофално е да имаме желба да ја дознаеме нашата иднина или да се осознаеме себеси. Но, постои подобар начин да дознаеме за иднината отколку преку ѕвездите.
Библијата вели дека Јехова Бог ‚од почетокот го јавува завршетокот‘ (Исаија 46:10). Тој има намера која ќе ја исполни наскоро (Исаија 55:10, 11). Ако ја читаме Библијата, ќе дознаеме која е неговата намера. Оваа древна света книга исто така објаснува зошто страдаме и како Бог ќе им стави крај на сите работи што го измачуваат човештвото b (2. Петрово 3:13; Откровение 21:1-4).
Најдобар начин да се запознаеме себеси и да се подобруваме како личности е да бараме водство од Библијата. Зошто? Бидејќи читањето на Библијата ни помага да стекнеме објективно гледиште за себеси. На пример, таа вели дека Јехова Бог е „милосрден“, „бавен на гнев“ и ‚спремен да прости‘ (2. Мојсеева 34:6; Псалм 86:5). Но, дали ние сме такви? Библијата може да го разоткрие нашето погрешно размислување и да ни помогне да видиме каде треба да се поправиме.
Затоа, нема потреба да се потпираме на ѕвездите за да ја дознаеме иднината или за да се осознаеме себеси. Подобро е да се потпреме на Светото писмо кое е „вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање“ (2. Тимотеј 3:16, 17).
a Астрологијата ги изучува Сонцето, Месечината, планетите и ѕвездите на темел на верувањето дека овие небесни тела имаат влијание врз нас и можат да ни помогнат да се осознаеме себеси.
b Нешто повеќе во врска со Божјата намера можеш да прочиташ во 3. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.