Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата — книга со точни пророштва — дел 6

„Последните денови“

Библијата — книга со точни пророштва — дел 6

Во оваа серија од осум статии е разгледано едно извонредно обележје на Библијата — пророштвата запишани во неа. Статиите ќе ти помогнат да дојдеш до одговорот на овие прашања: Дали библиските пророштва се едноставно производ на некои паметни луѓе? Или, пак, се дело на Бог? Испитај што велат доказите.

ЖИВЕЕМЕ во тешки времиња. Од сите краишта на светот постојано слушаме вести за катастрофи и немири. Дали моменталната светска ситуација има некакво посебно значење?

Пред околу 2.000 години, Библијата прорекла дека светот ќе се соочи со најтешки неволји кога ќе дојде „свршетокот на овој поредок“ (Матеј 24:3). Ова не се однесува на „крајот на светот“, како што стравуваат многумина. Всушност, Библијата ги опишува настаните и ставовите на луѓето во периодот наречен „последните денови“, односно дава знак по кој ќе се препознае тоа време (2. Тимотеј 3:1). Исус им рекол на своите следбеници дека кога ќе видат „дека сето тоа се случува“, набрзо може да очекуваат спас (Лука 21:31). Да разгледаме некои од пророштвата кои покажуваат дека живееме во посебно време.

Пророштво 1

„Ќе се крене народ против народ“ (Матеј 24:7).

Исполнување: На почетокот на 20 век, многу луѓе очекувале засекогаш да владее мир. Светот бил шокиран кога избувнала Првата светска војна, по која следела ера на невидени војни. Како што претскажала библиската книга Откровение, мирот бил одземен „од земјата за луѓето да се убиваат едни со други“ (Откровение 6:4).

Што велат доказите:

  • „Се чини дека со избувнувањето на Првата светска војна во 1914 год. беше означен крајот на една и почетокот на друга ера“ (The Origins of the First World War, издадена во 1992 год.).

  • Иако не се знае трагичниот биланс на жртвите од Првата светска војна, една енциклопедија проценува дека само бројот на загинати војници е 8.500.000.

  • Втората светска војна одзеде многу повеќе животи — се проценува дека во неа загинаа некаде помеѓу 35 и 60 милиони војници и цивили.

  • Од крајот на Втората светска војна до 2010 год., имаше 246 вооружени конфликти на 151 место во светот.

Пророштво 2

„Ќе има глад“ (Матеј 24:7).

Исполнување: Во 20 век, од глад умреа над 70 милиони лица. Гладот сѐ уште е глобален проблем.

Што велат доказите:

  • Според Обединетите нации, гледано на светско ниво, најголема закана по здравјето на луѓето е гладот, а во моментов секој седми човек во светот нема доволно за јадење.

  • „Денешниот недостиг на храна не се должи на повремени лоши жетви предизвикани од временски непогоди, туку на четири сериозни проблеми што веќе долго време постојат и сѐ повеќе се влошуваат: брзиот пораст на населението, губењето на обработливите површини, сѐ поголемиот недостиг на вода и покачувањето на температурите“ (Scientific American).

Пророштво 3

„Ќе има силни земјотреси“ (Лука 21:11).

Исполнување: Бидејќи сѐ повеќе луѓе живеат на трусни подрачја, бројот на лица кои загинале или претрпеле штета во земјотрес нагло порасна.

Што велат доказите:

  • Во Светскиот извештај за катастрофите за 2010 стоеше: „Од сите големи катастрофи во последниве години, сеизмичките поместувања одзедоа најмногу животи“.

  • Од 1970 до 2001 год., просекот на регистрирани катастрофални земјотреси a беше 19 годишно, со просечно 19.547 жртви. Во периодот 2002-2012, овој просек се зголеми на 28 катастрофални земјотреси годишно, со просечно 67.954 жртви.

Пророштво 4

„На разни места ќе има смртоносни зарази“ (Лука 21:11).

Исполнување: И покрај напредокот на медицината, секоја година милиони луѓе умираат од заразни болести. Меѓународниот сообраќај и сѐ поголемата концентрација на население во градовите ги зголемува шансите епидемиите брзо да се шират.

Што велат доказите:

  • Се проценува дека во 20 век од големи сипаници умреа 300-500 милиони лица.

  • Организацијата Worldwatch Institute известува дека во последниве три децении „се појавија повеќе од триесет претходно непознати болести, како што се еболата, ХИВ-вирусот, хантавирусот и сарсот“.

  • Светската здравствена организација го даде следново предупредување во врска со порастот на микроби отпорни на лекови: „Светот е на прагот на постантибиотичка ера во која за многу вообичаени заразни болести ќе нема лек, и тие повторно [ќе] сеат смрт“.

Пророштво 5

Луѓето „ќе се предаваат едни со други, и ќе се мразат едни со други... Кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24:10, 12).

Исполнување: Омразата како причина за геноцид згаснала милиони животи. Во голем број земји, вооружените конфликти и криминалот водеа до постојани бранови насилство и зголемен страв.

Што велат доказите:

  • Нацистичкиот режим уби шест милиони Евреи и милиони други лица. Коментирајќи за реакцијата на обичниот народ, писателот Зигмунд Бауман вели: „Наместо со бурни негодувања, масовните убиства беа проследени со мртва тишина и рамнодушност“.

  • Според Би-Би-Си, се проценува дека околу 800.000 Тутси и умерени Хуту беа убиени за само неколку месеци. Еден истражувач проценува дека во масовните убиства учествувале околу 200.000 луѓе.

  • Секоја година, повеќе од 740.000 луѓе умираат како последица на криминал и на вооружени конфликти.

Пророштво 6

„Луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари... бесчувствителни кон другите“ (2. Тимотеј 3:2, 3).

Исполнување: Живееме во свет воден од алчност и без никакво чувство за морал. Ваквите ставови се причина за многу општествени проблеми.

Што велат доказите:

  • Во еден извештај за состојбата на децата што го даде канцеларијата на УНИЦЕФ во Обединетото Кралство се вели дека родителите и децата во таа земја „како да се фатени во мрежата на неконтролираното трошење“. Семејствата купуваат материјални работи „во обид да надоместат за нарушените семејни односи и за недовербата кон општеството“.

  • Се проценува дека 275 милиони деца низ целиот свет се или жртви или сведоци на семејно насилство.

  • „Се смета дека секоја година само во САД над 500.000 постари лица се злоупотребувани или запоставувани“ (Центар за контрола и превенција на болести).

Пророштво 7

„Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет“ (Матеј 24:14).

Исполнување: Библијата учи дека Божјето Царство е реална влада која владее од небото и чиј Цар е Исус. Ова небесно Царство „ќе ги сотре и ќе ги уништи сите [човечки влади], а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44).

Божјето Царство — што претставува тоа и што ќе постигне — е главната порака што ја пренесуваат Јеховините сведоци низ целиот свет.

Што велат доказите:

  • Над седум милиони Јеховини сведоци во повеќе од 230 земји низ светот ги поучуваат другите за Божјето Царство.

  • Публикациите на Јеховините сведоци, во печатен и во електронски облик, се достапни на преку 500 јазици.

Знакот и твојата иднина

Откако ги разгледале доказите, милиони луѓе дошле до заклучок дека библискиот знак за последните денови се исполнува сега. Како што беше разгледано во првите шест статии од оваа серија, историјата покажува дека Библијата е книга со веродостојни пророштва.

И ти можеш да имаш доверба во она што Библијата го претскажува за иднината. Овие пророштва ќе влијаат и врз твојот живот, зашто Бог ветува дека ќе им стави крај на овие трауматични последни денови. Во последните две статии од оваа серија ќе биде објаснето како ќе завршат „последните денови“ и каква прекрасна иднина ги очекува Земјата и човештвото.

a Според Центарот за истражување на епидемиологијата на несреќите, еден земјотрес е „катастрофален“ ако се карактеризира со најмалку една од следниве работи: загинале 10 или повеќе лица, штета претрпеле 100 или повеќе лица, била прогласена елементарна непогода или била побарана меѓународна помош.