Бог ми даваше утеха низ што и да минував
Бог ми даваше утеха низ што и да минував
Раскажала Викторија Колјои
Лекарот ѝ рече на мајка ми: „Направивме сѐ што можевме за Вашата ќерка. Ќе мора да користи патерици и да носи протези на нозете до крајот на животот“. Како да ми се сруши цел свет! Што живот ќе биде тоа ако не можам да одам!?
РОДЕНА сум на 17 ноември 1949 год., во Тапачула (Чиапас, Мексико). Сум била весело и здраво бебе, најстарото од четири деца. Но, на шест месеци одеднаш сум престанала да лазам и тешко сум се движела. Два месеца подоцна воопшто не сум можела да мрдам. Лекарите биле збунети бидејќи и други бебиња во Тапачула имале слични симптоми. Затоа повикале ортопед од Мексико Сити. По прегледот, тој утврдил дека имаме полио, или детска парализа.
На 3 години имав неколку операции — на колкот, колената и глуждовите. Подоцна болеста ми го зафати и десното рамо. Кога имав 6 години ме одведоа во Мексико Сити за да се лекувам во една детска болница. Мајка ми работеше на една фарма во Чиапас, па затоа во Мексико Сити седев кај баба ми. Меѓутоа, најголем дел од времето минував во болница.
Некаде околу осмата година состојбата малку ми се подобри. Но, подоцна повторно ми се влоши и постепено потполно ја изгубив способноста да се движам. Тогаш лекарите рекоа дека ќе мора да користам патерици и протези до крајот на животот.
На 15 години веќе ми имаа направено 25 операции — на ’рбетот, нозете, колената, глуждовите и прстите на нозете. По секоја операција, требаше да помине време додека да закрепнам. Еднаш, по операцијата, ми ги ставија нозете во гипс. Кога ми го извадија гипсот, морав да правам вежби кои беа прилично болни.
Вистинска утеха
Кога имав единаесет години, додека закрепнував од една операција, мајка ми дојде да ме види. Таа дознала дека Исус ги лечел болните, па дури и дека излекувал еден парализиран човек. Тоа го прочитала во Стражарска кула, списание што го издаваат Јеховините сведоци, кое ми го донесе да го прочитам и јас. Го скрив под перницата, но еден ден го снема. Ми го зеле медицинските сестри кои потоа ме искараа што го читам.
По околу една година, мајка ми повторно дојде од Чиапас за да ме види. Тогаш веќе ја проучуваше Библијата со Сведоците. Ми ја донесе книгата Од изгубениот до повторно воспоставениот рај (From Paradise Lost to Paradise a и ми рече: „Ако сакаш да живееш во ветениот нов свет во кој Исус ќе те излекува, мора да ја проучуваш Библијата“. Па така, кога имав 14 години, почнав да проучувам со Сведоците иако баба ми се противеше. Следната година морав да ја напуштам болницата затоа што беше само за помали деца.
Regained)Што ми помогна
Паднав во депресија. Бидејќи баба ми беше против тоа да ја проучувам Библијата, морав да се вратам во Чиапас и да живеам со родителите. Меѓутоа, ситуацијата дома беше тешка затоа што татко ми беше алкохоличар. Едно време изгубив волја за живот. Размислував да се отрујам. Но, како што проучував, почнав поинаку да гледам на работите. Мислата дека Библијата ветува рај на Земјата ми носеше радост.
Почнав да им кажувам и на другите за прекрасната надеж што ја дава Библијата (Исаија 2:4; 9:6, 7; 11:6-9; Откровение 21:3, 4). На 8 мај 1968 год., кога имав 18 години, се крстив како Јеховин сведок. Од 1974 год. наваму, преку 70 часови месечно зборувам со другите за надежта што ми даде причина да продолжам да живеам.
Активен и исполнет живот
По некое време, јас и мајка ми се преселивме во Тихуана, град во близина на границата помеѓу Мексико и САД. Живееме во куќа приспособена на нашите потреби. Сѐ уште можам да се движам низ дома со протези и патерици, а користам и инвалидска количка со која можам да готвам, да перам и да пеглам. Во служба одам со мало возило на електричен погон адаптирано за моите потреби.
Освен што зборувам за библиските учења со луѓето на улица и во нивните домови, редовно одам во блиската болница и разговарам за Библијата со оние што чекаат за преглед. На враќање пазарувам што ни треба за дома и одам да ѝ помогнам на мајка ми околу готвењето и домашните работи.
Заработувам продавајќи носена облека. Сега мајка ми има 78 години и не може да прави многу затоа што имаше три инфаркти. Јас се грижам за нејзината исхрана и редовно ѝ ги давам лекарствата. И покрај слабото здравје, се трудиме да одиме на нашите христијански состаноци. Сега, повеќе од 30 души со кои низ годините ја проучував Библијата, и самите ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство.
Уверена сум дека наскоро ќе се исполни библиското ветување: „Тогаш [во Божјиот нов свет] сакатиот ќе скока како елен“. Додека да дојде тоа време, ме тешат Божјите зборови: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница“ (Исаија 35:6; 41:10). b
[Фусноти]
a Издадена од Јеховините сведоци во 1958 год. Повеќе не се печати.
b Викторија Колјои почина на 30 ноември 2009 год., на возраст од 60 години. Мајка ѝ почина на 5 јули 2009 год.
[Слика на страница 12]
На седум години, со протези на нозете
[Слика на страница 13]
Во служба одам со возило на електричен погон адаптирано за моите потреби