Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Често поставувани прашања

Често поставувани прашања

Зошто некои луѓе зборуваат против Јеховините сведоци?

Многу луѓе едноставно не се доволно информирани. На други не им се допаѓа проповедничката дејност на Сведоците. Меѓутоа, факт е дека тие го вршат ова дело од љубов кон ближните, свесни дека „секој што го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“ (Римјаните 10:13).

Дали Јеховините сведоци се христијани? Дали се секта?

Јеховините сведоци се христијани бидејќи своите учења ги темелат на Библијата. Меѓутоа, тие не се ниту протестанти, ниту католици, ниту православни бидејќи некои учења на овие религии се небиблиски. На пример, Библијата не нѐ учи дека Бог, кој е самото олицетворение на љубовта, вечно ги мачи луѓето во огнен пекол. Таа не поучува ни дека луѓето имаат бесмртна душа (Езекиел 18:4; Римјаните 6:23). *

Јеховините сведоци се христијани и поради тоа што го следат примерот на Христос во секојдневниот живот. На пример, Христос и првите христијани не се мешале во политика, туку проповедале за Божјето Царство (Лука 4:43; Јован 15:19; 17:14). По нивниот пример, Јеховините сведоци не се мешаат во политика, туку разговараат со луѓето, обично лично, и притоа користат логика и уверливи докази (Дела 19:8).

Секта е група луѓе кои се отцепуваат од една религија и формираат нова, или отстапуваат од учењата на вистинската религија. Јеховините сведоци не се отцепиле од ниту една црква. Освен тоа, според Божјата Реч се одредува која религија е вистинска. Јеховините сведоци строго се држат за Библијата, што значи дека не се секта.

Како изгледаат состаноците на Сведоците?

Нивните состаноци се отворени за јавност и, во основа, претставуваат библиски дискусии на кои присутните честопати имаат можност да коментираат. Еден од нивните седмични состаноци, Теократската школа за служба, им помага на членовите на собранието повешто да поучуваат, да читаат и да истражуваат. Друг состанок е еден 30-минутен библиски говор на тема што посебно би ги интересирала лицата кои не се Сведоци. По овој говор обично следи проучување на Библијата со помош на списанието Стражарска кула. Состаноците почнуваат и завршуваат  со песна и молитва. Не се изнудуваат прилози и не кружи послужавник за доброволни донации (2. Коринќаните 8:12).

Кој ги финансира Јеховините сведоци?

Нивното дело се финансира со доброволни прилози. Сведоците не наплатуваат за крштавања, свадби, погреби или какви и да било верски служби и од нив не се очекува да даваат десеток. Секој што сака да даде прилог може да го пушти во кутиите за прилози кои се неупадливо поставени во Салата на Царството. Јеховините сведоци сами ја печатат библиската литература што ја користат, со што ги намалуваат трошоците, а нивните скромни Сали на Царството и подружници ги градат главно доброволци.

Дали Јеховините сведоци прифаќаат медицинска помош?

Да. Всушност, тие сакаат да ја добијат најдобрата можна медицинска нега за себе и за своите најмили. Освен тоа, многу Сведоци се активни на полето на медицината и работат како медицински сестри и техничари, лекари и хирурзи. Меѓутоа, Јеховините сведоци одбиваат трансфузија на крв. Библијата вели ‚да се воздржуваме... од крв‘ (Дела 15:28, 29). Интересно е тоа што сѐ поголем број лекари ја сметаат бескрвната медицина за најдобра практика бидејќи овозможува да се избегнат многу здравствени ризици поврзани со употребата на крвни производи.

^ пас. 5 Нешто повеќе за библиското гледиште за овие и за многу други важни теми можеш да најдеш во книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.