Употреба и злоупотреба
Употреба и злоупотреба
АНЏИ чула кога нејзините родители спомнале дека лекарствата на брат ѝ му го намалуваат апетитот. Бидејќи била загрижена за својата тежина, почнала скришно да зема од неговите апчиња. Пиела по едно на неколку дена. За да не дознаат родителите, замолила некој пријател што ги користел истите лекови да ѝ даде неколку апчиња. a
Зошто толку многу луѓе ги злоупотребуваат лековите? Една причина е тоа што се лесно достапни — ги има по домовите. Како второ, многу млади тргнуваат од една погрешна претпоставка дека не е против законот да се земаат лекарства без лекарска препорака. И, како трето, им се чини дека лековите на рецепт се побезбедни од дрогата. Некои млади си мислат дека, ако одреден лек можат да го земаат и деца, тогаш не може да им наштети.
Се разбира, ако правилно се користи, препишаниот лек може да го подобри здравјето и квалитетот на животот, па дури и да спаси нечиј живот. Но, ако се злоупотребува, може да биде штетен исто колку и дрогата што се продава на улица. На пример, злоупотребата на стимуланси може да предизвика срцев застој или грчеви. Други лекови можат да го забават дишењето и да доведат до смрт. Лекот може да биде штетен и ако се земе во комбинација со други лекарства или со алкохол. Според весникот Arizona Republic, на почетокот на 2008 год., еден популарен актер умрел од „смртоносна комбинација од шест транквилизатори, лекови за спиење и аналгетици“.
Друга потенцијална опасност е зависноста. Ако се земаат во преголеми дози или од погрешна причина, некои супстанции дејствуваат
исто како и дрогата — ги стимулираат центрите во мозокот кои даваат чувство на задоволство, што може да води до зависност. Меѓутоа, наместо да го продолжи чувството на возбуда или да им помогне на луѓето да се справат со проблемите, злоупотребата на лекови им ја влошува состојбата. Може да им го зголеми стресот, да ги турне во уште подлабока депресија, да им го упропасти здравјето и способноста нормално да функционираат, да доведе до зависност или до комбинација од овие симптоми. Тоа, пак, води до проблеми дома, на училиште или на работа. Тогаш, која е разликата помеѓу исправната употреба на препишаните лекови и нивната злоупотреба?Употреба или злоупотреба?
Едноставно кажано, исправно употребуваш еден лек ако го земаш според упатствата на лекар кој добро ја знае твојата медицинска историја. Тоа подразбира да ја земаш исправната доза во исправно време, на исправен начин и од соодветни здравствени причини. Сепак, може да се појават непожелни или неочекувани симптоми. Ако дојде до тоа, веднаш информирај го твојот лекар, кој може да ја смени терапијата или сосема да ја прекине. Истото важи и за лековите кои можат слободно да се купуваат — користи ги само кога е навистина потребно и внимателно следи го упатството.
Лековите стануваат опасни по здравјето кога се земаат од погрешна причина, во погрешна доза, ако му се препишани на некој друг или се примаат на погрешен начин. На пример, некои апчиња треба да се голтаат цели за да може организмот постепено да ги апсорбира неговите активни состојки. Лицата кои ги злоупотребуваат лековите го нарушуваат овој процес така што ги дробат, ги џвакаат, ги толчат и ги шмркаат, или ги
раствораат во вода и ги внесуваат со шприц. Така брзо постигнуваат чувство на еуфорија, но тоа е првиот чекор до зависност, а, што е уште полошо, и до можна смрт.Меѓутоа, ако некој зема препишан лек на исправен начин, но се сомнева дека станува зависен од него, треба, колку што е можно побрзо, да разговара за тоа со својот лекар. Тој би требало да знае што е најдобро да се стори во таквата ситуација, а сепак да не биде запоставен твојот основен здравствен проблем.
Злоупотребата на лекови и други супстанции е одраз на времето во кое живееме. Семејствата, кои би требало да бидат топло катче и прибежиште од секојдневните стресови, запаѓаат во криза. Здравите морални и духовни мерила опаѓаат, а истото е случај и со почитта кон животот (2. Тимотеј 3:1-5). Друг фактор е чувството на безнадежност — на многумина иднината им изгледа црна. Од таа причина, тие живеат од денес за утре и трчаат по задоволства, понекогаш и непромислено. Библијата вели: „Кога нема Божји објави, народот се разуздува“ (Изреки 29:18).
Ако си родител, несомнено сакаш да го заштитиш своето семејство од проблемите од морална и духовна природа кои го измачуваат светот. Но, како можеш да го сториш тоа и каде да најдеш добро водство и сигурна надеж дека ќе дојдат подобри времиња? Следните статии даваат одговор на овие прашања.
[Фуснота]
a Информациите се земени од www.kidshealth.org
[Рамка на страница 4]
СПРЕМНИ НА СЀ ЗА ДА БИДАТ „ХАЈ“
Некои луѓе се спремни на сѐ само за да бидат „хај“, односно да доживеат еуфорија. Особено штетна навика е „дувањето“ средства за чистење или за полирање мебел, лак за нокти, бензин, лепак, бронза, течност за запалки и други лесно испарливи супстанции. Гасовите што се вдишуваат низ носот брзо преминуваат во крвотокот, со што предизвикуваат речиси моментална реакција.
Друга штетна навика е злоупотребата на лекови што можат да се купат без рецепт, а содржат алкохол или предизвикуваат поспаност. Ако се земаат во преголеми дози, овие супстанции можат да влијаат врз сетилата, особено врз видот и слухот, и да предизвикаат збунетост, халуцинации, отрпнатост и болки во стомакот.
[Рамка на страница 5]
ТАКТИКИ НА ЗАВИСНИЦИТЕ
„За да набават лекови, зависниците се служат со специјални тактики“, вели Physicians’ Desk Reference. „Обично се јавуваат на брза помош, или одат кај лекарите кратко пред да им заврши работното време, одбиваат да им се направи соодветен преглед, испитување или да им се издаде упат, секогаш ги ‚губат‘ или ги фалсификуваат рецептите и не сакаат да ја прикажат поранешната медицинска документација или да кажат кај кои лекари биле претходно. Лицата кои злоупотребуваат лекови и не преземаат ништо против својата зависност обично одат од лекар на лекар за да добијат што е можно повеќе рецепти.“
Најчесто се злоупотребуваат лекови од следниве три групи:
◼ Опоиди: се препишуваат за ублажување на болки.
◼ Депресанти на ЦНС (централниот нервен систем): барбитуратите и бензодиазепините кои се препишуваат поради анксиозност (неспокој) или проблеми со спиењето, познати и како седативи или транквилизатори.
◼ Стимуланси: се препишуваат поради синдром на невнимание/хиперактивност, нарколепсија или згоеност. b
[Фуснота]
b Информациите се добиени од Националниот институт за злоупотреба на лекови.
[Рамка на страница 6]
ПРАВИЛНО КОРИСТИ ГИ ЛЕКОВИТЕ
1. Внимателно следи го упатството.
2. Не менувај ги дозите без знаење на лекар.
3. Не престанувај да го земаш лекот на своја рака.
4. Не дроби ги и не крши ги апчињата, освен ако ти е кажано да го правиш тоа.
5. Биди свесен за дејството што лекот може да го има кога возиш или кога правиш нешто друго.
6. Информирај се какво дејство има лекот во комбинација со алкохол и со други лекови, сеедно дали се издаваат на рецепт или не.
7. Ако и порано си злоупотребувал некакви супстанции, кажи му го тоа на својот лекар.
8. Не земај туѓи лекови и не давај им ги твоите на други лица. c
[Фуснота]
c На темел на препораките од Американската управа за храна и лекови (ФДА).