Азиските номади и нивното царство
Азиските номади и нивното царство
Низ Русија владееле страв и паника. Како рој скакулци, коњичките орди од исток пустошеле низ степите, убивајќи, пљачкајќи и уништувајќи ја секоја војска што ќе им го попречела патот. Од цела Русија, го поштедиле само кнежевството Новгород. Еден историчар од ова место, кој доживеал напад од овие орди, ги опишал како „непознато племе“ со чуден јазик.
НАПАЃАЧИТЕ биле Монголите — народ кој потекнувал од една висорамнина во централна и североисточна Азија, на територијата на денешна Монголија. Нивните брзи освојувачки походи, кои започнале на почетокот на 13 век од н.е., ја промениле историјата на Азија и на половина Европа. За само 25 години, Монголите потчиниле повеќе области отколку што Римјаните успеале да потчинат за четири века. Во периодот на нивната најголема доминација, тие владееле од Кореја до Унгарија и од Сибир до Индија — царство со најголема обединета територија што некогаш се нашло на страниците на историјата.
Аналите на Монголското Царство, кое се одржало релативно кратко време, ни даваат појасна слика за историјата на Азија и Европа и потврдуваат многу библиски учења за природата на луѓето и за човечките влади. Еве неколку примери: Славата на луѓето е суетна и минлива (Псалм 62:9; 144:4). „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9). А во согласност со симболичниот начин на кој се опишани во Библијата, моќните политички системи се однесуваат како диви ѕверови кои агресивно им ја наметнуваат својата власт на другите народи. a
Кои биле Монголите?
Монголите биле номадски племиња и вешти коњаници кои живееле од сточарство, трговија и лов. За разлика од повеќето други народи, кај кои само мал дел од населението добивало воена обука и било наоружано, кај Монголите речиси сите мажи што имале коњ и лак биле издржливи и свирепи војници. Освен тоа, секое племе му било беспрекорно верно на својот водач наречен хан.
По 20-годишно војување, еден хан по име Темуџин (о. 1162-1227) успеал да обедини под своја власт околу 27 монголски племиња. Подоцна, во борбените редови на Монголите стапиле и Татарите — муслимани со турско потекло. Всушност, кога Монголите почнале да пустошат сѐ пред себе движејќи се кон запад, преплашените Европејци ги нарекувале Тартари. b Во 1206 год., кога Темуџин имал 40-тина години, Монголите му ја дале титулата Џингис-хан, што во превод значи „моќен владетел“, односно „врховен господар“. Бил познат и како Великиот хан.
Големата војска од коњички стрелци, на чело со Џингис-хан, напаѓала брзо и жестоко, и тоа на повеќе фронтови на растојание од неколку илјади километри. Според една енциклопедија, овој војсководач „не бил ништо подолу од Александар Велики или од Наполеон I“ (Encarta Encyclopedia). Џузџани, персиски историчар од тоа време, го опишал како човек „обдарен со голема моќ, проникливост, интелигенција и разбирање“, но го нарекол и „касап“.
Проширување на границите
Северна Кина била под власта на Манџурците, кои својата династија ја нарекувале Јин, односно „златна“. За да стигнат до ова подрачје, Монголите ја преминале суровата пустина Гоби. Таа не била никаква пречка за овие номади кои, ако немале друг избор, можеле да преживеат од млекото и од крвта на коњите. Џингис-хан морал да војува дваесетина години за да завладее со Кина и со Манџурија. Некои Кинези ги користел како научници, занаетчии, трговци и како инженери, кои му дизајнирале справи за опсада, катапулти и барутни бомби.
Откако стекнал контрола над Патот на свилата, трговски пат кој водел кон запад, Џингис-хан му предложил трговска соработка на турскиот султан Мухамед. Султанот владеел со едно огромно царство на територијата на денешните држави Авганистан, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан и поголемиот дел од Иран.
Во 1218 год., една монголска делегација дошла до границата на царството на султанот, наводно заради трговија. Но, тамошниот управител ги погубил, што било причина Монголите за првпат да нападнат една муслиманска земја. Во наредните три години, Монголите, за кои се вели дека биле побројни од мравки, еден по еден ги ограбувале и ги палеле градовите и полињата, при што убиле голем дел од поданиците на султанот Мухамед. Ги поштедиле само оние што имале вештини кои им биле потребни на Монголите.
Потоа, монголската воена машинерија за која се проценува дека броела 20.000 војници, дојавала до Кавказ, преку Азербејџан и Грузија, поразувајќи ја секоја воена сила што ќе им се испречела, вклучувајќи ја и руската војска од 80.000 војници. Монголската коњица преминала околу 13.000 километри, обиколувајќи го Каспиското Море, што, според некои, е еден од најголемите коњички потфати во историјата. Низата освојувања им служеле како пример на идните монголски владетели кои ја нападнале Источна Европа.
Наследниците на Џингис-хан
Огадај, трет од четирите синови на Џингис-хан од неговата повластена жена, станал
следниот Велик хан. Тој ја утврдил својата власт над освоените земји, земал данок од вазалните цареви и докрај ја поразил династијата Јин во Северна Кина.За да ја одржи империјата, но и раскошниот начин на живот, на кој дотогаш Монголите свикнале, Огадај решил да тргне во војна, овој пат против земји што сѐ уште не биле ограбувани. Војувал на два фронта — против европските земји на запад и против династијата Сунг во јужна Кина. Успеал да победи само во Европа. Иако имал некаков успех и на другиот фронт, поголемиот дел од подрачјето на Сунг не можел да го освои.
Поход кон запад
Во 1236 год., 150.000 коњаници тргнале на запад кон Европа. Прва цел им била областа околу реката Волга, а потоа ги нападнале и руските градови-држави, при што Киев го претвориле во пепел. Монголите ветиле дека ќе ги поштедат градовите доколку народот им дава десеток од сѐ, но Русите повеќе сакале да се борат. Со помош на катапулти, Монголите почнале да фрлаат камења, запалена нафта и шалитра врз својот непријател. Откако биле пробиени градските ѕидини, напаѓачите се втурнале во градот и колеле сѐ живо пред себе и, според зборовите на еден историчар, „ниту едно око не останало отворено за да ги оплакува мртвите“.
Монголската војска ги опустошила Полска и Унгарија и стигнала близу до границата на денешна Германија. Западна Европа се подготвила за напад, но немало место за паника. Во декември 1241 год., Огадај-хан умрел, наводно во пијана состојба. Затоа, монголските заповедници брзо се упатиле кон нивниот главен град Каракорум на оддалеченост од 6.000 километри за да изберат нов владетел.
Наследник на Огадај бил неговиот син Гујук. Сведок на неговото устоличување бил и еден италијански фратар кој патувал 15 месеци низ подрачјето под монголска власт за да достави писмо од папата Инокентиј IV. Папата побарал гаранција дека ќе нема повеќе напади на Европа и ги поттикнал Монголите да го прифатат христијанството. Гујук не дал никакви ветувања. Наместо тоа, му кажал на папата да дојде со делегација од цареви за да му се поклонат.
Уште еден напад на два фронта
Следниот Велик хан бил Монгке, устоличен во 1251 год. Тој и неговиот брат Кублај ја нападнале династијата Сунг во јужна Кина. Истовремено, дел од војската тргнала кон запад, при што го опустошила Багдад и го принудила Дамаск да се предаде. Ваквиот напад бил добредојден за таканаречените христијани кои воделе крстоносни војни со муслиманите, па така „христијаните“ од Багдад ги ограбиле и ги убиле своите соседи муслимани.
Во тој пресуден момент, кога изгледало дека Монголите ќе го сотрат муслиманскиот свет, историјата се повторила уште еднаш — дошла вест дека Монгке умрел. Напаѓачите повторно морале да се вратат дома, но овој пат оставиле само 10.000 војници да ја чуваат границата. По кратко време, дошла египетската воена сила и ја уништила оваа мала војска.
Нападот против богатата династија Сунг во јужна Кина бил успешен. Всушност, Кублај-хан се прогласил себеси за основач на нова кинеска династија — Јуан. Главниот град што го избрал е денешен Пекинг. Откако ги поразил и последните приврзаници на династијата Сунг при крајот на 1270-тите години, Кублај завладеал со цела Кина, која се обединила за првпат по падот на династијата Танг во 907 год.
Поделба и пад
На почетокот од 14 век, моќното Монголско Царство почнало да слабее. Постојат многу причини за тоа. Како прво, борбата за власт меѓу потомците на Џингис-хан довела до поделба на царството на неколку ханати. Освен тоа, Монголите ја попримиле културата на народите што ги освоиле. Ваквите борби ја ослабеле власта на наследниците на Кублај во Кина. Поради лошото владеење, корупцијата и високите даноци, во 1368 год., Кинезите ја собориле династијата Јуан, а нејзините припадници ги протерале во Монголија.
Како силна бура, Монголите се појавиле за миг, останале за кратко, а потоа исчезнале. Сепак, оставиле свој белег врз историјата на Европа и Азија, а пример за тоа е обединувањето на Монголија и Кина. Затоа, денешните Монголци го почитуваат првиот велик хан, Џингис-хан, како основач на нивниот народ.
[Фусноти]
a Забележи како наизменично се зборува за ѕверови и политички власти, односно влади, во следниве библиски стихови: Даниел 7:6, 12, 17, 23; 8:20-22; Откровение 16:10; 17:3, 9-12.
b Европејците мислеле дека Татарите се ѓаволи од ‚тартарот‘ (2. Петрово 2:4). Затоа, овие напаѓачи ги нарекле Тартари.
[Рамка/слика на страница 13]
Освојувачи и трговци
Во златната ера на династијата Јуан, чиј основач бил Кублај-хан, имало толку погодни услови за патување и за трговска размена што, според некои, ова бил „најголемиот процут на трговијата во историјата на Евроазија“. Тогаш живеел и големиот патник од Венеција, Марко Поло (1254-1324). c Патувајќи по копно и по море, трговците од Арабија, Персија, Индија и Европа можеле да купат керамика, дрвени лакирани предмети и свила во замена за коњи, килими, скапоцени камења и зачини.
Кристифор Колумбо, кој во 1492 год. тргнал на своето патување од Европа кон запад со надеж дека ќе ги обнови трговските врски со монголскиот двор, со себе понел и примерок од патеписите на Марко Поло. Меѓутоа, не бил свесен дека ова царство пропаднало повеќе од еден век порано! Неговиот пад довел до прекин на односите, а муслиманите не дозволувале да се користат копнените патишта од Европа до Далечниот Исток.
[Фуснота]
c Патувањето на Марко Поло во Кина е опишано во Разбудете се! од 8 септември 2004.
[Рамка/слика на страница 14]
Познати по својата верска трпеливост
Иако биле анимисти, древните Монголи ги почитувале туѓите верувања. Книгата Коњаник на Ѓаволот (The Devil’s Horsemen) објаснува дека она што ги импресионирало западњаците кога влегле во монголската престолнина Каракорум не било само богатството туку и верската слобода — црквите, џамиите и храмовите биле наредени едни до други.
Монголите дошле во допир со номиналното христијанство преку несторијанските христијани, кои се отцепиле од Византиската, односно Источната црква. Несторијанците направиле многу преобратеници меѓу турските племиња во Азија кои биле поробени од Монголите. Некои од преобратените жени дури се омажиле за членови на монголското царско семејство.
Денешните Монголци имаат најразлични верски убедувања. Околу 30 отсто од населението се анимисти, 23 отсто се ламајски (тибетски) будисти, а 5 отсто се муслимани. Останатите главно се нерелигиозни.
[Карта на страница 15]
(Види во публикацијата)
Монголското Царство
УНГАРИЈА
РУСИЈА
Киев
Волга
СИБИР
Касписко Море
Дамаск
ИРАН
Багдад
УЗБЕКИСТАН
МОНГОЛИЈА
Каракорум
Пустина Гоби
КОРЕЈА
КИНА
Пекинг
ИНДИЈА
Новгород
[Слика на страница 15]
Стадо коњи (Монголија)
[Слика на страница 15]
Џингис-хан
[Извор на слика на страница 12]
Bildarchiv Preussischer Kulturbesitz/Art Resource, NY
[Извори на слики на страница 15]
Панорама: © Bruno Morandi/age fotostock; Џингис-хан: © The Stapleton Collection/The Bridgeman Art Library