Опседнатост со убавина
Опседнатост со убавина
МАРИЈА * е успешна млада жена која има прекрасно семејство. Сепак, не е среќна. Зошто? Па, не е задоволна со својот изглед. Иако нејзиното семејство се труди да ја убеди во спротивното, Марија мисли дека воопшто не е убава и тоа ја фрла во депресија.
Хозе потекнува од угледно семејство и навидум има сѐ што човек може да посака. Но, тој мисли дека никогаш нема да се ожени. Зошто? Затоа што смета дека е многу обичен, па дури и грд. Убеден е дека нема да го погледне ниедна пристојна девојка.
Осумгодишниот Луис сака да оди на училиште и многу е друштвен. Ужива да си игра со другите деца, но честопати плаче затоа што тие прават шеги на сметка на неговиот изглед. Му велат дека е многу дебел.
Ваквите случаи не се ретки и би било премногу едноставно да се каже дека на Марија, на Хозе и на Луис им недостасува самопочит. Факт е дека никој не сака да биде отфрлен поради својот изглед.
Сепак, општеството му придава претерана важност на надворешниот изглед. Всушност, честопати се чини дека, дали некој ќе биде успешен или не, зависи од тоа како изгледа. На пример, се чини дека лицата што се многу атрактивни полесно наоѓаат работа. Пилар Муриедас, една од директорките на Латиноамериканското и карипско здружение за заштита на здравјето на жените, вели дека кај жените „атрактивниот изглед е еден од главните предуслови за успех“. А според зборовите на д-р Лаура Мартинез, тие добро знаат дека, „изгледот игра пресудна улога во тоа дали ќе добијат некоја работа или не“.
Секако, и на многу мажи им станало опсесија да имаат „совршено“ тело. Всушност, и тие, исто како и многу жени, не штедат ни време ни труд за да изгледаат убаво. Некои од нив дури гладуваат или се подложуваат на различни болни третмани за да имаат што поубаво лице или тело. Дали вреди да се вложи целиот тој труд? Постојат ли некои опасности во поврзаност со тоа?
[Фуснота]
^ пас. 2 Имињата се променети.
[Слика на страница 3]
Убавиот изглед може да отвори многу врати