Дали благоста е знак на слабост?
Гледиште на Библијата
Дали благоста е знак на слабост?
„Еден роб на Господа нема потреба да се расправа, туку треба да биде благ спрема сите“ (2. ТИМОТЕЈ 2:24).
УШТЕ додека бебето е во мајчината утроба, неговата кожа станува осетлива на допир. Од самиот момент на раѓањето, тоа копнее мајка му нежно да го гали. Дали ќе се смее кога малку ќе потпорасне, како ќе се развива емоционално, па дури и колку добро ќе научи да комуницира, многу ќе зависи од тоа колкава нежност му покажале родителите во детството.
Но, Библијата прорекла дека, во последните денови, луѓето ќе бидат „непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, без природна наклоност“. Убавите особини, како што се љубезноста и сочувството, скоро воопшто ќе ги нема, бидејќи луѓето ќе бидат „себељубиви“ и „свирепи, без љубов кон доброта“ (2. Тимотеј 3:1-3).
Мнозина денес мислат дека треба да бидат груби и бездушни.
Тие тврдат дека благоста е знак на слабост. Но, дали навистина е така?Благи, а сепак силни
За Јехова Бог се вели дека е „храбар војник“ (Излез 15:3). Тој е најголемиот Извор на сета сила (Псалм 62:11; Римјаните 1:20). Сепак, силата не го спречила Јехова да биде „многу нежен во наклоноста и милосрден“ кога го наградил својот слуга Јов (Јаков 5:11). Јехова рекол дека има многу нежни чувства кон Израелците споредувајќи ги со чувствата на мајка-доилка која му се смилува „на чедото на својата утроба“ (Исаија 49:15).
Исус исто така бил и силен и благ. Тој остро ги осудил лицемерните верски водачи од тоа време (Матеј 23:1-33). Исто така, одлучно ги избркал менувачите на пари од храмот (Матеј 21:12, 13). Но, дали омразата што ја чувствувал кон расипаноста и алчноста го направиле бездушен? Во никој случај! Исус бил познат по тоа што постапувал благо со другите. Всушност, тој дури се споредил со квачка што „ги собира своите пилиња под крилјата“ (Лука 13:34).
Дали треба да сме груби или да покажеме внатрешна сила?
Вистинските христијани се поттикнати да се угледаат на Христос така што ќе ја облечат „новата личност која е создадена по Божја волја“ (Ефешаните 4:20-24). Поттикнати сме да ја ‚соблечеме старата личност со нејзините постапки‘, исто како што ракот го отфрла стариот оклоп за да може да расте (Колошаните 3:9). Но, за разлика од ракот чие тело пак се стврднува откако ќе го отфрли оклопот, нам ни е заповедано трајно да се облечеме во „нежна наклоност на сочувство, љубезност . . . и долготрпеливост“ (Колошаните 3:12). Значи, благоста треба да биде една од нашите главни карактеристики.
Тоа што ќе се облечеме со нежни особини не е знак на слабост. Напротив, ова од нас бара да се ‚зајакнеме во нашиот внатрешен човек со силата преку [Јеховиниот] дух‘ (Ефешаните 3:16). На пример, еден човек што се вика Ли, вели: „Не многу одамна јас бев насилен, злобен човек. Дури и однадвор изгледав опасно бидејќи насекаде по телото бев избоден со обетки. Бев решен да станам многу богат и бев спремен да се служам и со вулгарен говор и со насилство за да го постигнам она што го сакав. Немав никаква милост“. Меѓутоа, Ли почнал да ја проучува Библијата со еден колега на работа и така го запознал и го засакал Јехова Бог. Ја соблекол старата личност и научил да се совладува. Сега ја покажува својата љубов кон луѓето користејќи го доброволно своето време да им помага да ја проучуваат Библијата.
Едно време и апостол Павле бил „дрзок човек“ кој се служел со насилство за да ги постигне своите цели (1. Тимотеј 1:13; Дела 9:1, 2). Но, кога Павле сфатил каква милост и љубов му покажале Јехова Бог и Исус Христос, и кога почнал да ја цени, и самиот се напрегал да ги развие тие особини (1. Коринќаните 11:1). Иако цврсто ги застапувал христијанските начела, тој научил да се однесува благо со другите. Всушност, Павле покажувал безрезервна нежна наклоност кон своите браќа (Дела 20:31, 36-38; Филимон 12).
Што ќе ни даде сила да бидеме нежни
Како што се гледа од искуствата на Ли и на апостол Павле, ако се трудиме благо да постапуваме со другите не значи дека имаме слаб карактер. Всушност, важи токму спротивното. Потребна е огромна сила за да ги преобразиме своите размислувања и постапки и да се бориме против телесната склоност да ‚вратиме зло за зло‘ (Римјаните 12:2, 17).
И ние можеме да научиме да бидеме нежно сочувствителни ако редовно ја читаме Божјата реч и ако длабоко размислуваме за љубовта и милоста што веќе ни ја покажале Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос. Ако го правиме ова, ќе ѝ дозволиме на силата од Божјата реч да ни ги омекне срцата (2. Летописи 34:26, 27; Евреите 4:12). Без разлика од какво семејство потекнуваме и колку тешки искуства сме имале во животот, можеме да научиме да бидеме благи кон сите (2. Тимотеј 2:24).
[Слика на страница 21]
Добриот татко е благ со своите деца