Монтеверде — природен резерват во облаците
Монтеверде — природен резерват во облаците
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КОСТАРИКА
Топлите карипски пасатни ветрови што дуваат откај морето се судираат со планините високи и до 1.700 метри. Како што се креваат нагоре, овие ветрови стануваат сѐ поладни и влагата во нив се кондензира во водна пареа. Се создаваат густи, ниски облаци, кои носат дождови или ги обвиваат планините со магла. Каков е резултатот од ова? Необична маглива шума — прекрасна природна појава со убавина од која останувате без здив.
ГОДИНАТА е 1951. Четириесет и четири члена на религиозната група позната како квекери го напушта својот дом во Алабама (САД) во потрага по место каде што би можеле да живеат во мир. Патот ги води до планините прекриени со облаци во северозападниот дел на Костарика, во Централна Америка. Земјиштето во тоа изолирано подрачје е плодно и релативно евтино.
Но, таму не е лесно да се живее од земјоделие. Марвин Роквел, еден од првите доселеници, си спомнува: „Единствениот пат што водеше во планината беше една воловска патека која ја поправавме со казми и со лопати за да можеме да пројдеме со џиповите“. Конечно, со помош на локалното население, успеале да се населат во облаците. Својот нов дом соодветно го нарекле Монтеверде, што значи „Зелена планина“.
Доселениците донеле две одлуки што имале далекосежни последици. Бидејќи се занимавале со земјоделие, знаеле дека ќе мораат самите да си обезбедат сѐ што им е потребно за живот. Но, што би можеле да произведуваат?
Кој производ би го издржал долгото патување од планината до пазарот? Заклучиле дека најидеално би било да произведуваат сирење. Во малата фабрика за сирење што почнала да работи тогаш, сега се произведуваат повеќе од 4.000 килограми сирење дневно. Освен сирење, се произведуваат и други млечни производи како, на пример, кисела павлака, пресно полномасно сирење и сладолед.Доселениците исто така одлучиле да ја зачуваат шумата со површина од околу 540 хектари што се наоѓа на планинските падини кои се издигаат над нивните домови. Бидејќи од тоа подрачје се слевала вода, која ја користеле за работа на нивната мала хидроцентрала, тие сметале дека е мудро некако да ја заштитат шумата. Меѓутоа, наскоро богатиот растителен и животински свет на тоа подрачје го привлекол вниманието на научниците, особено откако била откриена златната крастава жаба. (Види ја рамката за златната крастава жаба.) Во 1960-тите, група научници и локални жители го основале Резерватот на магливата шума Монтеверде, природен резерват во кој наскоро биле вклучени и тие 540 хектари. Од тогаш, тој бил прошируван одново и одново така што денес се протега на површина од околу 10.500 хектари.
Резерватот на магливата шума Монтеверде е една од најпосетените туристички атракции во Костарика. Околу 50.000 туристи годишно патуваат по стрмните, кривулести неасфалтирани патишта кои водат до Монтеверде. Многу љубители на птици и природонаучници доаѓаат да ги видат илјадниците видови птици, животни и растенија кои живеат во резерватот и во неговата околина.
Растителен свет
Во резерватот растат околу 500 видови дрвја. Тие го претставуваат темелот на тамошните екосистеми. Некои од нив сѐ уште цврсто се држат за голите гребени, одолевајќи им на ветриштата под чии налети станале закржлавени и глуждести. Оние што растат на заветно место се облечени во густа наметка од ползавци, билки и грмушки кои им ги прекриваат стеблата. Како можат овие растенија, наречени епифити, да опстанат без да пуштат корен во почвата? Во една туристичка брошурка се вели: „Бидејќи во оваа средина има многу влага, епифитите
добиваат доволно вода иако немаат разгранети корења. Кога врне дожд, од крошните паѓаат доволно суви лисја, кои се задржуваат во густежот и на тој начин им обезбедуваат доволно хранливи материи“.Триста видови орхидеи внесуваат живи бои во оваа претежно зелена палета. Во останатиот дел од шумата растат папрати — ги има околу 200 видови, а некои од нив се високи и до 12 метри и стари 150 години.
Од каде толкава биолошка разновидност на толку мал простор? Еден фактор е местоположбата на резерватот, кој се протега кон ниските подрачја близу до Тихиот Океан и Карипското Море. Огромните разлики во влажноста и во температурата на различната надморска височина довеле до создавање на 6 одделни еколошки зони кои се одликуваат со вчудовидувачка разноликост.
Птици и животни
Монтеверде е рај за љубителите на птици. Во 1996 биле избројани видовите што живеат во круг со пречник од 25 километри, во кој биле вклучени и делови од Монтеверде. За само 24 часа биле видени 369 видови птици! Ги има секакви — од најситниот колибри до величествениот кецал. Всушност, мнозина од посетителите доаѓаат овде да го видат токму кецалот — една од тропските птици со најимпресивни перја. Околу стотина парови кецали имаат гнезда на Монтеверде, но тешко е да се забележат бидејќи нивните зелени пердуви се претопуваат во шумското зеленило. Но, од друга страна, не е тешко да се видат колибрите кои често наминуваат во близина на локалните продавници и ресторани каде што луѓето им оставаат храна. Украсени со прекрасни пердуви со сјајна виолетова, смарагдна и тиркизна боја, тие брзо летаат меѓу цвеќињата и садовите за храна, и толку брзо мавтаат со крилцата што не можат ни да им се видат.
Монтеверде е дом и на околу стотина видови цицачи. „Тоа е едно од малкуте преостанати живеалишта на сите пет видови од семејството на мачките: јагуарот, озелотот, пумата, маргајот и јагуарундот“, стои во книгата Costa Rica Handbook (Прирачник за Костарика). Но, големите мачки, кои се повлечени по природа, се држат настрана од луѓето. „Пума може да се види еднаш на шест месеци“, изјави за Разбудете се! Рафаел Болањос, директор на резерватот. „Јагуар може да се види еднаш на три години.“ Сепак, многу е голема веројатноста посетителите да се сретнат со некој од 120-те видови водоземци и влекачи.
Што ѝ носи иднината на Монтеверде? Се прават напори да се прошири заштитеното подрачје. Всушност, неодамна беа основани и Шумскиот резерват Света Елена, како и Детската вечна дождовна шума, така што сега вкупната површина на заштитеното подрачје се зголеми за повеќе од двапати. (Види ја рамката подолу.) Се очекува овие преземени мерки да овозможат во магливите шуми секогаш да врие од живот.
[Рамка/слика на страница 17]
Изумирањето на златната крастава жаба
Во 1960-тите, биологот Џеј Севиџ беше првиот што високо во шумите на Монтеверде ја откри златната крастава жаба — всушност, бојата ѝ е флуоресцентно-портокалова. Изгледа дека Монтеверде е единственото место на Земјата каде што живеела оваа жаба. „Во 1985 година беа видени околу 1.000 жаби на едно место“, вели Рафаел Болањос, директор на Резерватот на магливата шума Монтеверде. „Но, само две години подоцна, можеше да се види само понекоја.“ Денес се смета дека оваа жаба е изумрена.
Д-р Ален Паундс, кој го изучувал изумирањето на 20 видови жаби и крастави жаби во Резерватот на магливата шума Монтеверде, вели дека „екстремните нарушувања во распоредот на дневните врнежи . . . набрзо довеле до смалување и изумирање на многу видови водоземци, вклучувајќи ја и ендемичната златна крастава жаба“.
[Извор на слика]
© 2003 Richard Sage
[Рамка на страница 18]
Детската вечна дождовна шума
Во едно мало основно училиште во Шведска, 9-годишниците од едно одделение го поставиле прашањето што можат да сторат за да се спасат дождовните шуми. Со помош на учителот, тие собрале пари со кои во 1988 година купиле 6 хектари од загрозената дождовна шума. На тој начин се родила Детската вечна дождовна шума. Веста за ова се раширила, па така им се придружиле деца од 44 земји. Децата собрале доволно пари за да го прошират заштитеното подрачје, кое сега вклучува илјадници хектари и од три страни граничи со Резерватот на магливата шума Монтеверде.
[Карта на страница 16]
(Види во публикацијата)
Монтеверде
[Слика на страница 16]
Епифити
[Слика на страница 16]
Папрати
[Слика на страници 16 и 17]
Орхидеја
[Слика на страница 18]
Колибри
[Извор на слика]
THE HUMMINGBIRD SOCIETY/Newark Delaware USA
[Слика на страница 18]
Кецал
[Извор на слика]
© Anthony Mercieca/SuperStock
[Слика на страница 18]
Еден вид жаба (Agalychnis callidryas)
[Слика на страница 17]
Заднина и орхидеја: © Michael and Patricia Fogden