Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да бидам успешен говорник?

Како да бидам успешен говорник?

Младите прашуваат . . .

Како да бидам успешен говорник?

„Ми се чинеше дека луѓето ја забележуваат секоја моја грешка и мојата несигурност. Не можев да се концентирам на говорот. Имав чувство дека другите ми се потсмеваат во себе“ (Сенди). *

ПРЕДАВАЛНАТА во училиштето е полна. Преку разгласот го слушаш твоето име и одеднаш сите очи се вперени во тебе. Само неколку чекори те делат од пултот, а ти се чини дека треба да поминеш цел километар. Рацете ти се потат, нозете ти се тресат, и од некоја причина устата ептен ти се суши. И тогаш, по лицето ти потекува една голема капка пот — пред да можеш да ја избришеш. Колку незгодно! Свесен си дека нема да се најдеш пред стрелачки вод, но така се чувствуваш.

Да си признаеме: Повеќето од нас ги фаќа ужас кога ќе помислат на тоа дека треба да зборуваат пред други (Еремија 1:5, 6). Некои луѓе рекле дека нивниот страв од говорење пред јавност е поголем дури и од стравот од смртта! Сеедно како гледаш ти на тоа, постојат добри причини зошто треба да те интересира говорењето пред јавност. Да разгледаме некои од нив и да видиме како можеш да станеш успешен говорник.

Кога си повикан да зборуваш

„Говорењето пред јавност е вештина што му е потребна на секого.“ Така гласи рекламата за еден курс за говорење пред јавност. Да, кога-тогаш ќе треба да излезеш пред публика. На пример, во многу школи се истакнува говорењето пред јавност. Младата Татјана се сеќава: „Имаше многу прилики кога на училиште морав да зборувам пред другите ученици“. Почнувајќи од усни извештаи и обработка на лектири па сѐ до мултимедијални презентации и дебати, учениците често мораат да бидат спремни да зборуваат.

Кога еден ден ќе се вработиш, можеби ќе треба да им држиш часови на група колеги, да изнесеш понуда пред некој клиент или да објасниш некој финансиски извештај пред извршен одбор. Всушност, говорничките вештини ќе ти користат во најразлични вработувања, како што се новинарството, менаџментот, односите со јавноста и трговијата.

Но, што ако решиш да се вработиш како физички работник или како канцелариски службеник? Способноста да зборуваш добро кога ќе те повикаат на разговор за вработување може да биде пресудна за тоа дали ќе те примат или не. Способноста добро да се изразуваш може да ти користи дури и на самото работно место. Откако завршила со школувањето, Корин работела три години како келнерка. Таа вели: „Ако знаеш добро да се изразуваш, ќе те сметаат за позрел и поспособен да носиш поголеми одговорности. Тоа може да значи дури и подобра работа, повисока плата или, во најмала рака, поголема почит“.

На крајот, младите христијани често зборуваат пред други во склоп на своето обожавање (Евреите 10:23). „Важно е да можеш јасно да се изразуваш“, забележува Таниша. „Имаме чест да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство“ (Матеј 24:14; 28:19, 20). Во собранието и во јавната служба, младите христијани не можат ‚да престанат да зборуваат за она што го виделе и чуле‘ (Дела 4:20; Евреите 13:15).

Значи, тоа што ќе научиш да бидеш добар говорник ќе ти користи на повеќе начини. Сепак, можеби сепак ќе почувствуваш вознемиреност кога ќе помислиш дека треба да застанеш пред публика. Можеш ли да сториш нешто за да ја совладаш тремата? Да, можеш.

Како да го совладаш стравот

„Не мора да бидеш многу паметен или совршен за да успееш“, вели д-р Мортон С. Орман, стручњак на полето на стресот и професионален говорник. „Суштината на говорењето пред јавност е оваа: Дај им нешто вредно на твоите слушатели.“ Со други зборови, концентрирај се на пораката, а не на себе или на твојот страв. Некои луѓе од првиот век мислеле дека апостол Павле не бил баш најречовит говорник, но тој сепак бил делотворен затоа што секогаш имал да каже нешто вредно (2. Коринќаните 11:6). Слично на тоа, ако изнесуваш нешто важно и навистина веруваш во тоа, побрзо ќе ти помине тремата.

Рон Сатоф, друг познат говорник и инструктор, го дава следниов предлог: Немој да мислиш дека твојот говор е претстава. Сметај го за разговор. Да, обиди се да воспоставиш контакт со публиката, не како да се група луѓе туку како поединци, исто како што би направил и во обичен разговор. Покажи вистински „личен интерес“ за слушателите и зборувај со нив како што си зборуваш нормално (Филипјаните 2:3, 4). Колку поприродно зборуваш, толку поопуштен ќе бидеш.

Друга вообичаена причина за вознемиреност е стравот дека ќе се посрамиш или дека слушателите ќе те критикуваат. Лени Ласковски, професионален говорник и инструктор, нѐ потсетува дека најчесто слушателите се позитивно настроени кон секое излагање. „Тие сакаат да успееш — а не да згрешиш“, вели Ласковски. Затоа, имај позитивен умствен став. Ако е можно, настојувај да се поздравиш со некои од слушателите кога ќе пристигнат. Обиди се да ги гледаш како пријатели, а не како непријатели.

Исто така, не заборавај дека не е сосема лошо да имаш трема. „Спротивно на вообичаеното мислење“, вели еден стручњак, „тремата е добра за тебе и за твоето излагање.“ Зошто? Затоа што малку трема покажува дека си скромен, а тоа ќе ти помогне да не станеш премногу самоуверен (Пословици 11:2). Многу спортисти, музичари и актери сметаат дека малку трема им ја дава енергијата што им помага да имаат подобар настап, а истото може да важи и за говорниците.

Предлози за успех

Со тоа што ги применувале овие и други идеи, некои млади христијани веќе стекнале извесно искуство и успех како говорници на училиште, на работа и во своите собранија. Види дали можат да ти помогнат некои од нивните предлози.

Џејд: „Изнеси го материјалот со свои зборови. Лично увери се дека она што имаш да го кажеш е корисно. Ако ти мислиш дека твојот говор е важен, тоа ќе го мислат и твоите слушатели.“

Рошел: „Многу ми помага тоа што се снимам на видеокасета. Тоа ќе те понизи, но ќе ти биде од корист. Исто така, потруди се да избереш тема што ти се допаѓа. Тоа ќе дојде до израз во говорот.“

Маргарет: „Утврдив дека зборувам и звучам поприродно кога користам нацрт наместо да запишувам сѐ, од збор до збор. Исто така, тоа што длабоко ќе вдишам пред да почнам да зборувам ми помага да бидам смирена.“

Корин: „Не плаши се да се смееш на сопствените грешки. Сите грешат. Едноставно треба да дадеш сѐ од себе.“

Се разбира, нема замена за искуството и за вежбањето — и ова важи за секоја активност, без разлика дали се работи за спорт, уметност или музика. Татјана препорачува да си го подготвиш говорот доволно однапред за да имаш време да го извежбаш. И — не се предавај. „Колку почесто зборувам пред други“, вели таа, „толку поопуштена сум.“ Но, има уште еден извор на помош на кој не смееш да заборавиш, особено кога треба да го застапуваш вистинското обожавање.

Помош од Големиот Комуникатор

Како млад човек, Давид, идниот цар на Израел, веќе бил на глас како „вешт говорник“ (1. Самоил 16:18). Зошто? Изгледа дека во младоста, во текот на многуте часови што ги минувал под ведро небо додека ги чувал овците, преку молитва Давид стекнал близок однос со Големиот Комуникатор, Јехова Бог (Псалм 65:2). Благодарение на таквиот однос, можел да зборува јасно, силно и убедливо дури и во тешки околности (1. Самоил 17:34—37, 45—47).

Можеш да бидеш уверен дека Бог ќе ти помогне да зборуваш убедливо во склоп на твоето обожавање, како што му помогнал на Давид, и ќе ти даде „вешт јазик“ (Исаија 50:4; Матеј 10:18—20). Да, со тоа што уште сега ќе ги користиш приликите да ги усовршиш твоите говорнички вештини, можеш да станеш добар говорник!

[Фуснота]

^ Некои имиња се променети.

[Рамка на страница 18]

Школувани како говорници

Во собранијата на Јеховините сведоци во целиот свет има седмична програма на поука темелена на Библијата, наречена Теократска школа за служба. Учесниците имаат удел во дискусии во класот, изнесуваат презентации пред собранието и добиваат лична помош за да напредуваат. Дали оваа програма е успешна? Да го проследиме искуството на 19⁠-годишниот Крис.

„Пред да се пријавам во оваа школа, не се чувствував опуштено во присуство на други луѓе“, вели тој. „На памет не ми паѓаше дека ќе можам да стојам на подиум пред публика. Но, некои во собранието ме охрабрија, велејќи ми дека дури и ако пелтечам цело време, сепак ќе уживаат во говорот затоа што знаат колкав труд сум вложил за да застанам таму. Потоа, ме пофалуваа по секој говор. Тоа многу ми помогна.“

Денес, пет години откако има учество во школата, Крис се подготвува да го изнесе своето прво предавање што ќе трае 45 минути. Дали и ти ја користиш оваа подготовка?

[Слики на страници 16 и 17]

Тоа што ќе бидеш вешт говорник ќе ти користи на сите полиња во животот