Како да се соочам со тоа што татко ми нѐ напушти?
Младите прашуваат . . .
Како да се соочам со тоа што татко ми нѐ напушти?
„Ми беше тешко да растам без татко ми. Сакав само малку внимание“ (Хенри) *.
ЏОАН имала 13 години кога татко ѝ заминал од дома. Фатен во канџите на алкохолот, тој не се обидувал многу да одржува контакти со своите деца откако си заминал. За жал, Џоан не е единствената; и многу други млади се напуштени од своите татковци.
Ако ова ти се случило и тебе, можеби ти е многу тешко да се бориш со тоа. Одвреме навреме можеби те обземаат чувства на болка и гнев. Можеби понекогаш се чувствуваш тажен и депримиран. А можеби дури и се наоѓаш во искушение да станеш бунтовен. Како што во една прилика рекол библискиот писател Соломон, „самото угнетување може да предизвика мудриот да постапува лудо“ (Проповедник 7:7, NW).
‚Лудо постапување‘
Џејмс ‚постапувал лудо‘ откако си заминал татко му. Тој рекол: „Не слушав никаков авторитет, дури ни мајка ми. Многу се расправав со другите. Секогаш лажев и скришно излегував ноќе затоа што немаше кој да ме дисциплинира. Мајка ми се обиде да ме запре, но не можеше“. Дали бунтовноста ја подобрила ситуацијата на Џејмс? Не баш. Џејмс вели дека наскоро „експериментирал со дрога, бегал од часови и имал слаб успех на училиште“. Лошото однесување наскоро зело замав. „Крадев по продавниците“, признава тој, „и ограбував луѓе. Двапати бев уапсен и лежев в затвор кратко време, но тоа не ме запре.“
Кога бил запрашан зошто е толку бунтовен, Џејмс рекол: „Бидејќи го немаше татко ми, не добивав никаква дисциплина. Навистина не размислував за тоа колку ги повредувам мајка ми, моите помлади брат и сестра, како и себеси. Сакав татко ми да ми посвети внимание и да ме дисциплинира“.
Но, бунтовноста само ја влошува и онака лошата ситуација (Јов 36:18, 21, NW). На пример, Џејмс не си правел проблеми само себеси туку и на мајка му, брат му и сестра му, кои доживувале непотребен стрес и притисок. Уште посериозен е фактот што бунтовното однесување може да доведе до непријателство со Бог лично. Впрочем, Јехова им заповеда на младите да ѝ бидат послушни на својата мајка (Пословици 1:8; 30:17).
Да се совлада гневот
Затоа, како можеш да се справиш со гневот и огорченоста кои можеби ги чувствуваш кон твојот татко? Како прво, можеби ќе треба да се потсетиш дека ти не си виновен заради тоа што заминал татко ти и дека тоа не мора да значи дека тој повеќе не те сака или не се грижи за тебе. Точно, може да биде болно ако татко ти не се труди многу да се јавува или да те посетува. Но, како што покажа претходната статија од оваа серија, * многу татковци кои заминале прекинуваат да контактираат со своите деца не затоа што не ги сакаат туку затоа што се оптоварени со чувство на вина и срам. Други, како што е татко ѝ на Џоан, се зависници од дрога или алкохол, а тоа ги спречува да се однесуваат нормално.
Каква и да е ситуацијата, обиди се да задржиш на ум дека твоите родители се несовршени. Библијата изјавува: „Сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23; 5:12). Точно, ова не е изговор за некој да се однесува навредливо или неодговорно. Но, ако го признаеш фактот дека сите ние сме наследно несовршени, ќе ти биде полесно да се ослободиш од деструктивниот гнев и огорченоста.
Она што стои во Проповедник 7:10 може да ти помогне да се справиш со гневот и огорченоста кои можеби ги чувствуваш кон твоите родители. Забележи како таму сме опоменати да не се сосредоточуваме на минатото: „Не прашувај зошто некогашните времиња биле подобри од овие, зашто тоа не е мудро прашање“. Затоа, наместо да размислуваш за тоа како било некогаш, подобро е да се сосредоточиш на тоа како да го направиш најдоброто во твојата ситуација.
Преземи иницијатива
На пример, би можел да размислиш за тоа да преземеш иницијатива да стапиш во контакт со татко ти. Точно, тој е оној што те оставил и можеби со право мислиш дека тој е одговорен да го направи првиот чекор. Но, ако не го направил тоа и ако си тажен и несреќен затоа што не контактираш со него, зарем не вреди ти лично да направиш нешто за да ја подобриш ситуацијата? Разгледај како постапил Исус Христос кога некои негови пријатели го повредиле. Последната ноќ од неговиот човечки живот, апостолите го напуштиле. Петар се фалел дека ќе остане со Исус што и да се случи. Меѓутоа, тој се одрекол од Исус — и тоа не еднаш туку трипати! (Матеј 26:31—35; Лука 22:54—62).
Сепак, Исус продолжил да го сака Петар и покрај неговите пропусти. По воскресението, Исус го направил првиот чекор за повторно да го воспостави својот однос со Петар на тој начин што посебно му се појавил (1. Коринќаните 15:5). Интересно, кога Исус му го поставил на Петар прашањето: „Ме љубиш ли?“, одговорот гласел: „Да, Господи, ти знаеш дека имам наклоност кон тебе“. И покрај својата срамна постапка, Петар сѐ уште го сакал Исус (Јован 21:15).
Како што било во случајот со Петар и Исус, ситуацијата со татко ти можеби не е толку безнадежна како што изгледа. Можеби тој ќе одговори ако преземеш иницијатива и му се јавиш, му напишеш писмо или го посетиш. Хенри, спомнат во почетокот, се сеќава: „Еднаш му напишав на татко ми и тој ми испрати писмо во кое рече дека се гордее со мене. Го урамив тоа писмо и со години го чував на ѕидот. И ден-денес сѐ уште го имам“.
Џоан и нејзините браќа и сестри исто така презеле иницијатива да го посетат татко им кој бил алкохоличар. „Не беше баш во најдобра состојба“, признава Џоан, „но сепак беше убаво што го видовме.“ Можеби преземањето иницијатива ќе биде добро за тебе. Ако на почетокот нема никаква реакција, остави да помине некое време и потоа обиди се повторно.
Справување со болката од отфрлањето
Соломон нѐ потсетува дека има „време за барање и време за губење“ (Проповедник 3:6). Понекогаш една млада личност мора да се соочи со болниот факт дека татко му или татко ѝ не сака да контактира со своите деца. Ако ова е случај и со твојот татко, можеби еден ден тој ќе сфати колку изгубил заради тоа што не одржувал контакти со тебе.
Но, во меѓувреме, биди уверен дека тоа што те отфрлил не значи дека не вредиш ништо. Библискиот псалмист Давид навел: „Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прими“ (Псалм 27:10). Да, ти сѐ уште многу вредиш во Божји очи (Лука 12:6, 7).
Затоа, ако си нерасположен или депримиран, приближи му се на Бог во молитва (Псалм 62:8). Точно кажи му како се чувствуваш. Биди уверен дека ќе те слуша и ќе те утеши. Еден друг библиски псалмист напишал: „Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата“ (Псалм 94:19).
И срдечното дружење со сохристијаните може да ти помогне да се справиш со таквото отфрлање. Во Пословици 17:17 пишува: „Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“. Можеш да најдеш такви вистински другари во христијанското собрание на Јеховините сведоци. Особено од помош ќе биде да запознаеш некои од собраниските надгледници. Питер, брат ѝ на Џоан, го дава следниов совет: „Разговарај со постарите во собранието и тие многу ќе ти помогнат. Ако те напуштил татко ти, кажи им како се чувствуваш“. Собраниските старешини можат да ти понудат некои практични предлози за да носиш некои од одговорностите за кои порано се грижел татко ти, како што се поправките низ дома.
И мајка ти може да биде извор на поддршка. Точно, можеби и таа самата трпи емоционална болка. Но, ако со почит ѝ ги искажеш своите чувства, таа несомнено ќе стори сѐ што може.
Поддржувај го своето семејство!
Отсуството на татко ти може да влијае врз твоето семејство на неколку начини. Можеби мајка ти ќе треба да се вработи — па дури и на две работни места — за да врзете крај со крај. Ти и твоите браќа или сестри можеби ќе треба да носите повеќе домашни одговорности. Но, можеш да се справиш со овие промени ако негуваш несебична христијанска љубов (Колошаните 3:14). Ова може да ти помогне да задржиш позитивен став и да ја смириш огорченоста (1. Коринќаните 13:4—7). Питер вели: „Да му помагам на семејството е вистинското нешто што треба да го правам и добро се чувствувам заради сознанието дека им помагам на мајка ми и на моите сестри“.
Без сомнение, трагично и болно е кога таткото ќе си замине од дома. Но, можеш да бидеш уверен дека, со Божја помош и со помошта на твоите христијански пријатели и семејството кои многу те сакаат, ти и твоето семејство можете да се соочите со тоа. *
[Фусноти]
^ пас. 3 Имињата се променети.
^ пас. 11 Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Зошто татко ми нѐ напушти?“ во нашето издание од 8 март 2001.
^ пас. 27 За додатни информации во врска со животот во домаќинства со еден родител, види ги статиите „Младите прашуваат . . .“ кои излегоа во српското издание од 8 април 1991 и англиското издание од 22 март 1991.
[Слики на страница 28]
Некои млади презеле иницијатива да контактираат со својот татко