Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Проблеми со простатата — како да се излезе на крај

Проблеми со простатата — како да се излезе на крај

Проблеми со простатата — како да се излезе на крај

„Кога имав 54 години, почнав често да мокрам, понекогаш на секои 30 минути. Овој симптом ме натера да појдам на лекар, каде што дознав дека ќе треба да ми се отстрани простатата“. Слични извештаи се вообичаени на клиниките за лекување на простата низ целиот свет. Што може да се направи за да не дојде до заболување на простатата? Кога треба да се побара лекарски совет?

ПРОСТАТАТА е жлезда во облик на орев која е сместена под мочниот меур и околу мочниот канал. (Видете ја илустрацијата на машката карлица.) Кај нормален возрасен човек таа тежи 20 грама и широка е до 4 сантиметри, висока до 3 сантиметри и долга до 2 сантиметри. Нејзината функција е да создава една течност која влегува во составот на приближно 30 проценти од волуменот на спермата. Оваа течност, која содржи лимонска киселина, калциум и ензими, веројатно ја подобрува подвижноста (способноста да пливаат) и плодноста на сперматозоидите. Освен тоа, течноста што се лачи од простатата содржи и цинк, кој според мислењето на научниците штити од инфекции на гениталниот тракт.

Да се препознае заболената простата

Повеќе карлични симптоми кај мажите се поврзани со воспаление или тумор на простатата. Простатит — воспаление на простатата — може да предизвика треска, непријатно мокрење и болки во крсната коска или во мочниот меур. Кога простатата е многу отечена, може да му создава на пациентот проблеми при мокрењето. Ако воспалението го предизвикуваат бактерии, тогаш болеста се нарекува бактериски простатит и може да биде акутен или хроничен. Обично е поврзана со инфекција на уринарниот тракт. Меѓутоа, во поголем број случаи, причината за воспалението не е откриена и затоа болеста е наречена небактериски простатит.

Вообичаени проблеми поврзани со простатата се зачестено мокрење, мокрење во текот на ноќта, намален млаз при мокрењето и чувство дека мочниот меур не е сосема испразнет. Овие симптоми обично укажуваат на бенигна хиперплазија на простатата (BPH) — неканцерогено зголемување на простатата — кое може да се јави кај мажите кои имаат над 40 години. Бројот на случаи на BPH се зголемува со возраста. Се јавува кај 25 проценти од мажите на возраст од 55 години и кај 50 проценти од мажите на возраст од 75 години.

Простатата можат да ја зафатат и малигни тумори. Обично, ракот на простатата се открива со рутински преглед, па дури и кога нема никакви симптоми поврзани со простатата. Кога е во понапреден стадиум може да дојде до задржување на мочта и отекување на мочниот меур. Кога ракот ќе се рашири до другите органи, може да се појават болки во грбот, невролошки симптоми и отекување на нозете заради застој во лимфниот систем. Во една од изминативе години, само во Соединетите Држави се забележани околу 300.000 нови случаи на рак на простатата и 41.000 смртни случаи заради оваа болест. Научниците сметаат дека 30 проценти од мажите на возраст од 60 до 69 години и 67 проценти од мажите на возраст од 80 до 89 години ќе добијат рак на простатата.

Кој е најподложен на оваа болест?

Истражувањата покажуваат дека шансите да се добие рак на простатата нагло се зголемуваат по 50-тата година. Во Соединетите Држави, овој вид рак речиси двапати почесто се јавува кај црнците отколку кај белците. Појавата на оваа болест варира во светот, при што најчесто се јавува во земјите на Северна Америка и Европа, поретко во Јужна Америка и најретко во Азија. Ова покажува дека разликите во животната средина или во исхраната можат да бидат важен фактор во заболувањето од рак на простатата. Ако некој човек се пресели во земја каде што ова заболување се јавува почесто, може да се зголеми и ризикот за него.

Кај мажите кои имаат роднини кои боледуваат од рак на простатата постои поголема веројатност да заболат. „Кај оној кој има татко или брат со рак на простатата постои два пати повисок ризик да заболи од оваа болест“, објаснува Американското здружение за рак. Некои фактори на ризик се возраста, расата, националноста, семејната историја на болести, исхраната и физичката неактивност. Мажите чија исхрана е богата со маснотии и многу седат, имаат поголеми шанси да заболат од рак.

Да се спречи заболување на простатата

Иако научниците сѐ уште не знаат точно што предизвикува рак на простатата, тие сметаат дека може да играат улога генетичките и хормоналните фактори. За среќа, можеме да контролираме два фактора на ризик — исхраната и физичката неактивност. Американското здружение за рак препорачува „да го ограничите внесувањето на високомасна храна од животинско потекло, а поголемиот дел од храната што ја јадете да биде од растително потекло“. Исто така, препорачува да се земаат „пет или повеќе оброци овошје или зеленчук секој ден“, како и леб, житни снегулки, тестенини и други житни производи, ориз и мешунки. Доматите, цитроните и лубениците се богати со ликопени — антиоксиданси кои го спречуваат оштетувањето на ДНК и можат да го намалат ризикот од добивање рак на простатата. Некои стручњаци тврдат дека и извесни билки и минерали можат да помогнат.

Американското здружение за рак и Американското здружение на уролозите сметаат дека лекарските прегледи за навремено откривање на рак на простатата можат да спасат животи. Ако ракот се открие рано, постои поголема веројатност успешно да се излечи. Американското здружение за рак им препорачува на мажите кои имаат повеќе од 50 години, или повеќе од 45 години кога станува збор за оние кои спаѓаат во групата со висок ризик, да одат на лекарски преглед секоја година. *

Во прегледот би требало да е вклучена и анализа на крвта за еден антиген кој е специфичен за простатата (PSA). Овој антиген е протеин што го создаваат клетките на простатата. Неговото ниво се зголемува ако е заболена простатата. „Ако резултатите од Вашиот PSA тест не се во ред, поразговарајте со лекарот за тоа колкав е ризикот да добиете рак и дали се потребни натамошни испитувања“, вели Американското здружение за рак. Во тоа спаѓа и ректалниот преглед (DRE). Преку ректумот на пациентот, лекарот може да напипа дали има некаква абнормална површина на простатата, бидејќи оваа жлезда се наоѓа во пределот пред ректумот. (Видете ја илустрацијата на машката карлица на 20. страница.) „Кога PSA и DRE ќе укажат на некаква абнормалност“, корисно е да се направи преглед со трансректален ултразвук, а лекарот треба да одреди дали треба да се препорача биопсија на простатата. Овој преглед трае 20-тина минути.

Освен откривање рак на простатата, со годишниот уролошки преглед може да се открие и раниот стадиум на BPH, кое веќе го спомнавме, што би овозможило да се примени понеагресивно лекување. (Видете ја рамката „Лекување на BPH“.) Морално чистото однесување е заштита од венеричните болести, кои можат да доведат до простатит.

Сигурно дека Вашата простата заслужува да ја штитите и да се грижите за неа. Човекот спомнат на почетокот на оваа статија вели дека сосема закрепнал по операцијата. Според него, „сите мажи треба да одат на превентивен лекарски преглед секоја година“, дури и ако немаат никакви симптоми.

[Фуснота]

^ пас. 13 Ако Вие спаѓате во оваа старосна група, Ве молиме разгледајте ја рамката „Индекс на симптоми за бенигна хиперплазија на простатата (BPH)“.

[Рамка на страница 21]

Индекс на симптоми за бенигна хиперплазија на простатата (BPH)

Упатства: одговорете на долните прашања заокружувајќи го соодветниот број.

На прашањата од 1 до 6 треба да се одговори со:

0 — никогаш

1 — помалку од еднаш на секои пет пати

2 — во помалку од половина случаи

3 — во околу половина случаи

4 — во повеќе од половина случаи

5 — речиси секогаш

1. Колку често во текот на изминатиот месец, по завршувањето со мокрењето имавте чувство дека мочниот меур не Ви е сосема испразнет? 0 1 2 3 4 5

2. Колку често во текот на изминатиот месец моравте повторно да мокрите за помалку од два часа од претходното мокрење? 0 1 2 3 4 5

3. Колку често во текот на изминатиот месец Ви се случило неколку пати да престанете и повторно да почнете да мокрите? 0 1 2 3 4 5

4. Колку често во текот на изминатиот месец Ви беше тешко да се воздржите од мокрење? 0 1 2 3 4 5

5. Колку често во текот на изминатиот месец имавте слаб млаз при мокрењето? 0 1 2 3 4 5

6. Колку често во текот на изминатиот месец моравте да се напрегате за да почнете да мокрите? 0 1 2 3 4 5

7. Колку пати просечно во текот на изминатиот месец моравте да се разбудите за да мокрите, откако ќе си легневте навечер па сѐ додека не станевте наутро? (Заокружете колку пати.) 0 1 2 3 4 5

Збирот на заокружени броеви покажува какви се Вашите симптоми на BPH. Слаби: 0—7, умерени: 8—19, сериозни: 20—35.

[Извор на слика]

Од Американското здружение на уролозите

[Рамка на страница 22]

Лекување на BPH

ЛЕКОВИ: Се користат најразлични лекови, во зависност од симптомите кај секој пациент. Може да ги препише само лекар.

ВНИМАТЕЛНО ЧЕКАЊЕ: Пациентот оди само на повремени лекарски прегледи и не користи лекови.

ХИРУРШКА ИНТЕРВЕНЦИЈА:

а) Кај трансуретралната ресекција на простатата (TURP), хирургот вметнува низ мочниот канал еден инструмент (ресектоскоп) кој има електрична јамка која го расекува ткивото и ги затвора крвните садови. Нема потреба да се направи надворешен рез. Трае околу 90 минути. Трансуретралните процедури не се толку трауматични колку отворените операции.

б) Трансуретралната инцизија на простатата (TUIP) е слична на TURP. Меѓутоа, оваа процедура го проширува мочниот меур со тоа што се прават неколку мали резови на грлото на мочниот меур и на самата простата.

в) Отворена операција се користи кога не може да се примени трансуретралната процедура заради тоа што простатата е многу проширена. За отворената операција е потребно да се направи надворешен рез.

г) Ласерска хирургија е примена на ласерски зраци за да се изврши отстранување на проблематичното ткиво на простатата.

Пациентот мора да ја донесе конечната одлука за тоа кое лекување ќе го прифати, ако воопшто сака да се лекува. Еден неодамнешен извештај во The New York Times забележал дека некои стручњаци не се сигурни дури и кога станува збор за испитување дали има рак на простатата, особено кај постарите мажи, бидејќи тоа „може да биде болест која бавно напредува и која веројатно нема да предизвика трајна штета врз здравјето, додека нејзиното лекување честопати може да предизвика сериозни несакани ефекти“.

[Рамка на страница 22]

Прашања кои би можеле да му ги поставите на Вашиот лекар пред операцијата

1. Каква операција ми препорачувате?

2. Зошто ми е потребна операција?

3. Постојат ли алтернативи за операцијата?

4. Кои се користите од операцијата?

5. Кои се ризиците од операцијата? (На пример, крвавење или импотенција.)

6. Што ако не се оперирам?

7. Каде можам да побарам друго лекарско мислење?

8. Колкаво е Вашето искуство во извршувањето вакви операции без трансфузија на крв?

9. Каде ќе се изврши операцијата? Дали лекарите и медицинските сестри во таа болница ги почитуваат правата на пациентот во поглед на трансфузијата на крв?

10. Каква анестезија ќе ми биде потребна? Дали анестезиологот има искуство со операции без трансфузија на крв?

11. Колку време ќе треба за да закрепнам?

12. Колку ќе чини операцијата?

[Графикон на страница 20]

(Види во публикацијата)

Дијаграм на машкиот карличен предел

Мочен меур

Простата

Ректум

Мочен канал

[Слика на страница 23]

Здравата исхрана и умереното вежбање можат да го намалат ризикот од добивање рак на простатата