Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто татко ми нѐ напушти?

Зошто татко ми нѐ напушти?

Младите прашуваат . . .

Зошто татко ми нѐ напушти?

„Никогаш вистински не сфатив зошто татко ми нѐ напушти. Сѐ што знаев беше она што ми го кажа мајка ми“ (Џејмс). *

КОГА таткото ќе се спакува и ќе си замине од дома, честопати зад себе остава лавина од болка и огорченост. „Навистина бев вознемирен кога мајка ми и татко ми се разведоа“, вели 14-годишниот Џејмс, цитиран погоре. А кога таткото ќе си замине без никакво објаснување и потоа не се јавува, неговите деца можеби уште многу години потоа се борат со чувства на вина, отфрленост и огорченост. *

Ако те напуштил и твојот татко, можеби многу добро ја знаеш причината и тоа ти задава болка. „Татко ми замина заради друга жена“, вели младиот Мајкл. „Еднаш го видов со неа и тоа ме разбесни. Имав чувство дека тато нѐ издал“. Меѓутоа, во некои случаи неговото заминување доаѓа како вистинско олеснување. Мелиса, чиј татко е алкохоличар, вели: „Да останеше дома, ќе ни беше уште потешко“.

Меѓутоа, во многу случаи децата воопшто не знаат зошто заминал татко им и затоа неговото отсуство може да им биде уште поболно. Вистина, можеби си знаел дека твоите родители имаат проблеми, но никогаш не си ни сонувал дека ќе се разделат. Роберт се сеќава: „Кога си замина тато, јас навистина не сфаќав сѐ од она што се случуваше. Сѐ што знаев беше дека работите не се баш во најдобар ред бидејќи моите родители постојано се расправаа“.

Зошто некои татковци си заминуваат од дома? Ако си заминал и твојот татко, дали треба да го сфатиш тоа како да те отфрлил тебе лично? И зошто твоите родители не сакаат да ти кажат нешто повеќе за тоа? Зарем не ти должат објаснување?

Зошто молчат

Причините кои стојат зад заминувањето на таткото воопшто не се пријатни. Честопати причината е прељуба — престап кој обично добро се криел од семејството. Кога сопругата ќе го открие тоа, можеби ќе одлучи да се разведе од сопругот. Може дури и да го замоли тивко да си замине уште пред да бидат поднесени документите за развод. Можеби децата воопшто не знаат зошто се случува тоа.

Меѓутоа, потруди се да сфатиш зошто мајка ти не сака конкретно да ти открие што се случило. Како прво, можеби мисли дека откривањето на прељубата на татко ти само ќе ти создаде длабока болка. Исто така, сфати колку мора да е болно за една жена кога ќе открие дека сопругот ѝ бил неверен (Малахија 2:13, 14). Затоа, ако твоите родители се развеле заради прељуба, немој да се изненадиш ако на мајка ти ѝ е премногу тешко да разговара за тоа.

Како стојат работите со татко ти? Се разбира, ако ѝ бил неверен на мајка ти, веројатно нема да сака да зборува за тоа со тебе. Некои мажи чувствуваат толкава вина заради прељубата што не можат да поднесат дури ни да ги погледнат во очи своите деца! Но, и покрај нивната срамна постапка, многу татковци и понатаму си ги сакаат своите деца и можеби се обидуваат да ги обноват контактите со нив.

Во некои случаи таткото си заминува заради прељубата од страна на сопругата и вложува сесрдни напори да остане близок со своите деца. Но, во други случаи разводот не е резултат на прељуба туку е кулминација на брачни расправии кои траеле со години * (Пословици 18:24). Бидејќи тие честопати се одвивале зад затворени врати, можеби немаш претстава за тоа зошто биле караниците.

Во Пословици 25:9 Библијата вели: „Реши го спорот со својот ближен, и не откривај ја тајната [доверливиот разговор, NW] на друг“. Понекогаш, брачните расправии вклучуваат приватни, интимни работи. Верувал или не, веројатно ќе биде подобро за тебе да не ги слушаш тие работи. Освен тоа, откривањето на „доверливиот разговор“ честопати само ја влошува ситуацијата. Можеби ќе бидеш наведен да заземеш страна — и со тоа само ќе го зголемиш раздорот во семејството. Затоа, долгорочно гледано, за тебе ќе биде подобро ако твоите родители си ги задржат за себе деталите од нивните расправии.

Бори се против огорченоста стекнувајќи увид

Сепак, тешко е да не чувствуваш лутина или огорченост кога татко ти ќе си замине од дома а ти не можеш да си одговориш на прашањето: „Зошто?“ Меѓутоа, во Пословици 19:11 (NW) Библијата забележува: „Увидот на човекот сигурно ја забавува [не мора да значи и отстранува] неговата лутина“. А ти не мора да ги знаеш сите детали за да имаш увид.

На пример, Библијата ни помага да сфатиме дека нашите родители се несовршени. Таа вели: „Сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Прифаќањето на оваа болна вистина може да ти помогне исправно да гледаш на грешките на твоите родители. На пример, ако татко ти го обесчестил својот брачен завет, тоа е сериозен престап — за кој е одговорен пред Бог (Евр. 13:4). Но, тоа не мора да значи дека те отфрлил тебе или дека не те сака.

Сите брачни двојки имаат „неволја во своето тело“ (1. Коринќаните 7:28). Иако нема изговор за нивната постапка, некои мажи и жени попуштаат и грешат под притисоците на животот во овој свет оптоварен со проблеми. Роберт се сеќава: „Татко ми ни го посакуваше најдоброто. Го пресели целото семејството во едно место каде што можеше повеќе да заработи за да можеме да имаме убава куќа и семејството да биде среќно“. Но, најдобронамерните обиди на татко му да обезбеди подобар живот за семејството наскоро тргнале наопаку. Роберт објаснува: „Татко ми почна поретко да ги посетува христијанските состаноци. Потоа ја изгуби работата. По некое време почна да се однесува насилно кон мајка ми и сестра ми“. Наскоро работите се влошиле до тој степен што татко му и мајка му се развеле.

Роберт можел да биде скршен од огорченост заради пропустите на татко му. Но, увидот во положбата на татко му го ублажил гневот. Иако разводот на неговите родители бил трагичен, Роберт научил нешто важно. Тој вели: „Кога ќе основам семејство, духовните работи мора да бидат на прво место“.

Мајкл, спомнат претходно, исто така морал да се бори со чувства на огорченост. „Сакав да го повредам татко ми заради тоа што ни го направи“, признава тој. Но, тој одржувал врски со својот татко. Со текот на времето, Мајкл успеал дури и да се ослободи од гневот и да продолжи со својот живот.

Можеби и ти сакаш да се обидеш да задржиш колку што е можно понормален однос со татко ти онолку колку што ти дозволува ситуацијата. Вистина, можеби те повредил и тебе и мајка ти. Но, веројатно ти не ги знаеш сите факти. Па дури и ако знаеш дека е виновен за прељуба, тој сѐ уште ти е татко. Ти имаш обврска да му укажеш барем одредена мерка почит (Ефешаните 6:1—3). Избегнувај „лутина и гнев и викање и навредлив говор“ кога контактираш со него (Ефешаните 4:31). Ако е можно, остани неутрален во поглед на личните брачни расправии на твоите родители. Уверувајќи ги двата свои родитела дека ги сакаш, ќе можеш да имаш добри односи и со едниот и со другиот.

Ти не си виновен

Тоа што татко ти заминал од дома веројатно е една од најболните работи што ќе ги доживееш. Но, дури и ако никогаш не ги дознаеш сите причини зошто ве напуштил, нема потреба да мислиш дека ти си виновен. Точно, можеби ќе имаш чувство дека си отфрлен ти лично. Но, браковите ретко се растураат заради децата. Твоите родители дале завет пред Бог дека ќе бидат заедно. Нивна одговорност е — а не твоја — да живеат според тој завет (Проповедник 5:4—6).

Сепак, ако се чувствуваш збунет, виновен или одговорен, зошто не се обидеш да им го кажеш тоа на родителите? Тие можеби ќе бидат отворени и ќе те успокојат. Џејмс, цитиран на почетокот, признава: „Порано си мислев дека јас сум виновен, сѐ додека мајка ми и татко ми не ме седнаа и не разговараа со мене“. И младата Ненси се чувствувала виновна кога татко ѝ и мајка ѝ се развеле. По неколку разговори со мајка ѝ, Ненси заклучила: „Децата не треба да се обвинуваат себеси за она што го прават нивните родители“. Да, ако им дозволиш на твоите родители да ‚го носат својот сопствен товар‘ на одговорност, можеш да спречиш да се чувствуваш емоционално преоптоварен (Галатите 6:5). Но, како можеш да се справиш со тоа сега, кога живееш во дом без татко? Следната статија од оваа серија ќе ти даде некои одговори.

[Фусноти]

^ пас. 3 Некои имиња се променети.

^ пас. 4 Види ги уводните статии „Семејства без татко — да се прекине кругот“ во изданието на Разбудете се! од 8 мај 2000.

^ пас. 12 Меѓутоа, Библијата јасно покажува дека единствената библиска причина за прекин на бракот која на обете страни им допушта повторно да стапат во брак е блудот (Матеј 19:9).

[Слика на страница 16]

Немој да се обвинуваш себеси заради брачните проблеми на твоите родители