Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 40

ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател

Јехова „ги лекува оние со скршено срце“

Јехова „ги лекува оние со скршено срце“

Ги лекува оние со скршено срце и им ги преврзува раните (ПС. 147:3)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Јехова многу се грижи за оние кои имаат длабоки емоционални рани. Во оваа статија ќе разгледаме како тој ни ја ублажува болката и како ни помага да ги тешиме другите.

1. Што чувствува Јехова за своите слуги?

 ЈЕХОВА гледа низ што сѐ поминуваат неговите слуги на Земјата. Тој забележува кога сме среќни и кога сме тажни (Пс. 37:18). Кога гледа дека даваме сѐ од себе за да му служиме и покрај тоа што чувствуваме емоционална болка, тој се гордее со нас! Освен тоа, Јехова многу сака да ни помогне и да нѐ утеши.

2. Што прави Јехова за оние со скршено срце, и како можеме да извлечеме корист од неговата грижа?

2 Во Псалм 147:3 пишува дека Јехова „им ги преврзува раните“ на оние со скршено срце. Овие зборови ни покажуваат дека Јехова нежно се грижи за оние кои имаат емоционални рани. Што мора да правиме за да извлечеме корист од Јеховината грижа? Размисли за следнава споредба. Еден вешт лекар може многу да му помогне на едно повредено лице да заздрави. Сепак, за да извлече корист од неговата помош, тој мора внимателно да ги следи упатствата на лекарот. Во оваа статија ќе видиме што им кажува Јехова во својата Реч на оние кои страдаат во емоционален поглед, и ќе видиме како можеме да ги примениме неговите совети кои тој со љубов ни ги дава.

ЈЕХОВА НЀ УВЕРУВА ДЕКА СМЕ СКАПОЦЕНИ

3. Зошто некои се чувствуваат безвредно?

3 Живееме во свет во кој недостасува љубов и во кој, за жал, многу луѓе постапуваат лошо со другите. Како резултат на тоа, многумина се чувствуваат безвредно. Една сестра по име Хелен a вели: „Моите родители воопшто не ни покажуваа љубов. Татко ми беше насилен и секој ден ни кажуваше дека ништо не вредиме“. Слично како Хелен, можеби и тебе некој те малтретирал, постојано те критикувал и придонел да се чувствуваш дека не си достоен некој да те сака. Ако е така, можеби ти е тешко да веруваш дека некој навистина те сака.

4. Според Псалм 34:18, во што нѐ уверува Јехова?

4 Дури и ако другите постапувале лошо со тебе, можеш да бидеш уверен дека Јехова те сака и те цени. Тој е „близу до оние што се скршени во срцето“. (Прочитај Псалм 34:18.) Ако и ти си „со скршен дух“ и се чувствуваш безвредно, имај на ум дека Јехова ги видел твоите убави особини и затоа те привлекол кон себе (Јован 6:44). Тој секогаш е спремен да ти помогне бидејќи си скапоцен за него.

5. Што можеме да научиме од начинот на кој Исус постапувал со оние кои биле потценувани од другите?

5 Можеме да научиме нешто во врска со чувствата на Јехова така што ќе го разгледаме примерот на Исус. Додека бил на Земјата, Исус ги забележувал оние кои биле потценувани од другите и со нив постапувал сочувствително (Мат. 9:9-12). Кога една жена, која се надевала дека ќе биде излекувана од една тешка болест, ја допрела неговата облека, Исус ја утешил и ја пофалил за нејзината вера (Мар. 5:25-34). Исус совршено ги одразува особините на својот Татко (Јован 14:9). Затоа, можеш да бидеш уверен дека Јехова те цени и дека ги забележува твоите убави особини, вклучувајќи ги твојата вера и твојата љубов кон него.

6. Како може некој да се справи со чувствата на безвредност?

6 Што можеш да правиш ако постојано се бориш со чувства на безвредност или ако ти се појавуваат одвреме-навреме? Читај библиски стихови кои те уверуваат дека си скапоцен во Јеховини очи и размислувај за нив b (Пс. 94:19). Ако не си успеал да постигнеш некоја цел или ако си обесхрабрен затоа што не можеш да правиш онолку колку што прават другите, немој престрого да си судиш себеси. Јехова има разумни очекувања од тебе (Пс. 103:13, 14). Ако во минатото си бил жртва на некаква злоупотреба, немој да се обвинуваш себеси. Ти не си виновен за тоа! Имај на ум дека за Јехова не се виновни жртвите, туку оние што ги малтретирале (1. Пет. 3:12). Сандра, која била сурово малтретирана како дете, вели: „Постојано го молам Јехова да се гледам себеси урамнотежено, онака како што тој ме гледа“.

7. Како она што сме го доживеале во минатото може да ни користи во службата за Јехова?

7 Никогаш немој да се сомневаш дека Јехова може да те употреби за да им помагаш на другите. Тој ти ја дал честа да бидеш негов соработник во проповедничкото дело (1. Кор. 3:9). Тоа што си поминал низ тешки ситуации веројатно ти помага да имаш сочувство кон другите и полесно да разбираш како се чувствуваат. Ти можеш да им бидеш од голема помош. Хелен, која ја спомнавме претходно, добила помош и сега може повеќе да им помага на другите. Таа вели: „Порано се чувствував крајно безвредно. Но Јехова ми помогна да се чувствувам сакано и ме користи за да им помагам на другите“. Сега Хелен радосно служи како општ пионер.

ЈЕХОВА САКА ДА ГО ПРИФАТИМЕ НЕГОВОТО ПРОСТУВАЊЕ

8. Во што нѐ уверуваат зборовите од Исаија 1:18?

8 Некои слуги на Јехова многу се измачуваат поради гревовите што ги направиле во минатото, било пред крштавањето или дури по крштавањето. Но, добро е да имаме на ум дека Јехова ја обезбедил откупнината затоа што многу нѐ сака. Нема сомнение дека тој сака да го прифатиме неговиот подарок. Јехова нѐ уверува дека, откако ќе ги расчистиме работите со него, c тој потполно ќе ни ги прости гревовите. (Прочитај Исаија 1:18.) Многу сме благодарни што нашиот Татко Јехова, кој е полн со љубов, не се сеќава на нашите гревови од минатото. А во исто време, тој никогаш не ги заборава добрите работи што сме ги направиле (Пс. 103:9, 12; Евр. 6:10).

9. Зошто треба да дадеме сѐ од себе за да се концентрираме на сегашноста и на иднината, наместо на минатото?

9 Ако сѐ уште се измачуваш поради твоите поранешни гревови, дај сѐ од себе за да се концентрираш на она што можеш да го правиш сега и на она што ќе можеш да го правиш во иднина. Размисли за примерот на апостол Павле. Тој жалел затоа што порано сурово ги прогонувал христијаните, но знаел дека Јехова му простил (1. Тим. 1:12-15). Дали Павле продолжил постојано да размислува за своите гревови од минатото? Без сомнение, тој не сакал да го прави тоа исто како што не сакал постојано да размислува за своите поранешни достигнувања како почитуван фарисеј (Фил. 3:4-8, 13-15). Наместо тоа, Павле ревносно ја извршувал својата служба и гледал напред кон иднината. Исто како Павле, и ти не можеш да го смениш минатото. Но, можеш да му носиш фалба на Јехова во твоите сегашни околности и да размислуваш за прекрасната иднина што тој ти ја ветил.

10. Што можеме да правиме ако во минатото сме повредиле некого?

10 Можеби се измачуваш затоа што во минатото си направил нешто со што си повредил некого? Што може да ти помогне? Прави сѐ што можеш за да ја надоместиш штетата. Исто така, кажи му на тоа лице дека ти е жал и покажи го тоа со своите постапки (2. Кор. 7:11). Моли го Јехова да му помогне на оној што си го повредил. Јехова може да ви помогне и на двајцата да истраете и повторно да чувствувате мир.

11. Што можеме да научиме од примерот на пророкот Јона? (Види ја и сликата.)

11 Учи од грешките од минатото и спремно дозволи му на Јехова да те користи на кој и да било начин што тој ќе го избере. Размисли за примерот на пророкот Јона. Наместо да замине во Ниневија, како што му заповедал Бог, Јона побегнал во спротивен правец. Јехова го укорил, и тој извлекол поука од својата грешка (Јона 1:1-4, 15-17; 2:7-10). Јехова не се откажал од Јона. Бог му дал уште една можност да отиде во Ниневија, и овојпат тој веднаш послушал. На Јона му било жал за грешката што ја направил. Сепак, не дозволил тоа да го спречи да ја прифати оваа задача од Јехова (Јона 3:1-3).

Откако го спасил од утробата на големата риба, Јехова повторно му рекол на Јона да оди во Ниневија и да ја објавува Неговата порака (види во пасус 11)


ЈЕХОВА НЀ ТЕШИ ПРЕКУ СВОЈОТ СВЕТ ДУХ

12. Како Јехова ни дава мир кога ќе доживееме некаква траума или загуба? (Филипјаните 4:6, 7).

12 Кога ќе доживееме некаква траума или загуба, Јехова нѐ теши преку својот свет дух. Да го разгледаме искуството на Рон и Керол. За жал, нивниот син си го одзел животот. Тие велат: „И порано сме доживувале тешки неволји. Но оваа беше најтешката. Поминавме многу бессони ноќи во кои му се молевме на Јехова. Навистина го почувствувавме мирот опишан во Филипјаните 4:6, 7“. (Прочитај.) Ако и тебе ти се случило нешто лошо поради што срцето ти е скршено, отворено кажи му на Јехова како се чувствуваш. Со него можеш да зборуваш во кое и да било време и колку сакаш (Пс. 86:3; 88:1). Постојано моли го Јехова да ти го дава неговиот свет дух. Тој секогаш ќе ти помага (Лука 11:9-13).

13. Како може светиот дух да ни помогне да продолжиме верно да му служиме на Јехова? (Ефешаните 3:16).

13 Дали поради тоа што си доживеал нешто многу болно, чувствуваш дека немаш сила речиси за ништо? Светиот дух може да ти даде сила да продолжиш верно да му служиш на Јехова. (Прочитај Ефешаните 3:16.) Размисли за она што го доживеала една сестра по име Флора. Таа и нејзиниот сопруг заедно служеле како мисионери кога нејзиниот сопруг направил прељуба, и поради тоа се развеле. Флора вели: „Бев многу тажна поради неговото неверство и не можев да мислам на ништо друго. Го молев Јехова да ми даде свет дух за да можам да истраам. Јехова ме утеши и, иако на почетокот изгледаше невозможно, ми се врати силата и успеав да истраам со негова помош“. Флора чувствува дека Бог ѝ помогнал да има уште поголема доверба во него и уверена е дека тој ќе ѝ помага во сите нејзини тешкотии. Таа вели дека зборовите од Псалм 119:32 добро опишуваат како ѝ помогнал Јехова. Таму пишува: „Ќе трчам по патот на твоите заповеди, зашто ти ми го шириш срцето за да ги собере во него“.

14. Како можеме да дозволиме Божјиот свет дух да влијае врз нас?

14 Откако си го молел Јехова да ти даде свет дух, што треба да правиш? Учествувај во активности кои ќе ти овозможат Божјиот свет дух да влијае врз тебе. Во ова е вклучено да присуствуваш на состаноците и да им проповедаш на другите. Полни си го умот со Јеховините мисли така што ќе ја читаш Божјата Реч секој ден (Фил. 4:8, 9). Додека читаш, обрни внимание на оние библиски личности кои доживеале неволји и размислувај како Јехова им помогнал да истраат. Сандра, која беше спомната претходно, доживеала многу проблеми во својот живот. Таа вели: „Извештајот за Јосиф многу ме храбри. Тој не дозволил неволјите и неправдите да му го ослабнат пријателството со Јехова“ (1. Мој. 39:21-23).

ЈЕХОВА НЀ ТЕШИ ПРЕКУ СОВЕРНИЦИТЕ

15. Од кого можеме да добиеме утеха, и на кои начини? (Види ја и сликата.)

15 Кога страдаме, нашите соверници можат да ни бидат извор на голема утеха (Кол. 4:8). Еден начин на кој Јехова ни покажува дека нѐ сака е преку нашите браќа и сестри. Соверниците можат да нѐ утешат така што сочувствително ќе нѐ слушаат или можат да ни дадат поддршка со своето присуство. Тие можат да нѐ охрабрат со некој библиски стих или да се молат заедно со нас d (Рим. 15:4). Понекогаш, некој брат или некоја сестра може да нѐ потсети на начинот на кој Јехова размислува и со тоа да ни помогне да истраеме. Нашите соверници можат да ни помогнат и на практичен начин. На пример, така што ќе ни донесат јадење кога сме потиштени.

Пријателите кои се духовно зрели и во кои имаме доверба можат многу да нѐ утешат и да ни помогнат (види во пасус 15)


16. Што можеби ќе треба да направиме за да добиеме помош од другите?

16 За да добиеме помош од другите, можеби ќе треба сами да го побараме тоа. Нашите браќа и сестри нѐ сакаат и имаат желба да ни помогнат (Изр. 17:17). Но, можеби тие не знаат како се чувствуваме и што ни е потребно (Изр. 14:10). Ако чувствуваш емоционална болка, зборувај со некои пријатели кои се зрели христијани и сподели ги своите чувства со нив. Кажи им како би можеле да ти помогнат. Можеш да му се довериш на еден или на двајца старешини со кои се чувствуваш слободно. Некои сестри добиваат утеха така што зборуваат со некоја зрела сестра.

17. Кои се некои предизвици што можат да нѐ спречат да го добиеме потребното охрабрување, и како можеме да ги надминеме?

17 Спротивстави се на склоноста да се изолираш од другите. Поради болката што ја чувствуваш, можеби повеќе сакаш да бидеш сам. Понекогаш, браќата и сестрите можеби погрешно ќе те разберат или ќе кажат нешто со што ќе те повредат (Јак. 3:2). Но, немој поради таквите предизвици да се оддалечиш од нив, бидејќи така нема да го добиеш охрабрувањето што ти е потребно. Еден старешина по име Гевин, кој страда од депресија, вели: „Честопати, последното нешто што сакам да го правам е да бидам со пријателите“. Но, Гевин не им се препушта на чувствата и вложува труд за да биде со браќата. Кога го прави тоа, обично се чувствува подобро. Една сестра по име Ејми вели: „Поради она што го доживеав во минатото, тешко ми е да им верувам на луѓето. Но, по примерот на Јехова, учам да ги сакам браќата и сестрите и да имам доверба во нив. Знам дека така го радувам него, а тоа ми носи радост и мене“.

ЦРПИ УТЕХА ОД ЈЕХОВИНИТЕ ВЕТУВАЊА ЗА ИДНИНАТА

18. Што едвај чекаме да се случи во иднина, и што можеме да правиме сега?

18 Можеме со увереност да гледаме кон иднината знаејќи дека наскоро Јехова во потполност ќе нѐ излечи од секоја наша физичка и емоционална болка (Отк. 21:3, 4). Во тоа време, болните искуства што сме ги доживеале повеќе нема „[да се јавуваат] во срцето“ (Иса. 65:17). Како што видовме, Јехова ни ги преврзува раните уште сега. Во потполност искористи го сето она што Јехова ти го дава за да те утеши и да ти помогне. Ни за миг немој да се посомневаш дека „тој се грижи за [тебе]“ (1. Пет. 5:7).

ПЕСНА 7 Јехова е нашата сила

a Имињата се сменети.

b Види ја рамката „ Ти си скапоцен за Јехова“.

c За да ги расчистиме работите со Јехова, треба да покажеме дека се каеме така што ќе го молиме да ни прости за нашите гревови и така што ќе го смениме нашето однесување. Исто така, ако направиме сериозен грев, треба да побараме помош од старешините во собранието (Јак. 5:14, 15).

d На пример, такви стихови можат да се најдат под темите „Грижи“ и „Утеха“ во публикацијата Библиски стихови за нашиот живот.