Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ИМА ЛИ СПАС ЗА НАШАТА ПЛАНЕТА?

Шумите

Шумите

ШУМИТЕ се наречени „бели дробови [на Земјата] и систем што го поддржува животот“. И, за тоа има добра причина. Дрвјата апсорбираат јаглерод диоксид, кој инаку би можел да ни наштети. Исто така, тие испуштаат кислород, кој е многу важна состојка во воздухот што го дишеме. Околу 80 отсто од копнените растенија и животни во светот живеат во шумите. Без шумите, не би можеле да преживееме.

Каква опасност им се заканува на шумите

Секоја година се сечат милијарди дрвја, главно за да се расчисти земјата за потребите на земјоделството. Од крајот на 1940-тите, половина од светските дождовни шуми исчезнале.

Кога се уништува една шума, се уништува и нејзиниот екосистем, а со тоа се губат и придобивките од него.

Планета која е создадена за да опстане

Се покажало дека некои земјишта на кои повеќето дрвја биле исечени имаат извонредна способност да се обноват, па дури и да се прошират. Неодамна, еколозите биле изненадени кога забележале за колку краток период обесшумените подрачја имаат способност самите да се обноват и повторно да станат здрави шуми. Размисли за следниве примери:

  • Некои истражувачи набљудувале земјишта кои биле обесшумени за земјоделски цели, но подоцна биле напуштени. Во едно такво истражување, во кое биле вклучени 2.200 вакви земјишта од Северна и Јужна Америка и од Западна Африка, се покажало дека за само 10 години почвата може да се обнови и повторно да стане погодна за раст на дрвја.

  • Според едно истражување кое било објавено во списанието Science, истражувачите проценуваат дека, за околу 100 години, едно обесшумено земјиште може природно да се обнови и да прерасне во шума со најразновидни дрвја и други форми на живот.

  • Неодамна, научниците во Бразил ја споредиле стапката на обновување на шумите на подрачја каде што немало речиси никакво влијание од човекот со стапката на подрачја каде што луѓето презеле значителни мерки за да се обнови шумата.

  • Во врска со оние што го правеле истражувањето, од Нешнл Џиографик известиле: „Тие биле восхитени кога откриле дека пошумувањето не било потребно“. За само пет години, набљудуваните подрачја „биле полни со автохтони дрвја“ без да биде посадено ниту едно дрво.

Што се прави за да се реши проблемот

Низ целиот свет, се вложуваат напори за да се зачуваат постоечките шуми и за да се обноват оние што претрпеле некаква штета. Како резултат на тоа, според еден извор на Обединетите нации, во изминативе 25 години „глобалното обесшумување се намалило за повеќе од 50 отсто“.

Но, ова не е доволно за да се зачуваат шумите. Во еден извештај од Организацијата за следење на состојбата на шумите во светот пишува: „Бројот на тропските шуми што се уништуваат не се сменил многу во последниве неколку години“.

Незаконското сечење на шумите е мултимилијардерски бизнис, и експлоатацијата за комерцијални цели е главната причина за уништувањето на тропските шуми.

Тимови кои работат на заштита на шумите проценуваат колкав број возрасни дрвја треба да се исечат и колку нови треба да се посадат

Причини за оптимизам — што вели Библијата

„Јехова a Бог направи да никнат од земјата секакви дрвја привлечни за гледање и добри за јадење“ (1. Мојсеева 2:9).

Творецот ги создал шумите со природна способност да ја надоместуваат штетата која им се нанесува доколку луѓето ги користат во разумна мера. Тој сака да ги заштити и да ги одржува шумите, како и нивниот чудесно создаден екосистем.

Од Библијата дознаваме дека Бог ќе стави крај на злоупотребата на природните ресурси и дека нема да им дозволи на себичните луѓе да ја уништат нашата планета и животот на неа. Види ја статијата „Бог ветува дека нашата планета ќе опстане“, која се наоѓа на страница 15.

a Јехова е името на Бог (Псалм 83:18).