Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 78

Биди подготвен, верен управителу!

Биди подготвен, верен управителу!

ЛУКА 12:35-59

  • ВЕРНИОТ УПРАВИТЕЛ ТРЕБАЛО ДА БИДЕ ПОДГОТВЕН

  • ИСУС ДОШОЛ ДА РАЗДЕЛИ

Исус кажал дека само едно „мало стадо“ ќе биде во небесното Царство (Лука 12:32). Но, таа прекрасна награда заслужувала посебно ценење. Всушност, Исус понатаму објаснил колку било важно некој да има исправен став за да може да биде во Царството.

Исус ги поттикнал своите ученици да бидат подготвени за неговото враќање. Им рекол: „Бедрата нека ви бидат опашани и светилките запалени. И бидете како оние што го чекаат својот господар кога се враќа од свадба за да му отворат веднаш штом ќе стигне и ќе почука. Среќни се оние робови кои господарот, кога ќе пристигне, ги наоѓа како бдеат!“ (Лука 12:35-37).

Од споредбата што ја кажал Исус, учениците лесно можеле да сфатат каков став требало да имаат. Робовите спремно чекале да се врати нивниот господар. Исус објаснил: „Ако [господарот] стигне на втората стража [од околу 21 часот до полноќ], или дури на третата [од полноќ до околу 3 часот наутро], и ги најде така, среќни се!“ (Лука 12:38).

Главната поука на Исус не била дека неговите ученици требало да бидат вредни работници. Тоа се гледа од она што Исус, Синот човечки, го кажал за себе во споредбата што ја дал. Тој им рекол на учениците: „Така и вие бидете подготвени, бидејќи Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“ (Лука 12:40). Според тоа, во иднина Исус требало повторно да дојде. Затоа, на своите следбеници — особено на оние од ‚малото стадо‘ — Исус им рекол да бидат подготвени.

Петар сакал подобро да го разбере она што Исус го кажал, па затоа прашал: „Господару, само нам ли ни ја кажуваш оваа споредба или на сите?“ Исус не му одговорил директно, туку кажал уште една споредба: „Кој е, всушност, верниот и разборит управител кого неговиот господар ќе го постави над своите слуги за да им ја дава храната во право време? Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! Вистина, ви велам, ќе го постави над целиот свој имот“ (Лука 12:41-44).

Во првата споредба, „господарот“ очигледно бил Исус, Синот човечки. Логично, ‚верниот управител‘ го сочинувале поединци што биле дел од ‚малото стадо‘ и што ќе го добиеле Царството (Лука 12:32). Со оваа споредба, Исус кажал дека некои од припадниците на таа група ќе се грижат за потребите на ‚неговите слуги‘ така што ќе им даваат ‚храна во право време‘. Така, Петар и другите ученици кои Исус ги поучувал и духовно ги хранел можеле да заклучат дека, во одреден период во иднина, Синот човечки повторно ќе дошол. Во тој период, Исусовите следбеници, односно ‚слугите‘ на Господарот, ќе биле духовно хранети на организиран начин.

Исус на уште еден начин истакнал зошто неговите ученици требало да го чекаат спремно и со исправен став. Тој кажал дека било можно некој да стане немарен, па дури и да почне да им се противи на своите браќа и сестри. Исус рекол: „Но, ако тој роб си рече во срцето: ‚Мојот господар доцни со доаѓањето‘, па почне да ги тепа слугите и слугинките, да јаде, да пие и да се опива, господарот на тој роб ќе дојде во ден кога не го очекува и во час што не го знае, и најстрого ќе го казни и ќе му одреди место меѓу неверните“ (Лука 12:45, 46).

Потоа Исус рекол дека дошол ‚да запали оган на земјата‘. Тоа се случило во таа смисла што неговите учења покренале прашања кои воделе до жестоки расправии и, така да се каже, ги претвориле во пепел погрешните учења и обичаи. Така дошло до поделби меѓу поединци што нормално би требало да останат неразделно поврзани. На пример, се свртиле „татко против син и син против татко, мајка против ќерка и ќерка против мајка, свекрва против снаа и снаа против свекрва“ (Лука 12:49, 53).

Откако им ги кажал овие работи на своите ученици, Исус му се обратил на мноштвото. Повеќето луѓе тврдоглаво одбивале да ги прифатат доказите дека тој е Месијата, па затоа им рекол: „Кога ќе видите дека над запад се крева облак, веднаш велите: ‚Ќе има бура‘. И така бидува. А кога ќе видите дека дува јужен ветар, велите: ‚Ќе има горештина‘. И така бидува. Лицемери, знаете да го толкувате изгледот на земјата и на небото. Како тогаш не знаете да го протолкувате ова време?“ (Лука 12:54-56). Јасно, тие луѓе воопшто не биле подготвени за доаѓањето на Месијата.