ПОГЛАВЈЕ 24
Исус проповедал низ Галилеја
МАТЕЈ 4:23-25; МАРКО 1:35-39; ЛУКА 4:42, 43
-
ИСУС ПРОПОВЕДАЛ НИЗ ГАЛИЛЕЈА ЗАЕДНО СО ЧЕТВОРИЦА УЧЕНИЦИ
-
ЗА ПРОПОВЕДАЊЕТО И ЧУДАТА НА ИСУС СЕ РАСЧУЛО НАСЕКАДЕ
Исус и неговите четворица ученици имале напорен ден во Капернаум. Вечерта, луѓето од градот ги носеле болните кај Исус за да ги излекува. Така, Исус немал ни малку време за себе.
Затоа утредента, уште пред да зазори, Исус станал и излегол надвор. Отишол на едно место каде што можел насамо да му се моли на својот Татко. Но, не останал долго сам. Кога сфатиле дека го нема, ‚Симон и оние што биле со него‘ тргнале да го бараат. По сѐ изгледа, Петар бил првиот кој тргнал да го бара бидејќи Исус бил негов гостин (Марко 1:36; Лука 4:38).
Кога го нашле, Петар му рекол: „Сите те бараат“ (Марко 1:37). Се разбира, жителите на Капернаум сакале Исус да остане кај нив. Тие биле многу благодарни за сѐ што тој направил за нив, па затоа се обиделе „да го задржат да не си оди откај нив“ (Лука 4:42). Но, дали Исус дошол на Земјата само за да ги лекува луѓето? И дали требало да остане само во тоа место? Што рекол самиот за тоа?
Исус им рекол на учениците: „Да појдеме на друго место, во блиските места за да проповедам и таму, бидејќи за тоа и дојдов“. Всушност, и на луѓето што го молеле да остане им рекол: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Марко 1:38; Лука 4:43).
Главната причина зошто Исус дошол на Земјата била да проповеда за Божјето Царство. Преку тоа Царство требало да се посвети името на неговиот Татко и да бидат трајно отстранети сите болести на луѓето. Со тоа што ги лекувал луѓето со чудо, Исус покажал дека е испратен од Бог. На сличен начин, со векови пред тоа, и Мојсеј направил големи чуда кои покажале дека бил испратен од Бог (2. Мојсеева 4:1-9, 30, 31).
Така Исус заминал од Капернаум за да проповеда и во други градови, а со него тргнале и неговите четворица ученици — Петар и брат му Андреј, како и Јован и брат му Јаков. Една седмица претходно, Исус ги повикал да бидат негови соработници и да патуваат со него.
Проповедањето на Исус низ Галилеја имало одличен успех. Гласот за него се расчул насекаде. Како што дознаваме од Библијата, ‚веста за него се разнела по цела Сирија‘, низ подрачјето на десетте градови наречено Декаполис, па сѐ до областа на другата страна од реката Јордан (Матеј 4:24, 25). Голем број луѓе од целото тоа подрачје, како и од Јудеја, тргнале по Исус и неговите ученици. Многумина од нив носеле болни луѓе за Исус да ги излекува. Исус никого не разочарал — ги излекувал сите болни и ги истерал злобните духови од оние што биле обземени од демони.