Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 27

Матеј станал ученик на Исус

Матеј станал ученик на Исус

МАТЕЈ 9:9-13; МАРКО 2:13-17; ЛУКА 5:27-32

  • ИСУС ГО ПОВИКАЛ ДАНОЧНИКОТ МАТЕЈ

  • ХРИСТОС ИМ ПОСВЕТУВАЛ ВНИМАНИЕ НА ГРЕШНИЦИТЕ ЗА ДА ИМ ПОМОГНЕ

Откако го излекувал парализираниот човек, Исус останал уште кратко време во Капернаум, покрај Галилејското Море. Кај него повторно дошле многу луѓе, и тој почнал да ги поучува. Нешто подоцна, Исус поминувал покрај местото каде што Матеј, наречен и Леви, седел и собирал данок. Кога го видел, Исус му понудил нешто прекрасно. Му рекол: „Појди по мене“ (Матеј 9:9).

Исто како Петар, Андреј, Јаков и Јован, најверојатно и Матеј знаел нешто за учењата и чудата на Исус, и веднаш го прифатил неговиот повик. Самиот Матеј во своето евангелие запишал: „Тогаш тој [Матеј] стана и појде по него“ (Матеј 9:9). Така Матеј ја оставил својата работа како даночник и станал ученик на Исус.

Подоцна, тој приредил голема гозба во својот дом, можеби за да изрази благодарност за честа што ја добил да биде ученик на Исус. Кој друг бил поканет освен Исус и неговите ученици? На гозбата биле и голем број други даночници со кои Матеј дотогаш соработувал. Тие го собирале данокот за омразените римски власти како, на пример, данокот за бродовите што доаѓале на пристаништето, данокот за караваните што поминувале по главните патишта и царината за увезената стока. Какво мислење имале повеќето Евреи за даночниците? Тие ги презирале, затоа што даночниците честопати постапувале нечесно така што изнудувале повеќе пари отколку што требало. Освен тоа, на гозбата имало и ‚грешници‘, односно луѓе што биле познати по своите многубројни гревови (Лука 7:37-39).

Кога фарисеите, кои се сметале за поправедни од другите, виделе дека Исус е на гозба со такви луѓе, ги прашале неговите ученици: „Зошто вашиот учител јаде со даночници и со грешници?“ (Матеј 9:11). Исус ги слушнал, па им рекол: „На здравите не им треба лекар, туку на болните. Затоа, одете и научете што значи ова: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто, не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците“ (Матеј 9:12, 13; Осија 6:6). Иако фарисеите го нарекле Исус „учител“, тие, всушност, не го гледале како учител. Сепак, имало многу што да научат од него во врска со праведноста.

Очигледно, Матеј ги поканил даночниците и грешниците во неговиот дом за да го слушаат Исус и духовно да оздрават, бидејќи мнозина од нив веќе ‚пошле по него‘ (Марко 2:15). Исус сакал да им помогне на таквите лица да стекнат добар однос со Бог. За разлика од фарисеите, кои себеси се сметале за праведни, Исус не гледал од високо на даночниците и грешниците. Тој сочувствувал со нив и сакал да им пружи духовна помош на сите што биле духовно болни.

Со тоа што им покажал милост, Исус не ја намалил тежината на нивните гревови, туку покажал сочувство какво што имал и кон физички болните луѓе. На пример, кога лепрозниот човек го молел да го излекува, Исус сочувствително го допрел и му рекол: „Сакам, исчисти се“ (Матеј 8:3). Зар не треба и ние да покажуваме такво сочувство и да им помагаме на оние што имаат потреба од помош, особено во духовен поглед?