Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 2

Задржи чиста совест пред Бог

Задржи чиста совест пред Бог

„Зачувајте чиста совест“ (1. ПЕТРОВО 3:16)

1-2. а) Зошто ни е потребно водство кога се наоѓаме во некое непознато место? б) Што ни дал Јехова за да нѐ води во животот?

 ЗАМИСЛИ СИ дека се движиш низ една голема пустина. Околината постојано се менува поради силниот ветер кој го носи песокот во различни правци. Поради тоа, би можел лесно да се изгубиш. Како ќе знаеш во кој правец да одиш? Потребно е да имаш некој или нешто што може да те води низ пустината. Тоа би можело да биде компас, сонцето и ѕвездите, некоја мапа, GPS (Глобален систем за позиционирање) или некој човек што добро ја познава пустината. Многу е важно да имаш вакво водство бидејќи, ако знаеш во кој правец треба да одиш, тоа може да ти го спаси животот.

2 Сите ние се соочуваме со многу предизвици во животот и понекогаш може да се чувствуваме како да сме изгубени. Но, за да нѐ води, Јехова секому од нас му дал совест (Јаков 1:17). Да видиме што е совеста и како функционира таа. Потоа ќе дознаеме како можеме да ја обликуваме нашата совест, зошто треба да мислиме на совеста на другите и како може чистата совест да ни го подобри животот.

ШТО Е СОВЕСТА И КАКО ФУНКЦИОНИРА?

3. Што е совеста?

3 Совеста е прекрасен дар од Јехова. Таа е внатрешно чувство кое ни кажува што е исправно, а што погрешно. Во Библијата, грчкиот збор што се користи за „совест“ буквално значи „да се познаваш себеси“. Кога добро функционира, нашата совест ни помага да се преиспитаме какви сме навистина одвнатре. Таа може да ни помогне искрено да ги процениме нашите најдлабоки мисли и чувства. Совеста може да ни помогне да постапуваме исправно и да нѐ спречи да постапуваме погрешно. Исто така, благодарение на совеста можеме да се чувствуваме убаво кога ќе донесеме мудра одлука или да чувствуваме вина кога ќе донесеме некоја лоша одлука. (Види Белешка 5.)

4-5. а) Што се случило кога Адам и Ева не постапиле во склад со она што им го кажувала совеста? б) Кои библиски примери покажуваат како функционира совеста?

4 Секој од нас може да избере дали ќе ја слуша својата совест или не. Адам и Ева избрале да не ја слушаат нивната совест, и поради тоа направиле грев. Потоа чувствувале вина, но било предоцна. Тие веќе покажале непослушност кон Бог (1. Мојсеева 3:7, 8). Иако и двајцата имале совршена совест и знаеле дека е погрешно да му бидат непослушни на Бог, тие сепак решиле да не ја послушаат својата совест.

5 Од друга страна, голем број несовршени луѓе ја слушале својата совест. Еден таков добар пример е Божјиот слуга Јов. Бидејќи си ја слушал совеста и донел добри одлуки, тој можел да каже: „Моето срце нема да ме прекорува за ниту еден мој ден“ (Јов 27:6). Кога го спомнал своето срце, Јов мислел на својата совест, односно на своето чувство за тоа што е исправно, а што погрешно. За разлика од него, цар Давид понекогаш му бил непослушен на Јехова бидејќи не постапувал во склад со она што му го кажувала совеста. Потоа чувствувал вина и срцето го осудувало (2. Самоилова 24:10). Тоа значи дека совеста на Давид му кажувала дека направил нешто погрешно. Таквата грижа на совеста сигурно му помогнала да извлече поука од својата грешка и никогаш повеќе да не ја повтори.

6. Зошто може да се каже дека совеста е дар што Бог им го дал на сите луѓе?

6 Дури и луѓето кои не го познаваат Јехова обично се свесни дека постојат работи кои се исправни и погрешни. Тоа е во склад со она што го вели Библијата: „Во своите мисли се обвинети или, пак, се оправдани“ (Римјаните 2:14, 15). На пример, повеќето луѓе знаат дека е погрешно да се убива и да се краде. Иако можеби не се свесни, тоа им го кажува нивната совест, односно чувството за исправно и погрешно што Јехова го всадил во нив. А со тоа што ја слушаат својата совест, тие всушност постапуваат во склад со библиските начела — основни вистини што ги дал Јехова за да ни помогне да носиме добри одлуки во животот.

7. Зошто нашата совест понекогаш може да реагира неисправно?

7 Но нашата совест понекогаш може да реагира неисправно. На пример, врз неа може негативно да влијаат нашите несовршени мисли и чувства, и таа може да нѐ води во погрешен правец. Нашата совест нема автоматски да реагира исправно. Потребно е да вложиме труд, односно да ја обликуваме. Тоа може да се види од примерот на Јосиф. Тој се спротивставил на едно големо искушение затоа што совеста му била исправно обликувана (1. Мојсеева 39:1, 2, 7-12). За да ни помогне да си ја обликуваме совеста, Јехова ни ги дава библиските начела и светиот дух (Римјаните 9:1). Да видиме како можеме да си ја обликуваме совеста.

КАКО МОЖЕМЕ ИСПРАВНО ДА ЈА ОБЛИКУВАМЕ СОВЕСТА?

8. а) Како можат нашите чувства да влијаат врз нашата совест? б) Што треба да се прашаме пред да донесеме некоја одлука?

8 Некои луѓе мислат дека, да си ја слушаш совеста значи едноставно да се водиш по своите чувства. Тие мислат дека можат да прават што сакаат сѐ додека не чувствуваат вина за тоа. Но, бидејќи сме несовршени, нашите чувства може да нѐ водат во погрешен правец. Чувствата можат да ни бидат толку силни што ќе влијаат врз нашата совест. Библијата вели: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него?“ (Еремија 17:9). Затоа би можеле да почнеме да си мислиме дека нешто е исправно иако, всушност, е погрешно. На пример, пред да стане христијанин, Павле сурово ги прогонувал Божјите слуги и сметал дека тоа е исправно. Тој мислел дека го прави тоа со чиста совест. Но, кога дознал како гледа Јехова на таа работа, Павле сфатил дека треба да се смени. Тој сфатил дека е важно да има чиста совест пред Јехова (Дела 23:1; 1. Коринќаните 4:4; 2. Тимотеј 1:3). Ова јасно покажува дека, пред да направиме нешто, треба да се прашаме: „Дали Јехова би сакал да го направам ова?“

9. Што значи да имаме страв од Бог?

9 Кога сакаш некого, сигурно не би сакал да направиш нешто со што би го разочарал. Истото важи и за Јехова — бидејќи го сакаме, не би сакале да направиме нешто со што би го разочарале. Нашиот страв да не го разочараме Јехова треба да биде многу силен. Ова се гледа од примерот на Неемија. Тој не сакал да ја искористи својата положба како управител за да се збогати. Зошто? Неемија рекол: „Од страв од Бог“ (Неемија 5:15). Тој не сакал со ништо да го разочара Јехова. Исто како Неемија, и ние не сакаме со ништо да го разочараме Бог. Можеме да дознаеме што го радува Јехова така што ќе ја читаме Библијата. (Види Белешка 6.)

10-11. Кои библиски начела можат да ни помогнат да донесеме добри одлуки во врска со алкохолот?

10 На пример, еден Божји слуга можеби ќе треба да одлучи дали да пие алкохол. Кои начела можат да му помогнат да донесе добра одлука? Да разгледаме неколку. Во Библијата не пишува дека е погрешно да се пие алкохол. Всушност, таа вели дека виното е дар од Бог (Псалм 104:14, 15). Но, Исус им рекол на своите следбеници да не се опиваат (Лука 21:34). И Павле им рекол на христијаните да не одат по „разуздани гозби и пијанки“ (Римјаните 13:13). Тој рекол дека пијаниците „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10).

11 Еден Божји слуга би можел да се праша: „Колку ми е важен алкохолот? Дали ми е потребен за да се опуштам? Дали пијам алкохол за да си ја зголемам самодовербата? Имам ли контрола врз тоа колку често и колку многу пијам? * Дали можам да си поминам убаво со пријателите дури и без алкохол?“ Исто така, многу е важно да го молиме Јехова да ни помогне да носиме мудри одлуки. (Прочитај Псалм 139:23, 24.) Ние си ја обликуваме совеста во склад со библиските начела така што размислуваме за нив и искрено се преиспитуваме. Но потребно е уште нешто.

ЗОШТО ЈА ЗЕМАМЕ ПРЕДВИД СОВЕСТА НА ДРУГИТЕ?

12-13. а) Зошто нашата совест може да реагира различно од совеста на другите? б) Како треба да гледаме на таквите разлики?

12 Совеста на сите луѓе не реагира секогаш на ист начин. Твојата совест може да ти дозволува нешто што совеста на некој друг не му го дозволува. На пример, ти можеби ќе одлучиш да пиеш алкохол, а некој друг можеби ќе одлучи да не пие. Зошто две лица може да имаат различни ставови во врска со ова?

Твојата совест која е обликувана според Библијата може да ти помогне да одлучиш дали да пиеш алкохол или не

13 Честопати, врз нашите гледишта влијаат местото каде што сме пораснале, ставовите на нашето семејство, нашите искуства во животот и други фактори. Кога станува збор за алкохолот, секој си ги знае своите околности, и затоа некој што порано претерувал со пиењето сега можеби ќе одлучи воопшто да не пие (1. Царевите 8:38, 39). Затоа, ако некому му понудиш алкохолен пијалак и тој те одбие, како ќе реагираш? Дали ќе се навредиш? Дали и понатаму ќе го тераш да се напие нешто? Дали ќе настојуваш да ти каже зошто не сака да пие? Не, бидејќи ја почитуваш неговата совест.

14-15. а) Каква ситуација се појавила во времето на Павле? б) Кој добар совет го дал Павле?

14 Во времето на апостол Павле, се појавила ситуација што покажува дека совеста може да се разликува од човек до човек. Дел од месото што се продавало на пазарите претходно било принесено како жртва на идоли. Павле не мислел дека е погрешно да се купи и да се јаде такво месо (1. Коринќаните 10:25). Според него, сета храна била од Јехова. Но, некои браќа што порано обожавале идоли, имале поинакво гледиште за оваа работа. Тие сметале дека е погрешно да се јаде тоа месо. Дали Павле си мислел: „Мене совеста ми го дозволува тоа. Имам право да јадам што сакам“?

15 Павле не размислувал така. Толку му било важно да не ги повреди чувствата на соверниците што бил спремен да се откаже од некои свои права. Павле рекол дека не треба „да си угодуваме себеси“. Тој додал: „Ниту Христос не си угодуваше себеси“ (Римјаните 15:1, 3). Исто како Исус, Павле повеќе мислел на другите отколку на себе. (Прочитај 1. Коринќаните 8:13; 10:23, 24, 31-33.)

16. Зошто не треба да ги осудуваме соверниците за она што нивната совест им го дозволува?

16 Но, што ако совеста некому му дозволува да прави нешто што ние сметаме дека е погрешно? Треба многу да внимаваме да не го критикуваме и да не тврдиме дека ние сме во право. (Прочитај Римјаните 14:10.) Јехова ни ја дал совеста за да си судиме себеси, а не на другите (Матеј 7:1). Никогаш не сакаме со нашите одлуки да предизвикаме поделби во собранието. Наместо тоа, да покажуваме љубов и да го зајакнуваме единството меѓу нас (Римјаните 14:19).

КАКО НИ КОРИСТИ ИСПРАВНО ОБЛИКУВАНАТА СОВЕСТ?

17. Што се случува со совеста на некои луѓе?

17 Апостол Петар напишал: „Зачувајте чиста совест“ (1. Петрово 3:16). За жал, ако некој упорно ги отфрла начелата од Јехова, со текот на времето неговата совест повеќе нема да го предупредува. Павле рекол дека таквата совест е „запечатена со вжештено железо“ (1. Тимотеј 4:2). Дали некогаш си се изгорел до тој степен што кожата многу ти се оштетила и повеќе ништо не чувствуваш на тоа место? Нешто слично се случува и ако некој упорно продолжува да прави погрешни работи. Неговата совест може сосема да затапи и, со текот на времето, да престане да функционира.

Исправно обликуваната совест може да нѐ води во животот и да ни донесе радост и внатрешен мир

18-19. а) Како ни користат чувствата на вина или срам? б) Што може да ни помогне ако чувствуваме вина поради нашите гревови за кои веќе сме се покајале?

18 Кога се чувствуваме виновни, нашата совест можеби ни кажува дека нешто сме згрешиле. Ова може да ни помогне да утврдиме што сме направиле и потоа да престанеме да го правиме тоа. Добро е да учиме од своите грешки за да не ги повторуваме. На пример, иако цар Давид направил грев, неговата совест го поттикнала да се покае. Тој почнал да го мрази она што го направил и бил решен во иднина да му биде послушен на Јехова. Давид од лично искуство можел да ги каже следниве зборови: „Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш“ (Псалм 51:1-19; 86:5; види Белешка 7).

19 Но, некој може сѐ уште да чувствува вина иако поминало долго време откако се покајал за гревот што го направил. Чувствата на вина можат да ни предизвикаат болка и поради нив може да си мислиме дека сме безвредни. Ако и ти понекогаш се чувствуваш така, не заборавај дека не можеш да го смениш она што се случило во минатото. Сепак, без разлика дали намерно или ненамерно си направил нешто погрешно, бидејќи си се покајал, Јехова потполно ти простил и ти ги избришал гревовите. Ти си чист во Јеховини очи и знаеш дека сега постапуваш исправно. Срцето можеби сѐ уште те осудува, но Библијата вели: „Бог е поголем од нашето срце“. (Прочитај 1. Јованово 3:19, 20.) Ова значи дека љубовта кон Јехова и тоа што знаеш дека ти простил може да ти помогне да ги победиш чувствата на вина или срам што можеби те измачуваат. Можеш да бидеш уверен дека Јехова ти простил. Ако го прифатиш тој факт, совеста ќе ти биде мирна и ќе можеш да му служиш на Бог со радост (1. Коринќаните 6:11; Евреите 10:22).

20-21. а) Која е целта на оваа книга? б) Како треба да ја користиме слободата што ни ја дава Јехова?

20 Целта на оваа книга е да ти помогне да си ја обликуваш совеста за да може да те предупреди и да те заштити во овие тешки последни денови. Исто така, таа може да ти помогне да ги примениш библиските начела во разни ситуации во животот. Се разбира, во оваа книга нема да најдеш список со правила за тоа како да постапиш во секоја ситуација. Ние живееме според „законот Христов“, кој се темели на Божјите начела и ни дава голема слобода (Галатите 6:2). Сепак, не ја злоупотребуваме таа слобода. Кога нема конкретен закон за некоја работа, тоа не го користиме како изговор да го правиме она што е погрешно мислејќи си: „Ако нешто не е забрането, тогаш е дозволено“ (2. Коринќаните 4:1, 2; Евреите 4:13; 1. Петрово 2:16). Напротив, слободата што ја имаме ја користиме за да ја покажеме нашата љубов кон Јехова.

21 Кога размислуваме за библиските начела и кога ги применуваме во животот, учиме да ја користиме нашата „моќ на согледување“ и да размислуваме онака како што размислува Јехова (Евреите 5:14). Така ќе имаме совест обликувана според библиските начела која ќе нѐ води низ животот и ќе ни помогне да ја зачуваме Божјата љубов.

^ Многу лекари велат дека особено на алкохоличарите им е тешко да се контролираат колку пијат. Лекарите советуваат тие воопшто да не пијат алкохол.