ПОГЛАВЈЕ 8
Јехова сака неговите слуги да бидат чисти
„Со оној што е чист постапуваш чисто“ (ПСАЛМ 18:26)
1-3. а) Зошто една мајка сака нејзиното синче да биде чисто? б) Зошто Јехова сака неговите слуги да бидат чисти?
ЗАМИСЛИ СИ како една мајка со љубов го спрема своето синче за на училиште. Проверува дали се измило и дали облеката му е чиста и уредна. Таа знае дека чистотата е важна за неговото здравје. Исто така, другите можат да видат дека родителите се грижат за него.
2 Нашиот Татко, Јехова, сака да бидеме чисти (Псалм 18:26). Тој знае дека тоа е за наше добро. Исто така, со нашата чистота му носиме слава нему (Езекиел 36:22; прочитај 1. Петрово 2:12).
3 Што значи да бидеме чисти? Зошто е за наше добро да бидеме чисти? Додека ги разгледуваме овие прашања, можеби ќе сфатиме дека ќе треба да направиме некои промени за да се подобриме.
ЗОШТО ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ЧИСТИ?
4-5. а) Зошто треба да бидеме чисти? б) Што дознаваме за Јехова од она што го создал?
4 Од примерот на Јехова можеме да научиме како треба да гледаме на чистотата (3. Мојсеева 11:44, 45). Значи, главната причина зошто треба да бидеме чисти е тоа што сакаме да се угледаме на Бог (Ефешаните 5:1).
5 Од она што го создал Јехова се гледа колку му е важна чистотата. Тој создал природни циклуси кои ги прочистуваат воздухот и водата (Еремија 10:12). Иако луѓето ја загадуваат Земјата, постојат многу начини на кои таа самата се чисти. На пример, Јехова создал микроорганизми кои можат да се видат само со микроскоп. Тие ситни живи суштества можат да го претворат отровниот отпад во безопасни материи. Ова е навистина моќен процес. Научниците дури користат некои од овие микроорганизми за да ја поправат штетата од загадувањето (Римјаните 1:20).
6-7. Како Мојсеевиот закон покажувал дека слугите на Јехова мора да бидат чисти?
6 Колку е важно да бидеме чисти се гледа и од Законот што Јехова им го дал на Израелците преку Мојсеј. На пример, тие требало да бидат чисти во физички поглед ако сакале Јехова да ја прифати нивната служба. На Денот на очистувањето првосвештеникот требало да се искапе двапати (3. Мојсеева 16:4, 23, 24). И другите свештеници морале да си ги измијат рацете и нозете пред да ги принесат жртвите (2. Мојсеева 30:17-21; 2. Летописи 4:6). Во одредени ситуации, ако некој не бил послушен на законите за чистота, требало да биде погубен (3. Мојсеева 15:31; 4. Мојсеева 19:17-20).
7 А како е денес? Од Мојсеевиот закон можеме многу да научиме за Јеховините мерила (Малахија 3:6). Од него јасно се гледало дека слугите на Јехова треба да бидат чисти. Мерилата на Јехова не се смениле. И денес, тој очекува од своите слуги да бидат чисти (Јаков 1:27).
ШТО ЗНАЧИ ДА БИДЕМЕ ЧИСТИ?
8. Што е потребно за да бидеме чисти во очите на Јехова?
8 Според Јехова, да бидеме чисти не значи само да ги одржуваме чисти нашето тело, нашата облека и нашиот дом. Чистотата го вклучува целиот наш живот. Во тоа спаѓаат нашата служба за Бог, нашето однесување и нашите мисли. За да бидеме чисти во очите на Јехова, мора да бидеме чисти на секое подрачје од нашиот живот.
9-10. Што значи да му служиме на Бог на чист, односно исправен начин?
9 Служи му на Бог на чист начин. Не треба да имаме никаква врска со лажната религија. Тоа го гледаме од примерот на Израелците. Кога биле во ропство во Вавилон, тие живееле меѓу луѓе кои биле дел од паганска религија во која имало неморални ритуали. Исаија прорекол дека Израелците ќе се вратат во својата татковина и дека повторно ќе му служат на Јехова на чист, односно исправен начин. Јехова им рекол: „Излезете оттаму, не допирајте ништо нечисто! Излезете од него, бидете чисти“. Според тоа, тие не можеле да му служат на Бог, а во исто време да веруваат во учењата и да учествуваат во обичаите на лажната религија од Вавилон (Исаија 52:11).
10 Вистинските христијани денес исто така внимаваат да не се извалкаат со што и да било од лажната религија. (Прочитај 1. Коринќаните 10:21.) Во целиот свет има голем број популарни традиции, обичаи и верувања кои се темелат на лажни религиозни учења. На пример, во многу култури, луѓето веруваат дека некој дел од човекот продолжува да живее и по смртта, и многу обичаи се темелат на ова верување (Проповедник 9:5, 6, 10). Христијаните не треба да учествуваат во такви обичаи. Членовите на нашето семејство можеби ќе ни вршат притисок. Но, бидејќи сакаме да бидеме чисти во очите на Јехова, ние не попуштаме на таквиот притисок (Дела 5:29).
11. Што значи да бидеме чисти во нашето однесување?
11 Чисто однесување. За да бидеме чисти во Јеховини очи, не смееме да вршиме каков и да било сексуален неморал. (Прочитај Ефешаните 5:5.) Во Библијата, Јехова ни вели: „Бегајте од блуд!“ Тој јасно кажува дека оние што живеат неморално и не се каат поради тоа „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10, 18; види Белешка 22).
12-13. Зошто треба да бидеме чисти во мислите?
12 Чисти мисли. Мислите честопати водат до постапки (Матеј 5:28; 15:18, 19). Чистите мисли ќе нѐ поттикнат да постапуваме на чист начин. Се разбира, поради тоа што сме несовршени, одвреме-навреме ќе ни се појават неисправни мисли. Кога ќе се случи тоа, треба веднаш да ги отфрлиме. Доколку не го сториме тоа, со текот на времето нашето срце може да стане нечисто. Можеби ќе посакаме да ги правиме оние работи за кои постојано размислуваме. Затоа, мора да си го полниме умот со чисти мисли. (Прочитај Филипјаните 4:8.) Од таа причина, избегнуваме забава во која има неморал или насилство. Внимателно избираме што читаме, што гледаме и за што зборуваме (Псалм 19:8, 9).
13 За да ја зачуваме Божјата љубов, мора да му служиме на Јехова на чист начин и да бидеме чисти во нашето однесување и во нашите мисли. Но, за Јехова е важно да бидеме чисти и во физички поглед.
КАКО МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ ЧИСТИ ВО ФИЗИЧКИ ПОГЛЕД?
14. Зошто е важно да бидеме чисти во физички поглед?
14 Доколку внимаваме нашето тело и нашето опкружување да бидат чисти, тоа ќе ни користи нам и на луѓето околу нас. Ние ќе се чувствуваме убаво, а другите ќе сакаат да бидат со нас. Но, што е уште поважно, ако сме чисти во физички поглед, ќе му носиме слава на Јехова. Размисли за следново. Ако гледаш дека едно дете секогаш е валкано, можеби ќе стекнеш лошо мислење за неговите родители. Слично на тоа, ако не ја одржуваме нашата телесна чистота, луѓето можеби ќе стекнат лошо мислење за Јехова. Павле рекол: „Во ништо не даваме никаква причина за спрепнување, за да нема што да ѝ се приговори на нашата служба, туку во сѐ се препорачуваме како Божји слуги“ (2. Коринќаните 6:3, 4).
15-16. Како можеме да ја одржуваме нашата чистота?
15 Нашето тело и нашата облека. Секој ден треба да ја одржуваме нашата чистота. На пример, редовно се капеме, ако е можно и секој ден. Откако сме биле во тоалет или откако сме допреле нешто валкано, задолжително си ги миеме рацете со сапун и со вода. Многу е важно да ги миеме рацете и пред да готвиме или пред да јадеме нешто. Можеби ни се чини дека миењето раце е едноставна работа, но тоа е неопходно ако сакаме да го спречиме ширењето на бактерии и болести. Тоа може дури да спаси и животи. Ако немаме тоалет или канализација, сепак постојат разни начини на кои можеме да го отстраниме изметот. Древните Израелци немале канализација, и затоа го закопувале својот измет во земјата, далеку од домовите на луѓето и од изворите на вода (5. Мојсеева 23:12, 13).
16 Нашата облека не мора да биде скапа и по најнова мода. Но треба да биде чиста и уредна. (Прочитај 1. Тимотеј 2:9, 10.) Ние сакаме со нашиот изглед секогаш да му носиме чест на Јехова (Тит 2:10).
17. Зошто сакаме да ја одржуваме чистотата на нашиот дом и нашето опкружување?
17 Нашиот дом и нашето опкружување. Без разлика каде живееме, ние ја одржуваме чистотата на нашиот дом. Исто така, внимаваме нашиот автомобил, мотор, велосипед или кое и да било друго превозно средство што го имаме секогаш да биде чисто, особено ако го користиме кога одиме на состаноци или кога проповедаме. Всушност, во службата на проповедање ние им зборуваме на другите дека Земјата наскоро ќе биде потполно исчистена и претворена во рај (Лука 23:43; Откровение 11:18). Изгледот на нашиот дом и нашето опкружување може да покаже дали уште сега се подготвуваме за живот во тој чист нов свет.
18. Зошто сакаме да ги одржуваме чисти местата на кои го обожаваме Јехова?
18 Местата на кои го обожаваме Јехова. Покажуваме дека чистотата ни е важна така што ги одржуваме чисти местата на кои имаме состаноци, собири и конгреси. Кога некој за првпат ќе дојде во една сала за состаноци, обично веднаш забележува колку таа е чиста. Ова му носи слава на Јехова. Секој што е дел од едно собрание има можност да помага во чистењето и одржувањето на салата за состаноци (2. Летописи 34:10).
ДА СЕ ОСЛОБОДИМЕ ОД НЕЧИСТИ НАВИКИ
19. Од што треба да се чуваме?
19 Иако во Библијата не е наведена секоја лоша навика од која треба да се чуваме, во неа има начела кои ни помагаат да сфатиме како гледа Јехова на таквите работи. Тој не сака неговите слуги да пушат цигари, да се опиваат и да се дрогираат. Ако сме Божји пријатели, нема да ги правиме овие работи. Зошто? Бидејќи го цениме животот како дар од Бог. Таквите навики можат да ни го скратат животот, да ни го нарушат здравјето и да им наштетат на луѓето околу нас. Многу луѓе се обидуваат да прекинат со овие лоши навики за да си го зачуваат здравјето. Но, како пријатели на Јехова, ние сакаме да се ослободиме од таквите навики пред сѐ од љубов кон него. Една девојка рекла: „Со помош од Јехова почнав да водам чист начин на живот. Престанав да пушам, да се опивам и да се дрогирам... Мислам дека ќе беше невозможно да ги направам тие промени без негова помош“. Да разгледаме пет библиски начела кои можат да му помогнат некому да се ослободи од штетните навики.
20-21. Од какви навики сака Јехова да се ослободиме?
20 „Да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот, и да се усовршуваме во светоста во Божји страв“ (2. Коринќаните 7:1). Јехова не сака да им робуваме на нечисти навики кои можат штетно да влијаат врз нашиот ум и нашето тело.
21 Една силна причина зошто треба „да се исчистиме од секоја валканост“ е наведена во 2. Коринќаните 6:17, 18. Таму Јехова ни кажува: „Повеќе не допирајте ништо што е нечисто“. А потоа ни ветува: „Јас ќе ве примам. И ќе ви бидам татко, а вие ќе ми бидете синови и ќерки“. Според тоа, како што еден татко ги сака своите деца, така и Јехова ќе нѐ сака нас ако се чуваме од работи што можат да нѐ направат нечисти во негови очи.
22-25. Кои библиски начела можат да ни помогнат да се чуваме од нечисти навики?
22 „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Ова е најважната заповед (Матеј 22:38). Јехова заслужува потполно да го сакаме. Но дали навистина покажуваме таква љубов кон него ако правиме нешто што би можело да ни го скрати животот или штетно да влијае врз нашиот мозок? Се разбира дека не. Затоа, ние правиме сѐ што можеме за да покажеме дека го цениме животот што ни го дал Бог.
23 „[Јехова] им дава на сите живот и здив и сѐ“ (Дела 17:24, 25). Ако некој пријател ти даде скапоцен подарок, дали би го фрлил или уништил? Животот е прекрасен подарок од Јехова и за нас тој е скапоцен. Затоа сакаме да го користиме нашиот живот на начин со кој ќе му носиме слава на Бог (Псалм 36:9).
24 „Сакај го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39). Нечистите навики не ни штетат само нам. Тие можат да им наштетат и на оние што се околу нас, а тоа обично се луѓето што најмногу ги сакаме. На пример, ако пушиме цигари, тогаш оние што живеат во иста куќа со нас може да добијат сериозни здравствени проблеми со самото тоа што го вдишуваат чадот. Но, ако прекинеме со лошите навики, ќе им покажеме на оние околу нас дека ги сакаме (1. Јованово 4:20, 21).
25 „Потсетувај ги да им бидат подложни и покорни на властите и на владетелите“ (Тит 3:1). Во многу земји е незаконски да се поседуваат и да се користат одредени дроги. Ние се придржуваме за таквите закони бидејќи Јехова ни заповеда да ги почитуваме властите (Римјаните 13:1).
26. а) Што треба да правиме за да бидеме пријатели на Јехова? б) Зошто треба да дадеме сѐ од себе за да останеме чисти во Божји очи?
26 Можеби ќе увидиме дека, ако сакаме да бидеме пријатели на Јехова, ќе треба да направиме одредени промени. Во тој случај, треба веднаш да почнеме со промените. Не е секогаш лесно да се прекине со некоја лоша навика, но можеме да успееме во тоа! Јехова ни ветува дека ќе ни помага. Тој вели: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17). Кога даваме сѐ од себе за да останеме чисти во секој поглед, можеме да бидеме сигурни дека му носиме слава на Бог.