Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој може да му се спротивстави на кнезот над кнезовите?

Кој може да му се спротивстави на кнезот над кнезовите?

Десетто поглавје

Кој може да му се спротивстави на кнезот над кнезовите?

1, 2. Зошто е важна за нас визијата што ја имал Даниел во третата година од царувањето на Валтазар?

 ПОМИНАЛЕ педесет и седум години од уништувањето на Јеховиниот храм во Ерусалим. Валтазар и татко му, Набонид, заедно владеат со Вавилонската Империја, третата светска сила од библиското пророштво. * Божјиот пророк Даниел е во изгнанство во Вавилон. А во „третата година од царувањето на царот Валтазар“, Јехова му испраќа на Даниел визија која открива извесни детали околу обновувањето на вистинското обожавање (Даниел 8:1).

2 Пророчката визија што ја видел Даниел длабоко влијаела врз него, а од голем интерес и е за нас кои живееме во „крајот од времето [времето на крајот, NW]“. Ангелот Гавриел му вели на Даниел: „Еве ти откривам што ќе биде во последните денови на гневот; зашто тоа се однесува на крајот од определеното време [одреденото време на крајот, NW]“ (Даниел 8:16, 17, 19, 27). Ајде тогаш, со жив интерес да разгледаме што видел Даниел и што значи тоа за нас денес.

ОВЕН СО ДВА РОГА

3, 4. Какво животно видел Даниел при реката, и што симболизира тоа?

3 „И видов во видението,“ пишува Даниел, „и кога гледав, јас бев во Суза, престолнината на Еламската област, и видов во видението како да бев при реката Улај“ (Даниел 8:2). Не се наведува дали Даниел дословно бил во Суза (Суса) — главниот град на Елам, сместен околу 350 километри источно од Вавилон — или бил таму само во визија.

4 Даниел продолжува: „Ги кренав очите и видов: а таму при реката стои еден овен; тој имаше два рога“ (Даниел 8:3а). Идентитетот на овенот не останува тајна за Даниел. Ангелот Гавриел подоцна вели: „Овенот со двата рога што ги виде тоа се мидијскиот цар и персискиот“ (Даниел 8:20). Медијците дошле од една планинска висорамнина источно од Асирија, а првобитно Персијците претежно живееле како номади во регионот северно од Персискиот Залив. Меѓутоа, како што растела Медо-персиската Империја така нејзините жители развивале истанчен вкус за луксуз.

5. Како повисокиот рог ‚се извишил подоцна‘?

5 „[Двата] рогови [беа] високи,“ известува Даниел, „но едниот беше повисок од другиот и повисокиот се извиши [се појави, NW] подоцна“ (Даниел 8:3б). Повисокиот рог што се извишил подоцна ги претставува Персијците, додека другиот рог ги претставува Медијците. Отпрвин доминирале Медијците. Но во 550 пр.н.е., владетелот на Персија, Кир, лесно го победил медискиот цар Астијаг. Кир ги комбинирал обичаите и законите на двата народа, ги обединил нивните царства и ги проширил нивните освојувања. Оттогаш натаму, империјата имала двојна природа.

ОВЕНОТ СЕ ОСИЛУВА

6, 7. Како испаднало ‚ниеден ѕвер да не може да устои против‘ овенот?

6 Продолжувајќи со описот на овенот, Даниел вели: „Видов како тој овен бодеше кон запад, кон север и кон југ и ниеден ѕвер не можеше да устои против него, и никој не можеше да се избави од него; тој вршеше што сакаше и се осили“ (Даниел 8:4).

7 Во претходната визија што му била дадена на Даниел, Вавилон е претставен со див ѕвер кој излегува од морето и личи на лав со орловски крилја (Даниел 7:4, 17). Овој симболичен ѕвер покажал дека не е способен да устои против ‚овенот‘ од новата визија. Вавилон паднал под Кир Велики во 539 пр.н.е. Скоро 50 години подоцна, „ниеден ѕвер“, односно политичка влада, не можел да се крене против Медо-персиската Империја — четвртата светска сила од библиското пророштво.

8, 9. а) Како ‚бодел тој овен кон запад, кон север и кон југ‘? б) Што вели книгата Естира за наследникот на персискиот цар Дариј I?

8 Доаѓајќи „од исток“, медо-персиската светска сила правела сѐ што сакала и ‚бодела кон запад, кон север и кон југ‘ (Исаија 46:11). Царот Камбис II, кој го наследил Кир Велики, го освоил Египет. Негов наследник бил персискиот цар Дариј I кој, во 513 пр.н.е., се упатил на запад преку Босфорскиот Проток и ја нападнал европската територија Тракија, чиј главен град бил Визант (сега Истанбул). Во 508 пр.н.е. ја покорил Тракија, а во 496 пр.н.е. ја освоил Македонија. И така, до времето на Дариј, медо-персискиот „овен“ присвоил територии во три главни насоки: северно во Вавилонија и Асирија, западно преку Мала Азија, и јужно во Египет.

9 Библијата сведочи за големината на Медо-персиската Империја кога за наследникот на Дариј, Ксеркс I или „Артаксеркс“, вели дека „царуваше над сто и дваесет и седум области од Индија до Етиопија“ (Естира 1:1). Но, оваа голема империја треба да ѝ го отстапи местото на друга, а во врска со ова, Даниеловата визија открива некои фасцинантни детали кои треба да ни ја зајакнат верата во Божјата пророчка реч.

КОЗЕЛОТ СЕ ФРЛА НА ОВЕНОТ

10. Во визијата на Даниел, кое животно се фрлило на „овенот“?

10 Замисли си колку е зачуден Даниел од она што сега го гледа. Извештајот вели: „Со внимание го гледав тоа и ете, од запад идеше еден козел, кој ја изоди целата земја, не допирајќи се до неа; и тој козел имаше знаменит рог меѓу очите свои. Се впушти врз оној овен што имаше рог [два рога, NW] и кога го видов како стои крај реката, тој се фрли врз него со силна јарост. И видов кога тој се приближи до овенот, свирепо се фрли на него и му ги скрши двата рога; и на овенот не му стигаа силите да устои против него, па затоа го кутна на земја и го згази, и немаше никој овенот да го избави од него“ (Даниел 8:5—7). Што значи сето ова?

11. а) Како го објаснил ангелот Гавриел „косестиот козел“ и неговиот ‚голем рог‘? б) Кој бил претставен со знаменитиот рог?

11 Ниту Даниел ниту, пак, ние сме оставени да нагаѓаме кое е значењето на визијата. Ангелот Гавриел го информира Даниел: „А косестиот козел е царот на Грција, додека големиот рог што се наоѓа меѓу неговите очи, тој е нејзиниот прв цар“ (Даниел 8:21). Во 336 пр.н.е. бил крунисан последниот цар на Персиската Империја, Дариј III (Кодоман). Истата година Александар станал цар на Македонија. Историјата покажува дека Александар Велики докажал дека е претскажаниот прв ‚цар на Грција‘. Тргнувајќи „од запад“ во 334 година пр.н.е., Александар брзо се движел. Како да ‚не ја допирал земјата‘, освоил територии и му се фрлил на „овенот“. Грција ѝ ставила крај на медо-персиската доминација која траела скоро два века и така станала петтата светска сила од библиска важност. Какво само извонредно исполнување на божественото пророштво!

12. Како ‚му се скршил‘ „големиот рог“ на симболичниот козел и што биле четирите рога кои излегле на негово место?

12 Но, моќта на Александар требало да биде краткотрајна. Визијата понатаму открива: „Тогаш козелот многу се возгордеа; но кога се засили, големиот рог му се скрши и на тоа место му изникнаа четири, свртени спрема четирите ветра небесни“ (Даниел 8:8). Објаснувајќи го пророштвото, Гавриел вели: „Тој е здробен и место него излегоа други четири: тоа се четирите царства што ќе се издигнат од тој народ, но не со негова сила“ (Даниел 8:22). Како што било претскажано, кога бил во зенитот на својата победоносна кариера, Александар бил „здробен“, односно умрел кога имал само 32 години. А неговата голема империја на крајот била поделена меѓу четворица негови генерали.

ТАИНСТВЕН МАЛ РОГ

13. Што израснало од еден од четирите рога и како постапувал тој?

13 Наредниот дел од визијата се протега низ повеќе од 2.200 години, а неговото исполнување достига до современа доба. Даниел пишува: „И од едниот од [четирите рога] излезе среден [мал, NW] рог, кој нарасна многу спрема југ и спрема исток и спрема убавата страна, па се издигна до небесната војска, собори на земјата дел од таа војска и од ѕвездите и ги смачка; се издигна дури и над водачот [Кнезот, NW] на таа војска, Му ја одзеде секојдневната жртва [постојаната одлика, NW] и го урна местото на Неговата светиња; и војската беше предадена заедно со секојдневната жртва [постојаната одлика, NW] поради бесчестието [престапот, NW]; а тој, откако ја собори вистината на земјата, дејствуваше и успеваше“ (Даниел 8:9—12).

14. Што рекол ангелот Гавриел за активностите на симболичниот мал рог, и што ќе се случи со тој рог?

14 Пред да можеме да го разбереме значењето на штотуку цитираните зборови, мораме да му обрнеме внимание на Божјиот ангел. Откако укажува дека на власт доаѓаат четирите царства од империјата на Александар, ангелот Гавриел вели: „А кон крајот на царството нивно кога отстапниците ќе ја исполнат мерката на своите беззаконија, ќе се издигне еден цар бесрамен [свиреп, NW] и искусен во сплеткарење; неговата моќ ќе се зацврсти, иако не со неговата сила; тој ќе врши чудни пустошења и ќе успева, ќе дејствува и ќе погубува јунаци и народи на светиите; со умот негов ќе напредува и сплеткарството во раката негова; во срцето ќе се возгордее и во мирно време ќе погуби мнозина; тој ќе се крене против Кнезот над кнезовите, но ќе биде победен — не со рака“ (Даниел 8:23—25).

15. Што му рекол ангелот на Даниел да направи во врска со визијата?

15 „Но ти сокри го тоа видение“, му вели ангелот на Даниел, „оти тоа се однесува на далечни времиња“ (Даниел 8:26). Исполнувањето на овој дел од визијата требало да се случи во „далечни времиња“, па Даниел требало да ‚го сокрие тоа видение‘. Неговото значење изгледа останало тајна за Даниел. Меѓутоа, досега сигурно поминале тие „далечни времиња“. Затоа прашуваме: ‚Што открива светската историја во врска со исполнувањето на оваа пророчка визија?‘

МАЛИОТ РОГ СТАНУВА СИЛЕН ВО МОЌТА

16. а) Од кој симболичен рог израснал малиот рог? б) Како станал Рим шестата светска сила од библиското пророштво, но зошто не бил симболичниот мал рог?

16 Според историјата, малиот рог бил израсток на еден од четирите симболични рога — на најзападниот. Тоа било хеленистичкото царство на генерал Касандар над Македонија и Грција. Подоцна, ова царство било апсорбирано од царството на генерал Лисимах, царот на Тракија и Мала Азија. Во вториот век пред нашата ера, Рим ги освоил овие западни делови на хеленистичкото подрачје. А до 30 година пр.н.е., Рим ги презел сите хеленистички царства и со тоа станал шестата светска сила од библиското пророштво. Но, Римската Империја не била малиот рог од визијата на Даниел, бидејќи таа империја не останала до „определеното време на крајот“ (Даниел 8:19NW).

17. а) Каква врска имала Британија со Римската Империја? б) Како е поврзана Британската Империја со хеленистичкото царство на Македонија и Грција?

17 Тогаш, кого го идентификува историјата како агресивниот ‚цар свиреп‘? Британија всушност била најсеверозападниот израсток на Римската Империја. Сѐ до раниот петти век н.е., во она што е сега Британија имало римски провинции. Со текот на времето, Римската Империја опаѓала, но влијанието на грчко-римската цивилизација останало во Британија и во други делови на Европа кои спаѓале под Римското Царство. „После падот на Римската Империја“, напишал мексиканскиот поет и автор, добитник на Нобелова награда, Октавио Пас, „нејзиното место го зазела Црквата.“ Тој додал: „Црковните отци, како и подоцнежните изучувачи, накалемиле грчка филозофија на христијанската доктрина“. А филозофот и математичар од 20-ти век, Бертранд Расел, забележал: „Западната цивилизација, што произлегла од грчки извори, се заснова на филозофската и научна традиција која започнала во Милет [грчки град во Мала Азија] пред две и пол илјади години“. Според тоа, може да се рече дека Британската Империја ги влече своите културни корени од хеленистичкото царство на Македонија и Грција.

18. Што е малиот рог кој станал ‚цар свиреп‘ во „времето на крајот“? Објасни.

18 До 1763, Британската Империја ги победила своите моќни ривали, Шпанија и Франција. Оттогаш таа се покажала како господарка на морињата и како седма светска сила од библиското пророштво. Дури и откако 13-те американски колонии се отцепиле од Британија во 1776 за да ги основаат Соединетите Американски Држави, Британската Империја толку пораснала што опфатила четвртина од Земјината топка и четвртина од нејзиното население. Седмата светска сила станала уште помоќна кога Соединетите Американски Држави стапиле во соработка со Британија за да ја формираат англо-американската двојна светска сила. Во економски и воен поглед, оваа сила навистина станала ‚цар свиреп‘. Според тоа, малиот рог кој станал свирепа политичка сила во „времето на крајот“ е англо-американската светска сила.

19. Што е „убавата страна“ спомната во визијата?

19 Даниел видел дека малиот рог ‚нараснал многу‘ кон „убавата страна“ (Даниел 8:9). Ветената земја, што Јехова му ја дал на својот избран народ, била толку убава што била наречена „украс на сите земји“, односно на целата Земја (Језекиил 20:6, 15). Навистина, Британија го зазела Ерусалим на 9 декември 1917, а во 1920 година Лигата на народите ја ставила Палестина под мандат на Велика Британија, што траело сѐ до 14 мај 1948. Но, визијата е пророчка и содржи многу симболи. А „убавата страна“ спомната во неа не го симболизира Ерусалим туку земната состојба на луѓето кои Бог ги смета за свети во времето на седмата светска сила. Да видиме како се обидува англо-американската светска сила да им се закани на светите.

УРНАТО Е „МЕСТОТО НА НЕГОВАТА СВЕТИЊА“

20. Кои се „небесната војска“ и „ѕвездите“ кои малиот рог се обидува да ги собори?

20 Малиот рог ‚се издигнал до небесната војска, соборил на земјата дел од таа војска и од ѕвездите‘. Според објаснувањето на ангелот, „небесната војска“ и „ѕвездите“ кои малиот рог се обидува да ги собори се „народи на светиите“ (Даниел 8:10, 24). Овие ‚светии‘ се христијаните помазани со дух. Поради тоа што Бог со нив влегол во посебен однос преку новиот завет, кој стапил на сила со пролеаната крв на Исус Христос, тие се посветени, очистени и одвоени за исклучителна служба на Бог (Евреите 10:10; 13:20). Со тоа што ги наименувал за наследници на небесното наследство заедно со својот Син, Јехова ги смета за свети (Ефесјаните 1:3, 11, 18—20). Според ова, „небесната војска“ во визијата на Даниел се однесува на остатокот од 144.000 ‚светии‘ кои се на Земјата, а ќе владеат на небото заедно со Јагнето (Откровение 14:1—5).

21. Кој го зазема „светото место“ кое седмата светска сила се обидува да го опустоши?

21 Денес, преостанатите од тие 144.000 се земни претставници на „небесниот Ерусалим“ — Царство на Бог слично на град — и на неговото храмско уредување (Евреите 12:22, 28; 13:14). Во оваа смисла тие заземаат ‚свето место‘ кое седмата светска сила се обидува да го прегази и да го опустоши (Даниел 8:13NW). Зборувајќи, исто така, за тоа свето место како за ‚утврдено место на [Јеховината] светиња‘, Даниел вели: „Му ја одзеде [на Јехова] секојдневната жртва [постојаната одлика, NW] и го урна местото [утврденото место, NW] на Неговата светиња; и војската беше предадена заедно со секојдневната жртва [постојаната одлика, NW] поради бесчестието [престапот, NW]; а тој, откако ја собори вистината на земјата, дејствуваше и успеваше“ (Даниел 8:11, 12). Како се исполнило ова?

22. Како направила голем „престап“ седмата светска сила за време на Втората светска војна?

22 Што доживеале Јеховините сведоци за време на Втората светска војна? Тие претрпеле силно прогонство! Тоа започнало во нацистичките и фашистичките земји. Но наскоро ‚била соборена вистината на земјата‘ низ огромното подрачје на малиот рог ‚чија моќ се зацврстила‘. „Војската“ од објавители на Царството и нивното дело на проповедање на „Евангелието“ биле забранети во скоро целиот Британски Комонвелт (Марко 13:10). Кога овие нации го регрутирале своето работоспособно население, одбиле да ги ослободат Јеховините сведоци од воена служба врз основа на нивната служба на министри, не покажувајќи никакво почитување кон нивното теократско наименување како министри на Бог. Јеховините верни сведоци во Соединетите Држави биле напаѓани од толпи и понижувани на различни начини. Всушност, седмата светска сила се обидела да им ја одземе жртвата на фалба — „плод од усните“ — што редовно му ја принесувал на Јехова неговиот народ како ‚постојана одлика‘ на своето обожавање (Евреите 13:15). Со ова, светската сила направила „престап“ така што го нападнала законскиот домен на Највишиот Бог — ‚утврденото место на Неговата светиња‘.

23. а) Како се кренала англо-американската светска сила „против Кнезот над кнезовите“ во текот на Втората светска војна? б) Кој е „Кнезот над кнезовите“?

23 Со прогонување на „светиите“ за време на Втората светска војна, малиот рог се издигнал „дури и над водачот [Кнезот, NW] на таа војска“. Односно, како што вели ангелот Гавриел, тој ‚се кренал против Кнезот над кнезовите‘ (Даниел 8:11, 25). Титулата „Кнез над кнезовите“ се применува исклучително на Јехова Бог. Хебрејскиот збор сар, преведен со „кнез“, е поврзан со глагол кој значи „извршува власт“. Освен тоа што се однесува на синот на царот или на лице од царски ранг, зборот се однесува и на некој што е глава, односно главен. Книгата Даниел спомнува и други ангелски кнезови — на пример Михаел. Бог е Главниот Кнез над сите такви кнезови (Даниел 10:13, 21; спореди Псалм 82:18). Можеме ли да си замислиме некого кој може да се крене против Јехова — Кнезот над кнезовите?

„СВЕТИЛИШТЕТО“ ВРАТЕНО ВО ИСПРАВНА СОСТОЈБА

24. Во што нѐ уверува Даниел 8:14?

24 Никој не може да му се спротивстави на Кнезот над кнезовите — па дури ни цар толку „свиреп“ како англо-американската светска сила! Овие обиди на царот да ја уништи Божјата светиња не успеваат. После период од „две илјади и триста вечери и утрини“, вели ангелскиот гласник, „светилиштето ќе се очисти [ќе се врати во својата исправна состојба, NW]“ или „ќе излезе како победник“ (Даниел 8:13, 14, The New English Bible).

25. Колку е долг пророчкиот период од 2.300 денови, и со кој настан мора да е поврзан?

25 Тие 2.300 денови претставуваат пророчки период. Според тоа, се работи за пророчка година од 360 дена (Откровение 11:2, 3; 12:6, 14). Тогаш, овие 2.300 денови ќе изнесуваат 6 години, 4 месеци и 20 дена. Кога настапил овој период? Па, во 1930-тите, Божјиот народ почнал да доживува зголемено прогонство во различни земји. За време на Втората светска војна, пак, Јеховините сведоци биле свирепо прогонувани во земјите на англо-американската двојна светска сила. Зошто? Затоа што настојувале ‚повеќе да му се покоруваат на Бога, отколку на луѓето‘ (Дела 5:29). Поради тоа, тие 2.300 денови мора да се поврзани со таа војна. * Но, што може да се рече за почетокот и за крајот на овој пророчки период?

26. а) Од кога најрано треба да се бројат тие 2.300 денови? б) Кога завршил тој период од 2.300 денови?

26 За „светилиштето“ да „се врати“ или обнови за да биде како што треба, тие 2.300 денови мора да започнале кога тоа претходно било во „исправна состојба“ од Божја гледна точка. Најрано, ова беше на 1 јуни 1938 кога Стражарска кула го објави првиот дел од статијата „Организација“. Вториот дел се појави во изданието од 15 јуни 1938. Ако се бројат 2.300 денови (6 години, 4 месеци и 20 дена од хебрејскиот календар) од 1 или од 15 јуни 1938, се доаѓа до 8 или 22 октомври 1944. На првиот ден од специјалниот собир одржан во Питсбург, Пенсилванија, САД, на 30 септември и 1 октомври 1944, претседателот на Watch Tower Society зборуваше на темата „Теократското подредување денес“. На годишниот состанок на здружението на 2 октомври, беше поправена повелбата на Заедницата во обид таа да се приближи што е можно повеќе до теократското уредување во границите на законот. Со објавувањето на разјаснетите библиски барања, теократската организација беше наскоро поцелосно воведена во собранијата на Јеховините сведоци.

27. Кој доказ постои дека ‚постојаната жртва‘ била ограничена во текот на годините на прогонство во Втората светска војна?

27 Додека течеа тие 2.300 денови за време на Втората светска војна, која започна во 1939, принесувањето на ‚постојаната жртва‘ во Божјето светилиште беше строго ограничено поради прогонството. Во 1938, Watch Tower Society имаше 39 подружници кои го надгледуваа делото на Сведоците ширум светот, но до 1943 останаа само 21. Порастот во бројот на објавители на Царството во тој период беше исто така мал.

28, 29. а) Додека Втората светска војна се ближела кон својот крај, кој настан се одиграл во Јеховината организација? б) Што може да се рече за злобните обиди на непријателот да го опустоши и уништи „светилиштето“?

28 Како што забележавме, во последните месеци од Втората светска војна, Јеховините сведоци повторно ја потврдија својата решеност да го величаат Божјето владетелство со тоа што му служеа како теократска организација. Токму со оваа цел во 1944 започнаа да го преуредуваат своето дело и управната структура. Всушност, Стражарска кула од 15 октомври 1944 содржеше статија со наслов „Организирани за конечното дело“. Таа, како и други статии ориентирани кон службата издадени во тој период, укажаа дека тие 2.300 денови завршија и дека „светилиштето“ е повторно во својата „исправна состојба“.

29 Злобните обиди на непријателот да го опустоши и уништи „светилиштето“ потполно пропаднаа. Навистина, остатокот од „светиите“ на Земјата, заедно со придружниците од ‚големото мноштво‘ излегоа како победници (Откровение 7:9). А светилиштето, во својата исправна теократска состојба, сега продолжува да му принесува света служба на Јехова.

30. Што ќе му се случи наскоро на ‚царот свиреп‘?

30 Англо-американската светска сила сѐ уште ја држи својата позиција. ‚Но ќе биде победена [скршена, NW] — не со рака‘, рекол ангелот Гавриел (Даниел 8:25). Многу скоро, оваа седма светска сила од библиското пророштво — овој ‚цар свиреп‘ — ќе биде скршен, но не со човечки раце туку со натчовечката моќ во Армагедон (Даниел 2:44; Откровение 16:14, 16). Колку е само возбудливо да се знае дека сувереноста на Јехова Бог, Кнезот над кнезовите, тогаш ќе се оправда!

[Фусноти]

^ Седумте светски сили со посебно библиско значење се: Египет, Асирија, Вавилонија, Медо-Персија, Грција, Рим и двојната светска сила Англо-Америка. Сите заслужуваат внимание бидејќи имале работа со Јеховиниот народ.

^ Даниел 7:25 исто така зборува за временски период кога ќе бидат ‚угнетувани светиите на Севишниот‘. Како што е објаснето во претходното поглавје, ова било поврзано со првата светска војна.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

• Што е претставено со

„овенот“ со „два рога“?

„косестиот козел“ со својот ‚голем рог‘?

четирите рога кои израснале на местото на „големиот рог“?

малиот рог што излегол од еден од четирите рога?

• Како се обидела англо-американската светска сила да го опустоши „светилиштето“ за време на Втората светска војна и дали успеала во тоа?

[Прашања]

[Карта/слика на страница 166]

(Види во публикацијата)

Медо-персиската Империја

МАКЕДОНИЈА

ЕГИПЕТ

Мемфис

ЕТИОПИЈА

Ерусалим

Вавилон

Екбатана

Суза

Персеполис

ИНДИЈА

[Карта/слика на страница 169]

(Види во публикацијата)

Грчката Империја

МАКЕДОНИЈА

ЕГИПЕТ

Вавилон

Реката Инд

[Карта на страница 172]

(Види во публикацијата)

Римската Империја

БРИТАНИЈА

ИТАЛИЈА

Рим

Ерусалим

ЕГИПЕТ

[Слика на целата страница 164]

[Слики на страница 174]

Некои истакнати луѓе во англо-американската светска сила:

1. Џорџ Вашингтон, првиот претседател на САД (1789—1797)

2. Британската кралица Викторија (1837—1901)

3. Вудроу Вилсон, претседател на САД (1913—1921)

4. Дејвид Лојд Џорџ, премиер на Британија (1916—1922)

5. Винстон Черчил, премиер на Британија (1940—1945, 1951—1955)

6. Френклин Д. Рузвелт, претседател на САД (1933—1945)