Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што ако го мразам својот изглед?

Што ако го мразам својот изглед?

ПОГЛАВЈЕ 7

Што ако го мразам својот изглед?

Дали често си разочаран од својот изглед?

□ Да □ Не

Дали некогаш си размислувал за пластична операција или за строга диета за да поправиш нешто во својот изглед?

□ Да □ Не

Кога би можел, кои свои карактеристики би ги сменил? (Заокружи.)

Висина

Градба

Тен

Тежина

Коса

Глас

АКО си одговорил со ‚да‘ на првите две прашања и си заокружил три или повеќе работи од третото прашање, размисли од малку поинаков агол: Најверојатно другите не те гледаат толку негативно како што се гледаш ти. Лесно е да претераш и премногу да се секираш за својот изглед. Всушност, една анкета покажа дека голем број девојки повеќе се плашат да не стават некое кило плус отколку да избие нуклеарна војна, да добијат рак или да ги изгубат родителите!

Факт е дека твојот изглед влијае врз твојата самодоверба — и врз тоа како другите се однесуваат со тебе. „Додека растевме, двете мои постари сестри изгледаа супер, а јас бев буцка“, вели Марина (19). „На училиште ме исмеваа. Згора на сѐ, тетка ми ми стави прекар Буци, како што се викаше нејзиното мало и дебело куче!“ И Јулија (16) имала слично искуство. „Една девојка на училиште ме задеваше и велеше дека имам заби како зајче. Добро, тоа не беше којзнае колку страшно, ама сепак се чувствував мизерно, па дури и сега се срамам од моите заби!“

Грижа или опсесија?

Не е ништо погрешно да се грижиш за својот изглед. Всушност, Библијата зборува убаво за физичкиот изглед на повеќе мажи и жени, а некои од нив се Сара, Рахела, Јосиф, Давид и Авигеја. За една девојка по име Ависага во Библијата пишува дека била „посебно убава“ (1. Царевите 1:4).

Меѓутоа, голем број млади се опседнати со својот изглед. На пример, некои девојки сметаат дека убава девојка е слаба девојка, а суперслабите манекенки во списанијата како да ставаат печат на таквото мислење. Малку важно што тие фантастични фотографии се ретуширани до совршенство или компјутерски обработени и што тие витки девојки мораат да се изгладнуваат за да ја зачуваат својата фигура! Сепак, ако се споредуваш себеси со она што го гледаш во списанијата, можеби се разочаруваш. Но, што да правиш ако навистина го мразиш својот изглед? Прво, треба да бидеш реален во однос на себе.

Искривена слика?

Си се гледал ли некогаш во искривено огледало? Одразот во огледалото те прави или поголем или помал отколку што навистина си. И во едниот и во другиот случај, сликата не е точна.

Слично на тоа, голем број млади имаат искривена слика за себе. Размисли за ова: Во едно истражување, 58 отсто од девојките сметале дека имаат вишок килограми, а всушност, тоа било случај со само 17 отсто од нив. Во едно друго истражување, 45 отсто од жените кои, всушност, биле преслаби мислеле дека се претешки!

Некои истражувачи велат дека повеќето девојки што се загрижени за својата тежина, немаат причина за тоа. Но, ова веројатно и не ти е голема утеха ако навистина имаш малку повеќе килограми. Меѓутоа, од која причина можеби имаш поголема тежина?

Еден фактор може да бидат гените. Некои луѓе по природа се слаби и ковчести. Но, ако твоите гени ти одредиле да имаш позаоблена става и малку повеќе масни наслаги, едноставно ти генетски не си предодреден да бидеш слаб. Дури и ако имаш идеална тежина, веројатно ќе изгледаш покрупен отколку што сакаш. Вежбите и диетата можат да помогнат, но најчесто не можеш да го смениш обликот на телото што си го наследил.

Друг фактор може да бидат нормалните промени што настануваат во пубертетот. Во тој период, кај едно девојче масните наслаги се зголемуваат од околу 8 на 22 отсто. Честопати, со текот на времето ова се менува, и едно буцкасто 11 или 12-годишно девојче по пубертетот израснува во витка тинејџерка. Од друга страна, што ако твоето тело е такво какво што е поради лоша исхрана или поради тоа што не вежбаш доволно? Што ако навистина треба да ослабиш од здравствени причини?

Да се биде разумен

Во Библијата е нагласено дека треба да бидеме „умерени“ (1. Тимотеј 3:11). Затоа, немој да прескокнуваш оброци или да претеруваш со диетите. Можеби најдобар начин да слабееш е да стекнеш навика здраво да се храниш и да вежбаш во разумни граници.

Нема потреба да ја држиш секоја диета што е популарна во моментот. На пример, таблетите за слабеење можеби ќе ти го намалат апетитот за некое време, но телото брзо се навикнува на нив, и потоа апетитот пак ќе ти се врати. Или, метаболизмот ќе ти се забави и пак ќе ги качиш килограмите — а да не спомнуваме до какви несакани нус-појави доаѓа кај некои, на пример, вртоглавици, висок крвен притисок, напади на вознемиреност, па дури и зависност. Истото може да се каже и за таблетите за исфрлање на течностите или за забрзување на метаболизмот.

Од друга страна, еден разумен режим на исхрана, заедно со умерено, но редовно вежбање, ќе ти помогне да изгледаш и да се чувствуваш убаво. Ако умерено вежбаш неколкупати седмично, ќе видиш колку ќе ти се подобри здравјето. Доволно е и малку брзо одење или качување по скали.

Чувај се од анорексија!

Сакајќи да ослабат, некои млади станале жртви на анорексијата — нарушување во исхраната кое е исто што и изгладнување и е опасно за животот. По четири месеци терапија за анорексијата, Масами вели: „Кога луѓето ќе ми речат: ‚Добро изгледаш‘, јас си велам: ‚Сигурно ми го кажуваат ова зашто сум се здебелила‘. Во такви периоди плачам и си мислам: ‚Камо да си ја вратам претходната тежина — тежината што ја имав пред четири месеци!‘“

Некој може да стане анорексичен многу наивно. На пример, една девојка можеби ќе започне диета која навидум изгледа безопасна бидејќи сака да изгуби само некое килце. Но, кога ќе ја постигне целта, не е задоволна. „Уште сум дебела!“ си мисли додека се гледа со незадоволство во огледалото. Затоа, решава да изгуби уште некое кило, па потоа уште некое, и уште некое... Така влегува во една шема, и полека анорексијата почнува да ја јаде.

Ако имаш симптоми на анорексија или на некое друго нарушување во исхраната, мораш да побараш помош. Довери му се на еден од родителите или на некој друг возрасен во кого имаш доверба. Една библиска изрека вели: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17).

Што е вистинска убавина?

Општо земено, во Библијата многу малку се става акцент на физичката убавина или на облините на телото. Она што го прави некого убав или не во очите на Бог е личноста, каков е однатре (Изреки 11:20, 22).

Да размислиме за Авесалом, синот на цар Давид. Библијата вели: „Во целиот Израел немаше човек кого толку го фалеа поради неговата убавина како Авесалом. Од стапалата до темето немаше недостаток на него“ (2. Самоилова 14:25). Сепак, овој млад човек бил подмолен предавник. Воден од гордост и амбиција се обидел да го преземе престолот на царот поставен од Јехова. Според тоа, во Библијата Авесалом не е прикажан во убаво светло, туку како бесрамен предавник и убиец полн со омраза.

Поентата од сето ова е дека „Јехова ги проценува срцата“ — не колкава половина има една девојка или колкави мускули има едно момче (Изреки 21:2). Затоа, иако не е ништо погрешно да сакаш да изгледаш добро, сепак многу поважно е каква личност си. На крајот на краиштата, на другите повеќе ќе им значат твоите духовни особини, а не тоа дали имаш големи мускули или рамен стомак!

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 10

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

Голем број млади се мачат со некоја хронична болест или инвалидитет. Ако и ти го имаш тој проблем, што ќе ти по могне да живееш со него?

КЛУЧЕН СТИХ

„Човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето“ (1. Самоилова 16:7)

ПРЕДЛОГ

Кога сакаш да ослабиш...

● Не го прескокнувај појадокот. Ако го прескокнуваш, гладот може да те натера да јадеш повеќе од обично.

● Пред секој оброк испиј голема чаша вода. Тоа ќе ти го убие апетитот и ќе ти помогне да се контролираш колку ќе изедеш.

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

Некои експерти предупредуваат дека ако се изгладнуваш за да ослабиш, твоето тело може да го прими тоа како некоја опасност, па затоа ќе го забави метаболизмот и брзо пак ќе ги вратиш килограмите што си изгубил!

ПЛАН!

За да се грижам подобро за моето здравје, ќе ․․․․․

За мене, разумно вежбање вклучува ․․․․․

Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

Што мислиш за својот изглед?

Кои се некои разумни работи што би можел да ги направиш за да изгледаш подобро?

Што би му рекол на некој пријател кој има нарушување во исхраната?

Како би му помогнал на својот помал брат или сестра разумно да гледа на својот изглед?

[Истакната мисла на страница 69]

››Долго време ме зафркаваа дека имам големи очи. Научив да се смеам на таквите забелешки, но и да бидам сигурна во себе како личност и да се потпирам на моите добри страни. Се помирив со својот изглед. Се прифаќам таква каква што сум‹‹ (Амбер)

[Слика на страница 68]

Твојата претстава за тебе може да наликува на одразот во едно искривено огледало