Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да престанам со мастурбирање?

Како да престанам со мастурбирање?

Поглавје 25

Како да престанам со мастурбирање?

„Почнав да мастурбирам кога имав осум години. Подоцна дознав што мисли Бог за тоа. Се чувствував ужасно секојпат кога ќе му попуштев на нагонот. Се прашував: ‚Како може Бог да сака некој како мене?‘“ (Луис)

КОГА ќе влезеш во пубертет, сексуалните желби може да станат особено силни. Како резултат на тоа, може да почнеш да мастурбираш. * Мнозина би рекле дека тоа не е ништо страшно. „Никој не е повреден“, велат. Меѓутоа, има добра причина зошто да ја отфрлиш таа навика. Апостол Павле напишал: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: ...сексуалната страст“ (Колошаните 3:5). Мастурбирањето не само што не ја усмртува сексуалната страст туку ја разгорува. Освен тоа, размисли за следново:

● Мастурбирањето поттикнува ставови што се тотално себични. На пример, оној што мастурбира не мисли на ништо друго освен на тоа да ги задоволи своите телесни желби.

● Оној што има навика да мастурбира почнува да ги гледа другите од спротивниот пол само како сексуални објекти, или играчки, за да си ги задоволи своите желби.

● Како последица од себичноста што се раѓа преку мастурбирање може да биде потешко да се задоволат сексуалните желби во бракот.

Наместо со мастурбирање да се ослободиш од насобраниот сексуален набој, труди се да развиваш самоконтрола (1. Солуњаните 4:4, 5). За да ти помогне во тоа, Библијата препорачува да избегнуваш ситуации што би можеле сексуално да те возбудат (Изреки 5:8, 9). Но, што ако веќе си станал роб на навиката да мастурбираш? Можеби си пробал да прекинеш, но без успех. Лесно би можел да си помислиш дека ти нема помош, дека не си способен да живееш во склад со Божјите праведни мерила. Токму така мислел и Педро. „Ужасно се чувствував секојпат кога ќе попуштев на нагонот“, вели тој. „Мислев дека ништо не може да ме искупи за тоа што го правев. Ми беше тешко да се молам.“

Ако и ти се чувствуваш така, не се обесхрабрувај. Не си безнадежен случај. Многу млади луѓе — а и возрасни — успеале да ја остават навиката да мастурбираат. Можеш и ти!

Како да се бориш со чувствата на вина

Како што веќе беше кажано, оние што имаат навика да мастурбираат честопати ги измачуваат чувства на вина. Без сомнение, тоа што си ‚разжалостен во склад со Божјата волја‘ може да ти даде мотив да ја оставиш таа навика (2. Коринќаните 7:11). Но, претераното чувство на вина може да има спротивен ефект. Може толку да те обесхрабри што едноставно ќе сакаш да престанеш да се бориш (Изреки 24:10).

Затоа, труди се објективно да гледаш на работите. Мастурбирањето е облик на нечистота. Може да те направи ‚роб на разни желби и уживања‘, а развива и штетни ставови (Тит 3:3). Сепак, мастурбирањето не е облик на тежок сексуален неморал, како што е блудот (Јуда 7). Затоа, ако имаш проблем со мастурбирање, не треба да заклучиш дека си направил непростлив грев. Најбитно е да се спротивставиш на нагонот и никогаш да не престанеш да се бориш!

Лесно е да се разочараш откако ќе попуштиш и пак ќе мастурбираш. Кога ќе се случи тоа, сети се на зборовите од Изреки 24:16: „Ако праведникот падне и седум пати, пак ќе стане, а злиот ќе пропадне во неволјата“. Привремен неуспех не значи дека си зол човек. Затоа, не се предавај. Анализирај се за да видиш што те навело пак да попуштиш, и труди се да не ти се повтори.

Одвој време да размислуваш за љубовта и милоста на Бог. Псалмистот Давид, кој и самиот имал слабости, рекол: „Како што е таткото милосрден кон своите синови така Јехова е милосрден кон оние што се бојат од него. Зашто, тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:13, 14). Да, Јехова го зема во обѕир фактот дека сме несовршени и е ‚спремен да прости‘ (Псалм 86:5). Од друга страна, сака да дадеме сѐ од себе за да се поправиме. Тогаш, кои практични чекори можеш да ги направиш за да престанеш со мастурбирањето?

Размисли за својата забава. Дали гледаш филмови или ТВ-програми или отвораш веб-страници што сексуално те возбудуваат? Псалмистот мудро го молел Бог: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“ * (Псалм 119:37).

Натерај се да се концентрираш на нешто друго. Еден христијанин по име Вилијам го дава овој совет: „Пред да си легнеш, читај нешто поврзано со духовни работи. Многу е важно последната мисла во денот да ти биде за духовни работи“ (Филипјаните 4:8).

Разговарај со некого. Од срам, можеби ти е тешко да зборуваш за твојот проблем дури и со некој во кого имаш доверба. Но, разговорот може многу да ти помогне да ја оставиш навиката да мастурбираш! Еден христијанин, Дејвид, се уверил во тоа. „Разговарав насамо со татко ми“, вели тој. „Никогаш нема да ги заборавам неговите зборови. Со блага насмевка на лицето, ми рече: ‚Се гордеам со тебе, сине‘. Знаеше колкава храброст ми требаше за да зборувам со него. Затоа, она што ми го рече беше токму она што ми требаше за да се охрабрам и да решам да се поправам.

Потоа ми покажа неколку стихови што ми помогнаа да видам дека не сум ‚безнадежен случај‘, а и некои други стихови за да сфатам колку е сериозно и погрешно она што го правев. Договоривме период во кој ќе се трудам да останам чист и потоа пак да разговараме. Ми рече да не се разочарам ако повторно ми се случи да мастурбирам, и следниот пат да пробам да издржам подолг период.“ До каков заклучок дошол Дејвид? Тој вели: „Од огромна помош ми беше тоа што и некој друг беше свесен за мојот проблем и ми помагаше“. *

ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

На сексот без обврска не треба да се гледа ноншалантно. Откриј зошто.

[Фусноти]

^ пас. 4 Мастурбирањето не треба да се меша со несвесната сексуална возбуда. На пример, едно момче може да се разбуди сексуално возбудено или да доживее ејакулација во текот на сонот. Слично на тоа, и некои девојки може да бидат несвесно возбудени, особено пред или по менструалниот циклус. За разлика од ова, мастурбацијата значи намерно самозадоволување.

^ пас. 15 Повеќе информации има во том 2, поглавје 33.

^ пас. 18 Повеќе информации има во том 2, страници 239-241.

КЛУЧЕН СТИХ

„Бегај од желбите на младоста, а тежнеј кон праведност, вера, љубов, мир, заедно со оние што од чисто срце го повикуваат Господарот“ (2. Тимотеј 2:22)

ПРЕДЛОГ

Моли се пред нагонот да стане силен. Моли го Јехова Бог да ти дава „сила, која ја надминува нормалната“ за да се спротивставиш на искушението (2. Коринќаните 4:7).

СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?

Секој може да попушти на своите сексуални нагони. Но, треба да си вистински маж или вистинска жена за да покажеш самоконтрола, дури и кога си сам/а.

ПЛАН!

Ќе можам да си го насочам умот на чисти мисли ако ․․․․․

Наместо да попуштам на нагонот, ќе ․․․․․

Во врска со ова, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

ШТО МИСЛИШ?

● Зошто е важно да не изгубиш од вид дека Јехова е ‚спремен да прости‘? (Псалм 86:5)

● Штом Бог, кој ги создал сексуалните нагони, вели дека треба да покажуваш самоконтрола, каква доверба има тој во тебе?

[Истакната мисла на страница 182]

„Откако ја оставив таа навика, имам чиста совест пред Јехова, а тоа е нешто што не би го менувала за ништо на светот!“ (Сара)

[Слика на страница 180]

Ако паднеш додека трчаш, не значи дека мораш да се вратиш на стартот — исто и ако ти се случи повторно да мастурбираш, не значи дека пропаѓа сѐ што си постигнал досега