Еремија 38:1-28

38  Сефатија, синот на Матан, и Годолиј, синот на Пасхор, и Јухал,+ синот на Селемија, и Пасхор, синот на Малхија,+ ги чуја зборовите што му ги рече Еремија на целиот народ:+  „Вака вели Јехова: ‚Кој ќе остане во овој град, ќе загине од меч,+ од глад+ и од помор.+ А кој ќе излезе пред Халдејците, ќе остане жив и ќе ја добие својата душа како плен и ќе биде жив‘.+  Вака вели Јехова: ‚Овој град навистина ќе биде предаден во рацете на војската на вавилонскиот цар, и тој ќе го освои‘ “.+  Тогаш кнезовите му рекоа на царот: „Погуби го, те молиме, овој човек,+ бидејќи ги обесхрабрува воините кои преостанаа во овој град и сиот народ, зборувајќи им такви зборови!+ Зашто, тој човек не му посакува мир на овој народ, туку неволја“.  Тогаш царот Седекија рече: „Еве, во ваши раце е. Зашто, царот во ништо не може да ви се спротивстави“.+  И го зедоа Еремија и го фрлија во јамата* на Малхија,+ царевиот син, во Стражарскиот Двор.+ Го спуштија долу со јажиња. А во јамата немаше вода, туку само тиња, така што Еремија пропадна во тињата.+  Но Етиопјанецот+ Авде-Мелех, човек што беше царски дворјанин, чу дека Еремија го фрлиле во јамата. А царот тогаш седеше кај Венијаминовата Порта.+  И излезе Авде-Мелех од царскиот дворец и му рече на царот вака:  „Царе, господару мој, овие луѓе направиле зло со она што му го направиле на пророкот Еремија, кого го фрлиле во јамата. Ќе умре+ таму од глад,+ зашто повеќе нема леб во градот“. 10  Тогаш царот му заповеда на Етиопјанецот Авде-Мелех: „Поведи со себе триесет луѓе и извлечи го пророкот Еремија од јамата додека не умрел!“+ 11  И Авде-Мелех ги поведе луѓето, отиде во царскиот дворец во просторијата под ризницата+ и зеде оттаму износени облеки и стари крпи, па со јажиња му ги спушти на Еремија во јамата.+ 12  Тогаш Етиопјанецот Авде-Мелех му рече на Еремија: „Те молам, стави ги тие облеки и крпи под пазувите, под јажињата!“ И Еремија направи така.+ 13  Потоа го извлекоа Еремија со јажињата и го извадија од јамата. Оттогаш Еремија остана во Стражарскиот Двор.+ 14  Цар Седекија испрати по пророкот Еремија да дојде кај него+ на третиот влез,+ кој беше во Јеховиниот дом.+ Тогаш царот му рече на Еремија: „Ќе те прашам нешто. Немој ништо да ми затаиш!“+ 15  А Еремија му рече на Седекија: „Ако ти кажам, ќе ме погубиш. И ако ти дадам совет, нема да ме послушаш“.+ 16  Тогаш цар Седекија му се заколна на Еремија тајно: „Како што е жив Јехова, кој ни го даде овој живот,*+ нема да те погубам и нема да те предадам во рацете на оние што ја бараат твојата душа“.+ 17  А Еремија му рече на Седекија: „Вака вели Јехова, Богот над војските,+ Богот на Израел:+ ‚Ако излезеш пред кнезовите на вавилонскиот цар,+ твојата душа ќе остане жива, а овој град нема да биде изгорен со оган. Ќе останете живи и ти и твојот дом.+ 18  Но, ако не излезеш пред кнезовите на вавилонскиот цар, овој град ќе биде предаден во рацете на Халдејците, и тие ќе го изгорат со оган,+ а ти нема да избегаш од нивната рака‘ “.+ 19  Тогаш цар Седекија му рече на Еремија: „Се плашам од Јудејците* кои пребегаа кај Халдејците.+ Би можеле да ме предадат во нивни раце, па ќе ме исмејуваат“.+ 20  А Еремија му рече: „Нема да те предадат. Послушај го, те молам, гласот на Јехова, кој ти го пренесувам, па ќе поминеш добро+ и твојата душа ќе остане жива! 21  Но, ако не излезеш,+ еве што ми покажа Јехова: 22  гледај, сите жени, кои преостанаа во дворецот на царот на Јуда,+ ги изведуваат пред кнезовите на вавилонскиот цар+ и велат:‚Те заведоа и те надвладеаја оние што беа во мир со тебе.+Ја наведоа твојата нога да пропадне во тиња, а потоа те напуштија‘.+ 23  Сите твои жени и твоите синови ги изведуваат пред Халдејците, а и ти нема да избегаш од нивната рака,+ туку ќе те фати раката на вавилонскиот цар, а овој град поради тебе ќе биде изгорен со оган“.+ 24  Тогаш Седекија му рече на Еремија: „Никој не смее да дознае за тоа, инаку ќе загинеш! 25  Ако чујат кнезовите+ дека сум разговарал со тебе, па дојдат кај тебе и ти речат: ‚Кажи ни, те молиме, што му рече на царот? Немој ништо да криеш од нас, па нема да те погубиме! Што ти кажа царот?‘ 26  — ти одговори им: ‚Го молев царот за милост, да не ме праќа назад во куќата на Јонатан,+ за да не умрам таму‘ “. 27  Потоа дојдоа сите кнезови кај Еремија и почнаа да го испрашуваат. Но тој им одговараше онака како што му беше заповедал царот.+ Тогаш престанаа да го испрашуваат, бидејќи не дознаа ништо за разговорот. 28  А Еремија остана во Стражарскиот Двор+ сѐ до денот кога Ерусалим беше освоен.+ А сѐ што рече тој се исполни кога Ерусалим беше освоен.+

Фусноти

Или: „резервоарот“.
Буквално: „душа“.
Или: „Евреите“.